Тест BMW 220 Gran Coupe-КОМПАКТНА ФОРМА СО ГОЛЕМА САМОДОВЕРБА

03/08/2025

СО НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА СЕРИЈА 2 GRAN COUPE, БАВАРСКАТА МАРКА УШТЕ ЕДНАШ ПОТВРДУВА ДЕКА И ВО КОМПАКТНАТА КЛАСА ЗНАЕ КАКО ДА СОЗДАДЕ ПРЕМИУМ ИСКУСТВО ДОСТОЈНО НА СВОЕТО РЕНОМЕ, ДОДЕКА ВО ПРОЦЕСОТ ОСТАНУВА ДОСЛЕДНА НА СВОЈАТА ФИЛОЗОФИЈА ДЕКА СТИЛОТ И ДИНАМИКАТА НИКОГАШ НЕ СМЕАТ ДА ТРПАТ КОМПРОМИСИ

 

СПОРТСКА ЕЛЕГАНЦИЈА

Од прв поглед е јасно дека новиот Gran Coupe добива поспортски карактер. Предната маска сега е поистакната и изразено тродимензионална, со што му дава на автомобилот став на самоуверен играч кој знае што претставува. Поклопецот на моторот е оформен со остри линии кои го водат погледот кон централно поставеното лого, создавајќи впечаток на динамика дури и кога возилото стои во место. Новите светлосни групи, со остар потпис и впечатлива LED графика, совршено се вклопуваат во современиот визуелен јазик на BMW. Дизајнот добива дополнителна драматичност благодарение на издолжената силуета со врати без рамки, додека класичниот „Hofmeister kink“ на Ц-столбот, овој пат дискретно означен со бројот „2“, симболично го поврзува овој модел со поголемите и полуксузни членови на BMW семејството. Задниот дел носи карактеристичен Gran Coupe изглед, краток багажник со интегриран црн спојлер и елегантни LED светла со дизајнерски забец што дополнително ја нагласува динамиката. Единствена забелешка е неприсуството на издувни цевки кај оваа моторна верзија, естетска одлика резервирана за помоќните модели. Доколку треба да се опише накратко изгледот на моделот, ќе кажеме дека ова е препознатлив BMW дизајн во својата најдобра форма, што во случајов претставува еволуција, а не револуција, која совршено ја вклопува традицијата со визијата за иднината.

ВОЗАЧКИ ОРИЕНТИРАНА, НО ПРАКТИЧНА КАБИНА

Доколку надворешноста плени со агресивност, ентериерот заведува со прецизност. Веднаш по влегувањето зад воланот, станува јасно дека ова е BMW во својата суштина, со јасно дефиниран спортски амбиент и беспрекорно чувство за ергономија. Управувачот е со идеални пропорции, дизајниран за динамично возење, а спортските предни седишта нудат извонредна странична поддршка без да ја жртвуваат удобност. Ова е автомобил со кој подеднакво ќе уживате и на долги патувања и на планински свиоци. Финеси како „М“ обоеното шиење на инструмент таблата, вистинските алуминиумски елементи и амбиенталното осветлување што се пробива низ прецизни отвори во алуминиумските површини, создаваат атмосфера што го подигнува внатрешниот простор на премиум ниво. Кабината е целосно ориентирана кон возачот, но истовремено нуди и практичност, задната клупа нуди доволен простор за колената, иако линијата на покривот е мал компромис за патници повисоки од 180 cm. Багажниот простор изнесува 360 литри, доволно за секојдневни потреби, а благодарение на преклопливите задни седишта, флексибилноста дополнително се зголемува. Централно место во кабината зазема новиот закривен екран, кој во себе ги спојува дигиталната инструмент табла и инфозабавниот систем. Интерфејсот, преземен од поголемите BMW модели, нуди лесна навигација и брзо поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Климатизацијата е секогаш на дофат преку долниот дел од екранот. За дополнителна персонализација се грижи функцијата „My Modes“, со која амбиентот може да се приспособи според расположението, од смирувачки тонови до динамични графики. Компанијата уште еднаш покажува дека умее да создаде ентериер кој инспирира, не само за возење, туку и за уживање во секој момент поминат во кабината.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ТРИРЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБО БЕНЗИН
ЗАФАТНИНА: 1.499 CM3
МОЌНОСТ НА
АГРЕГАТОТ:
170 КС
При 4.700 врт/мин
МЕНУВАЧ: 7 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА ПРЕДИТЕ ТРКАЛА
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILINK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 225/40 R19,
ПОЗАДИ 225/40 R1
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 1.525 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4.546Х1.445Х1.800 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
7.9 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
5.7 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
220 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
59.878 ЕВРА

 

СПОРТСКИ ДУХ СО МОДЕРЕН ПОГОН

Во срцето на тесттираниот модел работи познатиот 1.5-литарски трицилиндричен турбо бензинец, овој пат надграден со благ хибриден систем. Самостојно, моторот испорачува 156 КС и 240 Nm, но интегрираниот електромотор додава уште 20 КС и 55 Nm, што резултира со вкупно 170 КС и 280 Nm комбиниран вртежен момент. Овие бројки се преточуваат во 7,9 секунди до „стотка“ и максимална брзина од 230 км/ч, постигнувања кои го поставуваат Gran Coupe меѓу најагилните модели во својата класа. Благата хибридна технологија овозможува не само подинамични перформанси, туку и подобрена ефикасност. Официјално декларираната потрошувачка од 5,7 литри на 100 километри, но во реални услови, вредностите се движат околу 7,5 до 8 литри. Силата се пренесува преку 7-степен Steptronic автоматски менувач со двојна спојка, кој функционира беспрекорно и обезбедува прецизни и брзи промени на брзините. Благодарение на одлично избалансираната суспензија и прецизното управување, германците успеале да го задржат она автентично „возачко чувство“ што ја дефинира марката, и покрај тоа што платформата е со преден погон. При активирање на Sport режимот, Gran Coupe добива уште понагласен динамичен карактер: реакциите на педалот за гас стануваат поагресивни, управувањето поостро, а звукот од моторот поприсутен. Автомобилот не се обидува да биде чистокрвен спортски купе, но за оние кои сакаат активно возење, нуди повеќе од доволно агилност и задоволство. Она што го издвојува е совршениот баланс помеѓу удобност и спортски дух, идеално за оние кои бараат автомобил што може да се прилагоди и на секојдневието и на возачките страсти. BMW 220 Gran Coupe е автомобил кој прецизно ги спојува стилот, технологијата и динамиката во една целина. Со дизајн кој плени, ентериер кој инспирира и погон кој нуди перформанси и ефикасност, овој модел достојно ја носи значката на BMW.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.