СЕДМАТА СЕЗОНА (2020/21) НА ФОРМУЛА Е Е ВОЕДНО ПРВА ШТО СЕ ВОЗИ КАКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ПОД ЗАКРИЛА НА ФИА, А ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВА ГРАН ПРИ ВИКЕНДА БЕШЕ РЕШЕНО И ПРАШАЊЕТО НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОН. ТИМОТ НА МЕРЦЕДЕС ЗА ПРВПАТ СЕ ПРИКЛУЧИ ВО ПРВЕНСТВОТО ВО СЕЗОНАТА 2019/20, А ВЕЌЕ ВО ВТОРАТА ОСВОИ ДВОЈНА КРУНА: СВЕТСКА ТИТУЛА И ВО ПОЕДИНЕЧНА И ВО ТИМСКА КОНКУРЕНЦИЈА
Последните четири трки од светското првенство на Формула Е беа пресудни за прогласување на новиот шампион за оваа сезона. Организаторите предвидоа две трки во Лондон и две трки во Берлин за финишот, каде што возачите потенцијално на дофат имаа сто бода, како награда за победа во четирите трки. Викендот во Лондон имаше одлична најава со резултатите на многу кандидати за шампионската титула во слободните тренинзи, но кога дојде ред за квалификациите, најдобрите шест времиња беа постигнати токму од возачите кои се аутсајдери. Андре Лотерер и Алекс Лин единствени извозеа времиња под 1 минута и 24 секунди. Сепак, во дополнителната сесија за шестмината најдобри, сите возачи го симнаа својот резултат под таа граница, но Алекс Лин заблеска со време од 1:23.245 за да ја освои супер пол позицијата пред Џејк Денис и Себастијан Буеми.
Сепак, во трката Лин направи ситни грешки, при што Џејк Денис од тимот на БМВ Андрети успеа да ги казни со доволно енергија за напад во финишот. Возачот на Мерцедес, Ник Де Врис со сличен маневар стигна до второто место, па Алекс Лин мораше да се задоволи со третото место. Интересно, во трката најбрзиот круг го имаше Мич Еванс од Јагуар, којшто беше една секунда побрз од супер пол позицијата, а де факто 18 возачи од вкупно 22 успеаја во трка да бидат побрзи од најдоброто време на Алекс Лин претходниот ден.
ВОЛФ БИ МОЖЕЛ ДА ГИ ПРЕКОМАНДУВА ВОЗАЧИТЕ ВО ФОРМУЛА 1
Возачите на тимот Мерцедес во Формула Е, Стофел Вандорн и Ник Де Врис, би можеле да направат трансфер во Формула 1, бидејќи ги поседуваат неопходните квалитети, посочи тимскиот шеф на Ф1 екипата на Мерцедес, Тото Волф. Тој беше присутен на трката во Лондон и беше сведок на фантастичните перформанси на двајцата возачи, каде што Де Врис се искачи од 9 до 2 место, а Вандорн од 14 до 7 место. Обајцата ги имаат талентот и работните навики, како и интелигенцијата потребна за Формула 1. Обајцата ги имаат освоено најважните титули за влез во Формула 1, денеска првенство на Формула 2, а претходно првенство на ГП2. Навистина сум среќен што ги имаме во Формула Е како наши возачи и не би посакал да ги смениме. Но нема да им застанам на патот ако тие добијат можност да возат во Формула 1. Шпекулациите велат дека Ник Де Врис би можел да го добие седиштето на Џорџ Расел во Вилијамс, бидејќи се предвидува дека овој ќе премине во Ф1 тимот на Мерцедес. |
Ова прашање ме измачуваше неколку години. За мојата кариера во Формула Е навистина може да се рече дека е интересна. Но, дел од мене ќе беше среќен со каква било победа, само да се каже дека и тоа е сторено, за да можам да си речам сам на себе дека знам да возам во оваа категорија. Отсекогаш чувствував дека можам да извозам добро еден круг, но не можев да склопам добра трка. Сега сум океј, сега знам дека сум добар возач на Формула Е. Тешко е да се изберат зборови по четиригодишно мечтаење за победа,- објасни Алекс Лин.Втората трка во Лондон повторно продуираше извонреден резултат во квалификациите на Алекс Лин, кој имаше време 1:20.319, што беше само две илјадитинки побрзо од она на Мич Еванс, но овој пат заедно со нив во борбата за супер пол позицијата на многу поизрамнето ниво отидоа и останатите четири возачи, меѓу кои двајцата пилоти на Мерцедес, Ван Дорн и Де Врис, како и Максимилијан Гинтер од БМВ Андрети, и Оливер Роланд од ДАМС. Ваквиот распоред беше најава дека сите екипи веќе го постигнале максимумот во барањето на идеалниот „сет-ап“, па така времето на супер пол позицијата падна за само две десетинки, при што Стофел Вандорн извозе еден круг за 1:20.181, за Роланд и Лин да бидат зад него со резултат во иста десетинка. Овојпат Алекс Лин успеа да го склопи мозаикот за да стигне до победа пред Ник Де Врис и Мич Еванс. Најголем „губитник“ во трката беше Лукас ди Граси од Ауди, кој беше казнет со возење низ боксот, но откако тимот не го информираше за тоа, тој заврши втор, па дозна дека ќе биде избришан од резултатите, додека екипата заработи казна од 50.000 евра.
На крилата на резултатот од вечерните трки во Лондон, каде што два пати беше второпласиран, Ник Де Врис од осмото место во генералниот пласман влезе во последниот Гран при викенд како водечки на табелата со 95 бода, пред Робин Фријнс со 89, Сем Бирд со 81, Џејк Денис со 81 и Антонио Феликс Да Коста со 80 бода.
Во квалификациите на трката во Берлин, од нив меѓу првите шест успеа да се најде само Антонио Феликс Да Коста, што потсети на минатогодишната разврска во шампионатот. Во борбата за супер пол позицијата најбрз беше Жан Ерик Верње со време 1:06.227, а неговиот тимски колега и актуелен бранител на титулата Антонио Феликс Да Коста беше нецела десетинка побавен и се најде на второто место.
Како трет се пласираше Бразилецот Лукас Ди Граси од Ауди, пред двајцата возачи на екипата Вентури, Едоардо Мортара и Норман Нато. Од екипата „ДС Течита“ најавија дека ќе има тимски наредби во корист на возачот со шанса за титула, но кога таа наредба беше издадена во трката, се покажа дека е во незгоден момент, па водечкиот Верње загуби четири позиции. За малерот да биде поголем, Да Коста потоа имаше проблем кој го опиша како „лош менаџмент со енергијата и огромно трошење на гумите“ и беше престигнат, по што падна повторно зад Верње. Така, наместо пресврт во генералниот пласман, победата му припадна на Лукас Ди Граси, кој на финишот стигна со само една десетинка предност од Едоардо Мортара. Верње и Да Коста завршија на шестото и седмото место.
Кога ја добивме наредбата, тоа навистина ја зафркна неговата трка. Мене не ми влијаеше, но тој тогаш загуби две места од возачите на Ауди. Во право е што се буни. Нашиот болид е многу остар кон пневматиците, особено кон задните, поради што се обидуваме да се приспособиме, да го адаптираме нашиот возачки стил. Но, трендот е забележлив и кај двата болида, рече Антонио Феликс да Коста.
Во неделната втора трка, возачите на „ДС Течита“ не успеаја да ги повторат квалификациските перформанси од претходниот ден и возеа речиси една секунда послабо, со што отпаднаа и од борбата за титулата. Стофел Вандорн со резултат 1:06.678 ја предводеше шесторката во која се најдоа уште Роланд, Нато, Симс, Бломквист и Еванс, по што во последната сесија меѓусебе го решаваа прашањето на супер пол позицијата. Вандорн, иако беше една десетинка побавен од самиот себе, повторно имаше најдобар резултат, пред Роланд и Еванс. Ник Де Врис во последната трка влезе како тринаесетти, а сите негови конкуренти во борбата за титулата беа зад него на стартот. Трката беше одбележана со голем судир на стартот поради проблем со стартувањето на Мич Еванс. На крајот победи Норман Нато, пред Оливер Роланд и Стофел Вандорн, додека од кандидатите за титулата, Сем Бирд успеа да стигне само до седмото место, но бидејќи Ник Де Врис беше осми на крајот, автоматски ја освои и титулата. Џејк Денис кој, исто така, имаше шанса да го загрози Де Врис имаше дефект и откажување во рестартот на трката, во моментот додека беше осми, односно виртуелно изедначен со Холанѓанецот, но мораше да се повлече. Иако ја заокружуваат сезоната со две шампионски титули, од Мерцедес соопштија дека ќе се фокусираат на Формула 1, а нивниот тим во Формула Е ќе учествува уште една сезона, по што се прават напори да остане во првенството, но со друга сопственичка структура. Своето повлекување претходно го најавија и БМВ и Ауди, но од друга страна Јагуар и Махиндра веќе ги продолжија договорите, а тимот Андрети најави дека ќе продолжи и без учеството на нивниот досегашен партнер БМВ.