100 години Цитроен – ОТСЕКОГАШ СВОЈ НА СВОЕТО

26/06/2019

ДА БИДЕ ПОСЕБЕН РЕЧИСИ ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД, ДА БИДЕ ПОРАЗЛИЧЕН ОД ОСТАНАТИТЕ, ДА Е СЕКОГАШ ПРЕПОЗНАТЛИВ. ТАКВА ФИЛОЗОФИЈА НА ЖИВОТ НЕГУВА ЦИТРОЕН, ЕДЕН ОД РЕТКИТЕ ВО СВЕТОТ НА АВТОМОБИЛИТЕ КОЈ ВИСТИНСКИ Е ПОИНАКОВ.

 

Еден век производство на возила е навистина за почит. Ви ја претставуваме марката и компанијата „Цитроен“ која опстојува точно 100 години. Цитроен отсекогаш си бил свој на своето. Ако останатиот свет одел по некој претходно устоличен начин на работа и создавал, да кажеме, возила во кои сè е веќе познато и видено, Цитроен понекогаш малку, а понекогаш малку повеќе се двоел од останатите производители на автомобили. Огледало на тоа двоење се неговите препознатливи дизајни кои се пронижуваат низ дел од неговата армада која брои повеќе од 300 модели. Тој е прв на тлото од континентов со сериско производство на автомобили, начин на работа позајмена од Хенри Форд.

Како што одминувале месеците, усовршувајќи ја производната лента, по само една година Цитроен успеал да произведува 100 автомобили на ден. Првиот автомобил со името Цитроен се појавил во 1919 година, моделот „тип а“. Оттогаш започнува приказната за автомобилите кои најмногу Ѝ посветуваат внимание на удобноста, но пред сè на уникатноста во однос на другите. Основачот Анри Цитроен е првиот кој своите производи ги прател со реклама – ја осветлил кулата на Ајфел со името на своите автомобили и заштитниот знак.

Големиот финансиски успех го поттикнал да вложи во нови производни единици. Старата фабрика ја руши и на нејзино место гради нова, современа и поголема. За време на градењето производството воопшто не било прекинато, напротив, се одвивало како и пред изведување на градежните работи и воедно подготвувал револуционерно ново возило, моделот „тракшн авант“. Тоа се случило во 1933 година, а спомнатиот нов автомобил бил прикажан во 1934 година. „Цитроен тракшн авант“ е класична лимузина за тој период со четири врати задвижувана од четири или шестцилиндричен мотор. Луксузната лимузина е произведена во околу 760.000 примероци во периодот од 1934 до 1957 година.

Градењето на новата фабрика и развојот на луксузната лимузина „тракшн авант“ предизвикале финансиски потешкотии во компанијата. Затоа на совет од тогашната влада, Мишлен, најголемиот вложувач во Цитроен, ја превзема компанијата, а на нејзино чело е поставен е Пјер Мишлен.

Веднаш по Втората светска војна во 1948 год. на сцената стапува моделот „2 ц в“ кој ќе биде произведуван сè до 1990 година. Неговиот безвременски дизајн и конструкција е дело на Андре Лефебре, Фламинио Бертони, Валтер Бечија и Марсел Чинон. Од година во година моделот „2 ц в“ бил сè повеќе и повеќе прифаќан не само од возачите во матичната земја туку и надвор од неа.

Во четирите децении од своето постоење, овој модел стана легенда и еден од најпосакуваните. Мини и фиатовата „петстотка“ стасаа да биде обновени и повторно пуштени во продажба, но таква среќа засега немаат „двата коњи на парен погон“. Од каде сега тие два коњи на парен погон? „2 ц в“ во превод значи „два коња“, односно два парни коња, не како пар, туку коњи на пареа (deux chevaux-vapeur).

Годините по појавувањето на моделот „2 ц в“ минуваа во знакот на автомобилот, но компанијата генерално се соочува истовремено и со успеси и со финансиски падови. Во тој превртлив период се појави лимузината „д с“ со доттогаш невиден дизајн, каде и да се појавеше предизвикуваше воодушевување. Првичното прикажување на луксузната лимузина се случи на Салонот за автомобили во Париз во 1995 година. Тој несекојдневен и напреден дизајн „да не личам на никој друг туку да бидам единствен“, всушност ја претставува душата на Цитроен, неговата посебност по која е познат до денешен ден. Ако сега на улица сретнете „д с“ нема шанси, а да не се завртите и да не ја измеркате необичната лимузина со еден и единствен и над сè екстравагантен дизајн, кој не се сретнува ниту кај еден друг автомобил во светот. Дури и името соодејствува со посебниот и прекрасен дизајн – двете букви „д с“ се замена за „Божица“ („десе“, досетка за божица на француски). Не- одоливиот облик е дело на Фламинио Бертони истиот дизајнер кој учествувал во создавањето на линијата на моделот „2 ц в“, а заедно со него бил и Андре Лефебре, конструкторот на авиони и колега на Бертони во проектот „2 ц в“.

ЦИТРОЕНОВАТА ХИДРАУЛИКА Е ПОСЕБНА ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД

Сопственикот на моделот „дс“ не морал да употребува дигалка за да смени пневматик затоа што автомобилот сосема солидно се однесувал со само три исправни пневматици. Независно обесените тркала, секое за себе, односно хидрауликата всушност овозможува возење на автомобилот со само три исправни пневматици. Кај нас моделот беше познат како „цитроен ајкула“, „цитроен жаба“ и „деголка“ затоа што тогашниот претседател Дегол се возел со таков автомобил и благодарение на него останал жив при обид за атентат врз него. Од појавувањето во 1955 до прекинување на производството во 1975 година, произведени се 1,5 милиони примероци од моделот „д с“.

Наредниот успешен модел со кој Цитроен успеал да направи добар финансиски резултат е типичниот градски модел „а икс“, по него доаѓа моделот „саксо“, а потоа на сцена стапуваат моделите, најнапред „ц 3“, подоцна „ц 2“ и „ц 1“, од градските. Моделот „з икс , исто така, е солиден во продажбата заедно со неговата замена „ксарата“ и сега „ц 4“. Како семеен автомобил од средната класа Цитроен го има моделот „ц 5“ додека неговите претходници „ксантија“ и „г с“ не можеа да се пофалат со поголем профит. На врвот од понудата Цитроен ја имаше луксузната лимузина „ц 6“, автомобил чиј предок е моделот „д с“.

Минатите три до четири децении во автомобилската индустрија се создадени неколку луксузни марки зад кои стојат веќе добро познати производители. Истото го направи и Цитроен кога ја основа марката „Д С“, неговата луксузна дивизија. Ако некогаш тие две букви „д с“ значеа божица, денес „Д С“ значи „поинаков дух“ (диферент спирит).

Кога е во прашање спортот и трките со автомобили, Цитроен не е од тие без титули. Во времето кога царувал моделот „д с“ токму со него успеал два пати да биде прв на легендарното рели Монте Карло. Потоа настапува период на некој вид притаеност за некаде во ерата на моделот „ксара“ повторно да блесне со дуото Себастијан Лоеб / Даниел Елена во Светскиот шампионат во рели. Оваа „убиствена“ комбинација, Цитроен / Лоеб / Елена, девет пати по ред се ис- качуваше на нависокото место на подиумот, успех кој досега никој го нема повторено. Сега Цитроен е осамен на врвот благодарение на претходно споматиот возач и совозач со освоени девет титули и тоа една по друга во периодот од 2004 заклучно со 2012 година. Цитроен останува под капата на Мишлен сè до 1976 година кога компанијата одлучува целосно да се посвети на развој на пневматиците, а производството на автомобилите го оставил во рацете на Пежо. До денешен ден Цитроен се наоѓа во компанијата „Пежо СА Пежо Цитроен“, а од неодамна им се придружи и Опел, односно и тој е под капата на Пежо.

И покрај тоа што не е самостојна компанија, Цитроен и натаму „тера“ по свое. Сегашните негови модели „ц 4 кактус“, „ц 3“ се приказна сами за себе. Тие што сакаат да имаат единствен и неповторлив автомобил, посебен во речиси секој поглед, нека се заинтересираат за овие два спомнати модели, а на ред е лимузината „ц 5“ од која добрите познавачи на приликите во сферата на автомобилскиот дизајн, очекуваат многу и затоа Цитроен треба да внимава што ќе исфрли на пазарот, за да не дојде до разочарување на тие експерти по дизајн, но и да не ги разочара страсните љубители на автомобили.

Луксузната лимузина „ц 6“ веќе е надвор од сите вообичаени шеми и само се чека моментот кога повторно ќе заблеска со екстраваганцијата која никој не се осудува ни на сон да ја повтори, да ја ископира.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.