АПСОЛУТНА ДОМИНАЦИЈА НА CADILLAC НА ИНТЕРЛАГОС. 6 ЧАСА НА САО ПАОЛО СЕ ПРЕТВОРИЈА ВО ПРВА ГОЛЕМА ПОБЕДА ЗА АМЕРИКАНСКИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ НА ТРКИ НА ИЗДРЖЛИВОСТ НА FIA, ВО ТОЛКУ ПОГОЛЕМА ШТО ДОЈДЕ ВО ФОРМАТ 1-2
Cadillac Herz Team Jota конечно дојде по заслуженото. Прикажа апсолутна превласт низ 6 часа на Сао Паоло, буквално доминирајќи на легендата меѓу патеките Интерлагос. Како во квалификациите, така и во трката, ниту еден од противниците, за волја на вистината, овој пат не му беше ниту до колена на Cadillac. Можеби е најдобро така за американскиот производител кој сепак победи, условно кажано, на американско тло. Дали Јужно, или пак, Северно, во овој случај и не е толку важно. Голема победа во формат 1-2, во една голема трка, во која, во директен дуел потклекна Porsche, а Ferrari и Toyota ги немаше ниту на повидок.
Со нетрпение се очекуваше стартот на 6 часа на Сао Паоло, поточно, на отворањето на тркачкиот викенд на автодромот Интерлагос. Зошто? Затоа што, после кралицата на трките на издржливост, 24 часа на Ле Ман, каде годинава Ferrari славеше трет пат едноподруго, на 6 часа на Сао Паоло за првпат годинава се очекува да добиеме пореална слика за распоредот на силите на терен. Причина за ова, како што пишувавме по завршувањето на 6 часа на Спа-Франкоршамп, е системот на FIA за еквивалентност, односно, за баланс на перформансите наречен BoP – Balance of Performance. И да се види дали воведувањето на новите ограничувања за изедначување на перформансите за вториот дел од сезоната ќе влијае врз болидите на Ferrari, или пак тие ќе останат недопирливи, како и досега.
За во Бразил болидите Ferrari 499P беа 12 kg потешки и имаа 12 КС помалку во однос на 6 часа на Спа. Болидите Toyota GR010 имаа иста тежина со оние на Ferrari 1.069 kg, и 3 КС поголема моќност. 963 на Porsche беа 2 kg полесни и 8 КС помоќни. Cadillac V-Series исто така 2 kg полесни, но дури 20 КС помоќни. Одличниот A424 на Alpine се здебели 8 kg и загуби 11 КС, додека M Hybrid на BMW, пак, доби 9 kg и 3 КС плус. Единствено 9X8 на Peugeot и Valkyrie на Aston Martin можеа да возат со минималната тежина од 1.030 kg и максималната моќност од 707 КС.
Откако системот BoP ги распредели наоколу килограмите и коњските сили, и се чини најсоодветно во оваа сезона, работите малку мрднаа. На слободните тренинзи Toyota и Porsche ги имаа најдобрите времиња. Блиску беа и Ferrari, и BMW, и Alpine, но и Cadillac, ù изненадувачки Aston Martin. Нивните Valkyrie во втората сесија се пласираа петти и осми.
Меѓутоа квалификациите и сесијата Hyperpole прикажаа нешто сосема поинакво. Нешто кое не успеавме да го видиме ниту минатата, ниту, пак, во оваа сезона. И според виденото, се чини дека системот BoP има многу поголемо влијание врз перформансите отколку што се очекуваше. И се надеваме, заради одржливоста на шампионатот, FIA ќе се преиспитува на оваа тема и ќе најде посоодветен начин за имплементација на BoP во текот на сезоната. Очигледно е дека системот BoP, имплементиран за годинешнава сезона: (место после секоја трка, за споредба се земаат параметрите од последните три трки, и се поставуваат за следните три), не функционира најсоодветно, и оди, од крајност, во крајност. Cadillac растури на квалификациите и на сесијата Hyperpole. Број 12 со Алекс Лин ја прелета патеката за 1:22.829 на квалификациите, додека зад него број 94 и број 93 на Peugeot возеа со 1:23.208 и 1:23.269. На сесијата Hyperpole Лин беше уште постравичен. Го сврте Интерлагос за 1:22:570 и ја доби полпозицијата. Неговиот тимски другар Себастијан Бурде во број 38 беше (.100) поспор, односно ја сврте патеката за 1:22.670 за да стартува од првиот ред веднаш до Лин. Но, заради прекршок направен врз број 93 Peugeot, Бурде е казнет и ќе стартува од третата позиција. Во првиот ред до Лин ќе стартува број 5 Porsche со Жулиен Анадауер со време од 1:22.834. Четврти е број 94 Peugeot со Малте Јакобсен и време од 1:22.948. Третиот ред, пак го делат број 20 BMW и број 93 Peugeot. Болидите на Ferrari и на Toyota како да исчезнаа од приказната. Најдобар Ferrari беше број 83 со Роберт Кубица зад волан на приватниот тим AF Corse кој годинава победи на 24 часа на Ле Ман. Број 83 не успеа подобро од 9 позиција, додека Антонио Фуоко со број 50 и Антонио Џовинаци со број 51 беа 14 и 17. Најдобра Toyota беше број 8 со Рио Хиракава и ќе стартува од 10 стартна позиција, додека минатогодишниот полсетер Камуи Кобајаши во број 7 беше последен, дури 18 на сесијата Hyperpole.
Како и квалификациите, така и трката мина во знак на американскиот тим. Број 12 кој стартуваше од полпозиција, сега со Стивенс зад волан, го задржа приматот на стартот и ја поведе трката, но не за долго. Заради техничка грешка, погрешен притисок во гумите, мораше да издржи казна drive-through. Водството го презеде број 5 Porsche со Жулиен Андауер, додека број 38 Cadillac со Ерл Бамбер возеше близу зад него. Меѓутоа веќе по два часа тркање и предвидените влегувања во пит-стоп заради замена на возачите Cadillac број 12 повторно изби на чело на трката. Вториот американски автомобил со број 38 успеа да го престигне број 5 на Porsche преземајќи ја втората позиција. Овој распоред на водечката двојка не се смени до крајот на трката. Повеќе немаше изненадувања кога станува збор за водечките број 12 и број 38 на Cadillac кои како да се зацементираа на лидерската позиција. Хируршки прецизно изведените застанувања во бокс и добро одмерената тактика им овозможи да стигнат до првата победа на еден американски тим во Светскиот шампионат на трки на издржливост. Голем успех за Cadillac и за партнерството со Herz Team Jota.
Porsche број 5 се обиде во завршницата на трката да го нападне Cadillac број 38, но без успех, и мораше да се задоволи со третата позиција. Четвртата пак, му припадна на вториот автомобил на Porsche со број 6 кој веќе заостануваше цел круг зад водечкото трио. Во ист круг се најде и петто пласираниот BMW со број 20, додека болидите на Peugeot број 94 и број 93 кои завршија шести и седми веќе заостануваа по два круга зад победникот. Што се однесува до Peugeot ова е нивниот најдобар пласман годинава. Осми заврши Ferrari број 83 на AF Corse, деветти Alpine број 36, а десетти Porsche број 99 на Proton Competition. Што се случи со фабричките болиди на Ferrari и со оние на Toyota? Тие останаа надвор од првата десетка. Број 51 и број 50 на Ferrari освоија 11 и 12 место, додека број 7 и број 8 на Toyota завршија на 14 и 15 место. Ferrari и Toyota ги раздвои Aston Martin со број 9 кој финишираше тринаесетти.
Шесте часа на Сао Паоло годинава изненадија и во послабата класа LMGT3. За прв пат во оваа класа Lexus успеа да победи на трка од Светскиот шампионат. Lexus RC F број 87 на тимот на Akkodis стигна до својата прва голема победа во историјата на оваа дисциплина од мотоспортот. Тие ги добија квалификациите, но беа втори на сесијата Hyperpole. Сепак, во текот на трката постојано беа на врвот, дури и после изречената казна drive-through за брзо возење во пит стоп. Големата предност му помогна на Lexus број 87 да остане на водечката позиција и да финишира во голем стил. Во борбата за втората позиција во која учествуваа повеќе возила како победник излезе Corvette Z06 број 81 на TF Sport. Третото место му припадна на Aston Martin Vantage GT3 број 10 на тимот Racing Spirit of LeMan, а четвртото на тимот Iron Dames. Железните дами со Porsche 911 GT3 број 85 за влакно ја загубија борбата за подиум од број 10 на Aston Martin и мораа да се задоволат со освоеното. Почетокот на втората половина од сезоната во WEC најавува возбудлива завршница. Ferrari останува на врвот во шампионатот со досега освоени 175 бодови, но Cadillac брзо се доближи со 120 бодови и го зазеде второто место. Трет е Porsche со 111 бодови. Со оглед на фактот дека алгоритмите на системот BoP работат на мистичен начин, со нетрпение ја чекаме следната трка Лоун Стар Ле Ман која се вози на патеката СОТА во Остин Тексас од 5 до 7 септември.