ДОМИНАТНА ПОБЕДА НА ОТ ТАНАК НА АРКТИЧКОТО РЕЛИ НА ФИНСКА ПО КОЈА СЕ ВРАЌА ВО ИГРАТА ЗА ТИТУЛА, ДОДЕКА КАЛЕ РОВАНПЕРА СТАНА НАЈМЛАДИОТ ЛИДЕР МЕЃУ ВОЗАЧИТЕ ВО 49 ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ.
Традиционалното рели на Шведска кое важеше за единствениот снежен настан во Светскиот шампионат годинава изостана од календарот. Делумно заради турбуленциите предизвикани од пандемијата Ковид-19, а делумно заради отсуството на снег во последните години во пределите каде се вози релито. Затоа за годинава беше одлучено да се оди уште подалеку на Север кон Поларниот круг. Секако најдобри услови за одржување на рели во овој регион има Финска. Пределите во близина на градот Рованиеми сместен на само 6 км од Поларниот круг се совршени за ваков настан. Рованиеми кој е главен град на Лапонија, најсеверната провинција на Финска, а важи и за официјален дом на Дедо Мраз, се покажа како извонреден домаќин на првото Арктичко рели на Финска. Релито одушеви со мазните смрзнати патеки заградени со насипи снег, кои парадоксално дозволуваат брзини од преку 200 km/h. Овие вртоглави бројки се остваруваат благодарение на гумите со крампони кои од годинава за WRC ги испорачува Pirelli. Единственото кое му недостасуваше на ова рели беше публиката. Веруваме дека фановите ќе го направеа целиот настан уште повозбудлив. Но, ете!
Факт е дека Светскиот шампионат никогаш до сега во својата 49 годишна историја не отишол толку на Север за да организира рели. Но, времињата се менуваат. Пред почетокот на ова ледено рели сите очи беа свртени кон младиот Кале Рованпера кој ги брани боите на тимот на Toyota. Многумина посакуваа со своите 20 години Кале да стане најмладиот возач во историјата кој победил на рели од Светскиот шампионат. Желбите на рели-фановите ширум светот не беа без основа. Mинатата сезона на релито на Шведска Рованпера зад волан на Yaris WRC покажа дека е исклучително брз на снег. Згора, тој зад себе има извозено повеќе километри на снег од сите возачи заедно кои стартуваа на Арктичкото рели. Покрај фактот што има големо искуство на снег тој ги познава овие патеки како својот џеб бидејќи минатата година на нив го освои националното рели.
За жал, Рованпера не го освои Арктичкото рели на Финска. Му недостасуваа 17,5 секунди за да го надвози победникот От Танак. Меѓутоа, сепак, влезе во историјата на Светскиот шампионат како најмладиот возач кој станал лидер меѓу возачите и успеа да го победи Танак на последниот телевизиски брзинец. Сепак Естонецот доминираше на релито. Од старт, до финиш. Ниту еден од ривалите не успеа вистински да го предизвика на снежните патеки. Единствено можеби Рованпера. Но, неговите напори не беа доволни за да се престигне залетаниот Танак.
Атакот на победа Танак го најави со одличните резултати на тестирањето пред почеток на релито. Не препуштајќи ништо на случај стартот на релито како да беше продолжение на тестот. Танак поведе од првиот брзинец и почна да создава предност која подоцна беше навистина тешко да се достигне. Неговиот напад делуваше како одмазда кон боговите на релито кои на отворањето на сезоната во Монте Карло не му дозволија да се најде на заслужената позиција. Второто место на крајот од првиот ден од релито му припадна на тимскиот другар на Танак, Крег Брин кој одлично се снајде на снежните патеки. Рованпера ,пак, на страна од очекувањата, не можеше подобро од третото место. Нувил заврши четврти, а Еванс петти. Победникот од Монте Карло и актуелниот шампион Себастијан Ожие стартувајќи прв се најде затекнат од количеството снег што мораше да го мете. Немаше доволно тракција, и заостануваше. Заврши дури деветти. Естонецот и во текот на вториот ден продолжи со исто темпо. Од првите шест брзинци на релито победи на пет. Само четвртиот му припадна на Елфин Еванс бидејќи Танак закачи во снежниот брег и загуби време. Остатокот од денот можеше да си дозволи да ја контролира ситуацијата од врвот. После шест брзинци имаше предност од 25 секунди пред второпласираниот Рованпера. А, до крајот од вториот ден остануваа уште два испити од кои последниот се возеше во темница. Тука Танак беше претпазлив но, сепак, едвај да загуби секунда во однос на Рованпера до крајот на денот. Брин не успеа да ја задржи позицијата. Имаше повеќе средби со снежните брегови во текот на денот и падна на четвртото место препуштајќи му го третото на својот тимски другар Нувил. Петти беше Еванс. Дури четири екипажи на Hyundai со i20 Coupe WRC се најдоа меѓу првите шестмина. Шести беше дебитантот Оливер Солберг, син на шампионот од 2003 година Петер Солберг. Тој со своите 19 години покажа дека е одличен познавач на снежните патеки. Ожие беше трагичар на денот. Не најде соодветен одговор за снегот, а на последниот брзинец во мракот се заби во снежен брег на само 200 метри пред целта. Остана заглавен цели 20 минути кои означија крај на релито за шампионот.
Не остана многу што да се прави на последните два брзинци кои ја сочинуваа рутата на последниот натпреварувачки ден. Танак продолжи да ја контролира ситуацијата без да влегува во непотребен ризик. Загуби уште 7 секунди во однос на Рованпера и го освои релито. Младиот Финец заврши втор, но со победата на ТВ брзинецот која му донесе дополнителни 5 бода стана лидер на шампионатот. Нувил го задржа третото место пополнувајќи го подиумот за Hyundai. Брин и Еванс, исто така, ги задржаа позициите, додека Такамото Катсута со Yaris WRC го мина Солберг и заврши шести.
Танак призна дека за овој настан имал прецизна тактиката која ја исполнил до перфекција. На рели на кое никој нема искуство со супербрзите Арктички патеки знаел дека само ако создаде голема предност на почеток и потоа ја контролира ситуацијата од врвот може да успее. Нема двојби дека тактиката функционираше како швајцарски часовник. Ниту Рованпера кој важеше за фаворит пред почетокот на релито и познавач на снежните патеки не успеа да му се доближи на Танак.
Младиот Финец не беше задоволен бидејќи не можеше да го предизвика Танак. Призна дека не успеал да најде баланс со автомобилот, и дека секогаш е тешко да се форсира кога автомобилот е склон кон подуправување. После измените на сетапот Рованпера се чувствувал посамоуверено, но не доволно за да вози на лимит. Според него постојано биле близу до лимитот, но никако повеќе од тоа.
Само 12 бодови ги делат најдобрите петмина возачи во шампионатот. Лидер е Рованпера со 39, а зад него Нувил со 35 бода. Следат Ожие и Еванс со по 31 бод, и Танак со 27 бода. Меѓу производителите сè уште води Toyota со 88, додека второпласираниот Hyundai има 77 бодови. Секако со само две одвозени релија многу е рано да се прават било какви предвидувања. Следно е релито на Хрватска кое се одржува за првпат во историјата на Светскиот шампионат. Се вози на асфалт, а стартот е на 22-ри април.