ВРЕМЕНСКИТЕ УСЛОВИ СЕ ДЕЛ ОД МОЗАИКОТ НА ДЕТАЛИ ШТО КАКО ЕНИГМАТСКИ ПРАШАЊА СЕ НАМЕТНУВААТ ВО СЕКОЈА ТРКА, А ВО СЛУЧАИТЕ НА МОТО ГП ВО ЛЕ МАН И СИЛВЕРСТОУН, СЕ ПОКАЖАА КАКО ПРЕСУДНИ.
Требаше да поминат пет гран при викенди од светското првенство за некој да го симне Дукати од врвот, откако доминацијата на италијанската компанија беше надополнета и со ривалството на браќата Маркез кои комплетно го преземаа шоуто и борбата за првото место во генералниот пласман.
За волја на вистината, тоа не се случи само по себе, но трката на историската патека во Ле Ман, која воедно е дом на француските возачи од Мото ГП, се покажа како навистина инспиративна. Фабио Куартараро ја донесе Јамаха до пол-позиција поставувајќи време од 1:29.324, иако на првиот тренинг започна со 6 десеттинки зад Маркез. Сепак, браќата Маркез во спринт трката покажаа дека она што Фабио може да го постигне во еден круг, сепак не може да го направи во сите кругови од трката, па еден по еден го престигнаа. Куартараро имаше пролизгување во шестиот круг, но успеа да продолжи, за на крај да стигне како четврти зад Алдегуер.
Но, променливото време донесе дождовно претпладне во пресрет на главната трка, па во пресрет на стартот сите се одлучија да ги променат своите мотоцикли, а единствено Јохан Зарко со Хонда остана со гумите за суво време. Куартаро кој имаше пол-позиција падна во вториот круг, а само неколку обиколки подоцна и Франческо Бањаја му се придружи на листата на фаворити кои не стигнаа до целта. Така Јохан Зарко се етаблираше како главен ривал на Марк Маркез и му парираше на Шпанецот кој во средишницата беше на една секунда до Зарко.
Сепак, се чинеше дека е Божја волја да победи Французин, по неверојатно 71. година: последен пат Пјер Монере славел на Ле Ман во 1954 година. Организаторите соопштија дека и покрај лошите временски услови, имале рекордна посетеност од 120.000 гледачи на денот на трката, кои се израдуваа што некој ја прекина победничката серија од 22 триумфи во низа на Дукати. Сето ова, Зарко го постигна со победа во една трка – која за него беше и прва во кариерата!
– Не постојат зборови да го изразам она што го чувствувам денес. Не очекував победа, но да се стигне до неа на домашен терен е нешто неверојатно и емотивно. Трката беше долга и исполнета со случувања, но нашата стратегија се исплатеше. Ризикувавме со гуми за суво, наспроти прогнозата која велеше дека се очекува уште дожд. Го направивме вистинскиот чекор! Победа за Хонда е нешто кон што се стремев, а сега го направив. Му благодарам на тимот, како и на моите родители кои дојдоа тука да ме гледаат. Ова е ден што нема да го заборавам,- рече Французинот Јохан Зарко.
ХОРХЕ МАРТИН СТАНА ПРАВЕН ПРОБЛЕМ!
Актуелниот светски првак, Хорхе Мартин, успеа да стигне до тронот со сателитскиот тим на Дукати, по што направи трансфер во Априлија, но имаше неколку повреди во низа на стартот од сезоната. Сега, како што наближува средината на сезоната, така доаѓа и датумот за нови преговори околу договорот. Мартин најави заминување од Априлија по крајот на 2025 повикувајќи се на клаузулата дека не е во конкуренција за титулата и има 0 бодови. Априлија не се согласува со таквото толкување, и инсистира тој да остане, укажувајќи дека според нив таа клаузула е ништовна. – Во центарот на спорот е договорна клаузула „condicio resolutiva“ со одложено дејство, која, според изјавата на возачот, дозволува раскин на договорот доколку тој не биде во борба за титулата по шестата трка од сезоната. На овој начин тој се труди самиот да ја контролира својата кариера, но овој случај отвора значајни прашања во сферата на договорното право, конкретно во делот на условните клаузули, нивната извршливост, како и третманот на вонредни околности (force majeure). Доколку спорот се решава во италијанска судска или арбитражна надлежност (веројатно поради седиштето на Piaggio Group), тоа ù дава процесна предност на Априлија, и може да значи висок трансакциски и репутациски трошок за возачот, – се вели во правната анализа кој привлече внимание поради дебатата во јавноста. Оттука, не е чудо што Мартин даде и втора изјава, со која бара рокот за продолжување на договорот да биде пролонгиран откако тој ќе се врати во седиштето и ќе процени самиот со што располага. Но, повторно, сето ова не се случува без причина: тимскиот шеф на Хонда, Алберто Пуиг, ја призна заинтересираноста за Мартин со едноставни зборови „а кој не би бил заинтересиран за светскиот првак“? |
Речиси по идентичен „рецепт“, случувањата се повторија и на следната трка во Англија, на патеката Силверстоун. Алекс Маркез се врати со победа во спринт трката пред својот славен брат Марк, додека Фабио Ди Џиантонио беше трет, а сите користеа Дукати. Четвртопласираниот Марко Бецеки имаше одличен викенд, а тоа го покажа со триумфот на главната трка.
Настанот беше скратен на 19 круга откако на почетокот имаше ситуација со истечено масло на патеката и беше покажано црвено знаме. Пред да биде прогласен прекинот, Алекс Маркез падна и го остави Марк во дуел со Куартараро. Во рестартот, повторно возачот на Јамаха покажа перформанси како во Франција, имаше и пет секунди предност, но потоа без објаснување се повлече во боксот поради дефект. Од четвртиот круг (по рестартот), Бецеки поведе пред Зарко, а Маркез беше третопласиран по голем дуел со Морбидели.
– Горд сум, но и среќен. Целата фабрика треба да биде горда. Не беше лесно за никој, особено по повредата на Хорхе Мартин, кој е актуелен светски првак и на некој начин предводник на тимот. Знаев дека не им беше лесно и затоа се обидов да работам колку што можам повеќе и да им го донесам тоа што го заслужуваат,- рече Бецеки.
Во текот на јуни ќе се возат трки во Арагон, а потоа следат четири класици: Муџело, Асен, Заксенринг и Брно. Со трката за Големата награда на Австрија ќе биде означена средина на сезоната кога возачите ќе имаат летна пауза во втората половина на јули.