WRC Рели МЕКСИКО-ШЕСТКРАТНИОТ ШАМПИОН СЕ ВРАЌА ВО ИГРА

05/05/2020

СО ГОДИНЕШНАТА ПОБЕДА НА РЕЛИТО ВО МЕКСИКО, СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ СЕ ИЗЕДНАЧИ СО СВОЈОТ СОНАРОДНИК СЕБАСТИЈАН ЛОЕБ ПО БРОЈОТ НА ПОБЕДИ НА ОВА РЕЛИ. ИАКО СЕГА И ДВАЈЦАТА ДЕЛАТ ПО ШЕСТ ПОБЕДИ, ШАНСИТЕ ЗА ПРЕВЛАСТ ВО ГОДИНИТЕ ШТО ДОАЃААТ СЕ НА СТРАНА НА ОЖИЕ.

 

Прекриено со ограничувањето за патување заради глобалната закана од вирусот Ковид-19, годинешното рели на Мексико се одржа во скратен формат и заврши еден ден порано од предвиденото. Со заедничка одлука на тимовите, одговорните лица на FIA и организаторите на настанот беше донесена одлука релито на Мексико да заврши со одвозени 75% од вкупниот број на предвидени брзински испити. Скратениот формат беше нужен за да можат посетителите странци, персоналот на тимовите и официјалните лица да стигнат до своите матични држави и семејства сигурно откако многу држави ширум светот почнаа да воведуваат рестрикции за патување, но и да ги затвораат границите. Во еден ваков глобален стисок сепак релито на Мексико успеа да приреди возбудливи моменти кои ги освоија рели-фанатиците ширум светот. Победата отиде во рацете на Себастијан Ожие. Негова шеста победа на овој исцрпувачки тежок настан и за екипажите, но и за автомобилите и тимовите. Со победата во Мексико, Ожие се изедначи по бројот на победи на ова рели со својот сонародник деветкратниот светски шампион Себастијан Лоеб. Но, во прилог на Ожие, é што му преостануваат уште шанси да го победи Лоеб во овој интерен француски дуел. Како и да е шесткратниот светски шампион конечно успеа да извојува победа за својот нов тим годинава. Ова е трето рели за Ожие во тимот на Toyota и зад волан на Yaris WRC. Рели кое французинот со нетрпение го очекуваше како прв вистински рели настан од сезоната кој се вози на чакал и на кого ќе има прилика да го покаже своето возачко умеење во полно светло. Откако не успеа да го најде вистинскиот ритам на првите две релија од сезоната, специјализираните настани релито на Монте Карло, и релито на Шведска, Ожие дојде на свое во Мексико. Настан познат по големата надморска височина и високите температури кои ги исцрпуваат екипажите и ги ставаат на вистински тест автомобилите. Во изминатите две сезони токму Toyota имаше големи проблеми со прегревање на моторот на Yaris WRC. Едноставно системот за ладење немаше доволно капацитет за да се избори со уништувачките температури на регионот Гуанахуато во Централно Мексико. Меѓутоа евидентно е дека за годинава инженерите на рели тимот на Toyota го решиле проблемот. Автомобилите функционираа беспрекорно и му помогнаа на тимот да поведе во шампионатот на производители. Благодарение на третата стартна позиција Ожие беше во поповолна положба од својот тимски другар Елфин Еванс кој како лидер во шампионатот за возачи стартуваше прв и буквално мораше да ги мете патеките од слободните камчиња чакал кои делуваат како лагери и ја ограничуваат тракцијата. Затоа на Ожие му појде од рака да прејде во водство од самиот почеток на релито и да не го испушти до крај. Несакајќи да ја ризикува стекнатата предност возеше умерено во текот на вториот натпреварувачки ден контролирајќи ја ситуацијата од врвот. Така стигна до својата толку посакувана победа за својот нов тим. Воедно победата го промовираше во нов лидер во шампионатот за возачи. Вистинска борба се водеше за второто место меѓу актуелниот шампион От Танак и возачот на M-Sport Ford, Тему Сунинен. Иако Сунинен успешно се бранеше во поголемиот дел од релито од нападите на Танак, сепак, попушти препуштајќи му ја втората позиција. Сунинен кој ги изгуби сопирачките на едно од тркалата на неговата Fiesta WRC во завршницата од релито беше искрен и призна дека и без пехот немал сили да се одбрани од налетот на Танак. Тимот на M-Sport Ford пливаше во проблеми на ова рели. Автомобилот на Есапека Лапи се запали на седмиот брзински испит и беше проголтан од пламените јазици. Запна и тимот на Hyundai. Проблеми со електриката ги сопреа Нувил и Сордо оставајќи го Танак сам да ја брани честа на тимот. Toyota беше единствениот тим кај кого сите екипажи успеаја да стигнат до целта. Еванс заврши четврти, а Кале Ровапера петти. Податок кој јасно говори за издржливоста на рели-автомобилот на Toyota.

По релито во Мексико во генерален пласман меѓу возачите води Ожие со 62 бодови, зад него е Еванс со 54 бодови, а на трето место е Нувил со 42 бодови. Меѓу производителите убедливо води Toyota со 110 бодови пред Hyundai со 89 бодови и Ford со 65 бодови. Како ќе се одвиваат настаните во понатамошниот дел од сезоната засега не се знае. За сега релијата на Аргентина, Португалија и Сардинија кои се возат во месец април, мај и јуни соодветно се одложени заради глобалната закана од вирусот Ковид-19.

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.