СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ ОСВОИ ДВЕ ПОБЕДИ ЕДНОПОДРУГО. ВО ПОРТУГАЛИЈА И НА САРДИНИЈА. ВОЕДНО СЕ ЗАКИТИ И СО ДВА НОВО ИСПИШАНИ РЕКОРДИ. СЕДМА РЕКОРДНА ПОБЕДА ВО ПОРТУГАЛИЈА И ПЕТТА РЕКОРДНА ПОБЕДА НА САРДИНИЈА.
Едноставно одбива да се предаде. Осумкратниот светски шампион Себастијан Ожие освои сè што можеше да биде освоено на изминатите два настани од Светскиот шампионат во рели. Иако вози скратена програма, легендата меѓу активните возачи во WRC, сè уште претставува сила на која мора да се смета. Благодарение на упорноста и смиреноста, доминираше и на релито на Португалија, и на релито на Сардинија.
Ожие можеби не беше најбрзиот возач на исклучително грубите патеки кои ги одбележаа и двата настани, но затоа беше соземен, и трпеливо градејќи ја својата позиција стигна до огромен успех. Ожие успеа да ги собори сопствените рекорди. На релито на Португалија ја освои рекордната седма победа, додека на релито на Сардинија ја однесе рекордната петта победа. Поставувањето на нови рекорди го става на листата на најуспешни возачи на сите времиња кога станува збор за овие два настани. Не веруваме дека некој во блиска иднина ќе успее да ги собори овие рекорди. Подеднакво интересен е и фактот кој говори за неговата извонредна форма. Ожие годинава стартуваше на четири, од шест одржани настани, и победи на три од нив. Елфин Еванс победи на два, Кале Рованпера на еден. Победите му помогнаа да го престигна Кале Рованпера во генералниот пласман за возачи, и да се искачи на второ место, веднаш зад Елфин Еванс, сечејќи ја разликата на само 17 бодови.
Релито на Португалија и релито на Сардинија се два од трите исклучително непредвидливи настани кои ја заокружуваат првата половина од сезоната. Третиот настан е Релито Акрополис на Грција. Високите температури и грубите патеки прекриени со чакал знаат да бидат поразителни за автомобилите, посебно за гумите и подвозјето. Воедно оваа подлога не им оди во прилог на оние кои се на врвот од табелата. Да се стартува прв на овие настани значи да се игра ролја на метла која го чисти слободниот чакал под тркалата додека тие се борат да дојдат до тврда подлога. Оние подолу во поредокот веќе имаат тврда подлога и ја користат ситуацијата за да напредуваат полесно. Така борбата меѓу подобрите и послабите станува изедначена претворајќи го релито во една од највозбудливите дисциплини во мотоспортот.
РЕЛИ НА ПОРТУГАЛИЈА
Toyota која доминираше на претходното рели, релито на Канарски Острови, се очекуваше својата доминација да ја повтори и на релито на Португалија. Но, во Португалија се случи пресврт. Доминацијата во перформанси ја презеде Hyundai, иако победата повторно замина во раце на јапонскиот тим. Поточно во раце на Себастијан Ожие, кој на ова рели ја освои рекордната седма победа. Меѓутоа на крајот од релито осумкратниот светски шампион призна дека перформансите на неговиот тим беа засенети од оние на Hyundai. Посебно од От Танак, на кого и Ожие му симна капа за брзината.
Релито во Португалија беше исцрпувачко. Со исклучително долга маршрута која остави траги врз екипажите. Тие на високите температури минуваа и по 15 часа дневно во автомобил, без време за одмор и малку време за јадење, што на крај остави трага и врз нивните перформанси. Нивното негодување поддржано со факти отиде дотаму што организаторот за в година ќе мора да ја ревидира рутата.
Почетокот на релито мина во знак на Hyundai. Водечките екипажи на Toyota не успеаја најдобро да се снајдат на слободниот чакал. Посебно Еванс кој како лидер во шампионатот не најде начин да се бори со подлогата. Ејдриен Формо и От Танак беа предводници. Hyundai за првпат годинава покажа перформанси кои го задржуваат вниманието. Според времињата на брзинските испити, значително беше побрз од Toyota. Но, не беше доволно издржлив. Корејските автомобили не го издржаа бруталното камшикување од грубите патеки. Формо, при рано водство се откажа заради откорнато лево тркало, и тоа од удар, кој не би требало да предизвика толкава штета. Тој му го предаде водството на Танак, кому, на крај од вториот ден, камен му го скрши куќиштето од сервото. Така летечкиот Естонец, како што го нарекуваа на ова рели, остана без серво. Остана да се бори, но без серво загуби многу време и му го предаде водството на Ожие. Фрацузинот го искористи подарокот и победи.
Кале Рованпера го заврши релито на трето место. После брилијантните перформанси на Канарските Острови, Финецот повторно не успеа да најде соодветен сетап со гумите на Hankook. Пробуваше комбинации, но очигледно за него ништо од тоа не функционираше. На крај Рованпера призна дека можеби никогаш нема да успее да се навикне на гумите на Hankook, кои, според него, по конструкција се спротивни на неговиот стил на возење.
Четвртото место во Португалија му припадна на Тиери Нојвил. За разлика од тимските другари Танак и Формо, тој не можеше да најде вистински сетап за борба со грубите патеки, и мораше да се задоволи со оствареното. Такамото Катсута заврши петти, а Еванс шести, откако младиот Сами Пајари одлучи да подзапре пред крај и да го пропушти во обид да му помогне во потерата по титула. Пајари на крајот од релито нагласи дека немало наредба од тимот, туку дека одлуката е лично негова. Тој нагласи дека кога сезоната ќе дојде при крај секој бод е важен за освојување на титула. Затоа одлучил да му помогне на Еванс.
РЕЛИ НА САРДИНИЈА
И додека сè уште лебдеа импресиите од исцрпувачкото рели на Португалија, започна релито на Сардинија. И на ова рели грубите патеки бараат соодветен пристап за да се стигне до крај. Ожие и тука покажа дека е мајстор за проценка на условите и прилагодување кон нив. Затоа стигна до уште една голема победа. За разлика од Португалија, во Сардинија го презеде водството од првиот ден. Поведе рано, но кон средина на денот загуби доста време борејќи се со лизгавиот чакал. Во овој сегмент од релито Формо и Нојвил покажаа силен напредок заради стартната позиција. Меѓутоа нивниот напад не траеше долго. Нојвил на петтиот испит од релито удри во брег, сериозно го оштети автомобилот и се откажа. Формо го наследи, но се бореше со сетапот на коментирајќи дека автомобилот е премногу тврд и не ги впива ударите од грубата подлога. Полека паѓајќи со перформансите Формо му го предаде водството на Ожие, кој ги надмина проблемите. Формо денот го заврши втор, а Танак со скршен амортизер стигна трет. Од четврто до седмо место беа наредени екипажите на Toyota. Пајари четврти, Рованпера петти, Еванс шести. Катсута кој се преврте, но продолжи, беше седми. Еванс и Рованпера немаа технички проблеми, но заради старт- ната позиција не успеаја да направат повеќе.
Благодарение на одмерените перформанси Себастијан Ожие го задржа водството и на крај од вториот ден. Формо беше декласиран уште на почеток од денот. Прво застана да смени гума, а потоа направи кус излет надвор од патеката по што загуби 5 минути и падна на деветтото место. Танак ја наследи втората позиција од него, но издишана гума го спречи да се бори со Ожие за водство.
Со Формо надвор од игра Пајари го наследи третото место, но загуби време откако го оштети автомобилот на третиот испит од денот. Рованпера и Еванс немаа проблеми, но напредуваа полека. Го прескокнаа Пајари за трето, и четврто место соодветно, додека Пајари заврши петти.
Со Ожие и Танак во позиција да се борат за победа, последниот ден од релито на Сардинија како да беше пресликан од минатата сезона. Лани, тука, Ожие загуби од Танак за минорни 0,2 секунди. Временски најтесниот финиш во историјата на Светскиот рели шампионат, вистинска драма до последната секунда. Секако сеќа- вањето на минатогодишните настани не му одеше во прилог на Ожие. Пресијата беше голема. Дури, за малку можеше и да загуби. Во последните неколку километри од релито, во еден тесен свијок со длабоки бразди неговиот автомобил одби да сврти. Ожие мораше да се врати во рикверц за да сврти и да продолжи. Иако оваа случка му ја преполови предноста од 17,1 секунди во однос на Танак, сепак стигна до нова рекордна победа на Сардинија.
Пофалните зборови за тимот како сами да излегуваа од уста на Ожие. Тој нагласи дека после падот во перформансите на релито на Португалија, тимот завршил одлична работа и успеал да се изедначи со Hyundai кога се вози на чакал. Рованпера повторно заврши на третата позиција, Еванс беше четврти, а Катсута петти. Пајари остана на седмата позиција, а Нојвил и Формо го завршија релито дури на деветнаесеттата и дваесеттата позиција.
Во очекување на уште едно брутално рели, релито Акрополис на Грција, кое се вози од 26 до 29 јуни сликата во шампионатот за возачи не му оди во прилог на Еванс. Иако Велшанецот останува на врвот со 133 бодови, Ожие со 114 бодови и Рованпера со 113 бодови веќе сериозно му се доближуваат. Апсолутна доминација на возачите на Toyota, која, доминира и меѓу производителите со 312 бодови пред Hyundai кој има 243 бодови.