Светско првенство во Мото ГП-ЗАДОЦНЕТИ РЕПЛИКИ

27/10/2021

ФАБИО КУАРТАРАРО ИМА ОДЛИЧНА СЕЗОНА ПО ТРАНСФЕРОТ ВО ФАБРИЧКИОТ ТИМ НА ЈАМАХА, НО ИАКО НА ПОЧЕТОКОТ НА СЕЗОНАТА СЕ ЧИНЕШЕ ДЕКА ЌЕ ИМА ПОТЕШКА РАБОТА ВО БОРБАТА ЗА ТИТУЛАТА, НЕГОВИТЕ РИВАЛИ ГО „ПОДИГНАА ГАРДОТ“ ДУРИ ПРЕД КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА

 

Франческо Бањаја и Марк Маркез успеаја да се наметнат во финишот на сезоната како победници во трките од светското првенство на Мото ГП и да го свртат вниманието кон себе, наместо кон претендентот за тронот, Фабио Куартараро. Осумкратниот светски првак Маркез е апсолутен крал на патеката Заксенринг во Германија каде оваа година славеше и 11-ти пат по ред, но слична врска има и со патеката во Тексас, на која оствари седма победа во Мото ГП. Шпанскиот возач беше пребрз за конкуренцијата и покрај тоа што стартуваше од третото место, па уште од воведот изби на врвот и доминатно и убедливо стигна до нова победа на својата втора омилена трка во Мото ГП календарот. Марк еуфорично славеше по извонредното возење, а победата ја посвети на трагично починатиот Ники Хејден кој беше миленик на сите мото фанови во Америка.

Маркез ги критикуваше нерамнините на асфалтот и посочи дека трката во Остин е најнебезбедна од сите што се користат во Мото ГП. Ја сакам оваа патека многу, ми се допаѓа концептот, но состојбата на асфалтот е најлоша во целото првенство. Не е многу лагодно да се вози на оваа патека, не се работи за нерамнини, туку целата подлога се поместува. Секоја година е полошо, безбедноста за нас директните учесници се намалува, изјави Маркез. Сепак, Фабио Куартараро заврши како втор и ја зголеми предноста во генералниот пласман, а подиумот го комплетираше Франческо Бањаја. Возачот на Дукати претходно славеше на две трки по ред, онаа во Арагон, а потоа и на трката за Големата награда на Сан Мариново Мизано.

 

ЖОЛТАТА АРМИЈА НА „ДОКТОРОТ“ РОСИ

Во својата претпоследна трка на домашно тло, Валентино Роси не можеше да ги израдува италијанските тифози со добар резултат и освоени бодови на трката за Големата награда на Сан Марино, но тоа не ја поколеба илјадната публика да му даде поддршка и поздрав на својот миленик. Роси најави дека ги вози последните трки во својата блескава Мото ГП кариера, но во претпоследниот настап во Мизано мораше да се задоволи само со 17-то место.

И покрај лошиот резултат, не криеше дека е потресен од емоциите кои ги почувствувал во последниот круг и поздравот по крајот на трката.

Од една страна, сето ова што ми се случува е многу убаво, многу сум возбуден. Последниот круг беше фантастичен, да ја видам цела таа поддршка. Можам само да им се заблагодарам на моите тифози, ме следеа во текот на целата кариера, во тешките моменти ми беа огромна поддршка. Навистина сум трогнат и потресен, но истворемено жалам што не можам да бидам поконкурентен во овие последни трки, – изјави Валентино, кој во Тексас призна дека заморот од тренинзите во петок и сабота прави да нема доволно сила за неделните трки.

Организаторите најавија дополнителни 10.000 гледачи за втората трка во Мизано, која ќе биде проштална за деветкратниот светски првак на италијанско тло.

 

РЕКОРДЕН КАЛЕНДАР ЗА 2022 ГОДИНА

Доколку се остварат предвидувањата, состојбата со Ковид-19 ќе биде под контрола и во 2022 година календарот ќе има 21 трка, од кои две се сосема нови: Индонезија и Финска. Додека трката во Индонезија беше дел од Мото ГП до 1997 година, сепак сега нема да се вози на автодромот Сентул, туку на сосема нова локација, на островот Ломбок. Новиот автодром се вика Мандалика и е изграден специјално за овие трки, но надвор од тркачките викенди ќе се користи како локален пат. Од друга страна, Финска беше најавена во календарот уште во 2018 година, но поради доцнење на изведбата и појавата на Ковид-19, инаугурацијата изостана сè до овие моменти кога се чини сè е подготвено за старт.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.