Светско првенство во Формула 1-ЗАПЛЕТОТ ТРАЕ, ТЕНЗИИТЕ РАСТАТ

25/10/2021

ПО ПОДОЛГО ВРЕМЕ ВО ФОРМУЛА 1 ИМАМЕ СЕЗОНА ВО КОЈА ДВЕ КОНКУРЕНТНИ СТРАНИ СЕ БОРАТ ЗА ТИТУЛАТА, НАИЗМЕНИЧНО СЕ МЕНУВААТ НА ВРВОТ, А НИТУ ЕДНА СТРАНА НЕ ПОПУШТА ПО ЛЕТНАТА ПАУЗА. ЗАМРСЕНАТА СИТУАЦИЈА ВЕРОЈАТНО ЌЕ ОСТАНЕ ДО САМИОТ ФИНИШ, ОТКАКО НА ЛЕГЕНДАРНАТА МОНЦА, ХАМИЛТОН И ФЕРСТАПЕН ПО ВТОР ПАТ ОВАА СЕЗОНА СЕ СУДРИЈА ПРИ МЕЃУСЕБЕН ДУЕЛ

 

Октомври е месец во кој често сме ги имале светските шампиони во Формула 1, без оглед дали тука ќе говориме за минатото кога сезоните траеја 15-16 трки и вообичаено финишираа во овој дел од сезоната, или во поновата ера кога сезоната е продолжена на 20 и повеќе трки, но еден кандидат јасно се издвојува по летната пауза. Луис Хамилтон и Макс Ферстапен остануваат „вклештени“ во дуел кој има претензии да трае до самиот крај на сезоната, бидејќи на двајцата им следуваат трки кои во минатото беа третирани дека повеќе одговараат на едниот или другиот. Така беше на претпоследната трка за Големата награда на Русија, кога Хамилтон ја потврди доминацијата на таа патека каде што Мерцедес не е поразен осум сезони по ред. Дополнително, тоа беше јубилејна – стота гран при победа за седумкратниот шампион.

 

Но, ако во Русија тимот на Ред Бул се одлучи да „искористи џокер“ и на трката која беше со најлоша прогноза за нив, истото се случи и во Турција со Мерцедес. Екипите имаат на располагање три погонски агрегати во текот на сезоната, па користење на четврти повлекува казна од 10 места на стартот. Логиката е дека ако веќе трката не може да се добие, да се одработи казната и да има „здрав“ мотор на располагање за финалниот дел од сезоната. Така, по трката во Русија, Хамилтон во Турција дојде како водечки во генералниот пласман, но со само два поени предност. Новиот мотор значеше старт од 11-то место и пробивање низ колоната, при што се стекна впечаток дека има намера да оди со еден пит стоп помалку од конкурентите. Во финишот, тоа доведе до драма која резултираше со негово влегување во бокс на само осум круга пред крајот, што не делуваше дека е добро обмислено, па и самиот возач беше критички настроен. – Кога гумите се излижани, едноставно не се знае уште колку ќе траат. Секогаш постои грижа за животниот век на гумата. Но, исто така, јас не бев доволно брз на крајот. Се мачев со слабиот контакт што гумите го даваа со асфалтот. Не бев сигурен зошто е тоа така. Не бев лошо пласиран, само губев во перформансите во однос на оние зад мене. Гледајќи наназад, сметам дека требаше, или да останам до крајот, или да влезам во бокс многу порано. Кога одиш во бокс на осум круга до крајот, не можеш да ја надминеш фазата на ронење на гумата додека патеката се суши. Додека ја минав таа фаза мислам дека загубив четири позиции. Беше навистина фрустрирачки, но што е тука е. Се чувствував добро додека бев трет и се надевав дека можам да го задржам тоа место, што ќе беше одличен резултат кога стартуваш од единаесетта позиција. Во таа смисла, петтата позиција е полоша, но можеше да биде и многу полошо,- изјави Хамилтон веднаш по трката за „Скај Ф1“. Тимскиот шеф на Мерцедес, Тото Волф, откри дека нивниот стратег предвидел дека Хамилтон ќе биде стигнат од Перез и Леклер, поради што се одлучиле да го внесат во бокс за да се заштитат од можни последици поради преголемата истрошеност на пневматиците.

 

Ако не завршеше, немаше да освои ниту еден бод, а тоа ќе беше катастрофа. Очекувавме Перез и Леклер да го достигнат доколку не го повикавме во гаражата, така што таа стратегија немаше да даде подобар резултат. Одигравме конзервативно, но веројатно најдобро. Надежите ни беа дека тој ќе ги престигне другите, но сепак не требаше да се надеваме на тоа. За калкулациите на Мерцедес, поддршка даде и првиот човек на Пирели, Марио Изола, укажувајќи дека нивната инспекција го потврдила стравувањето на тимот за можно откажување.

Гледајќи ги гумите после трката, би рекол дека беше невозможно Хамилтон да заврши со нив, или можеби тие ќе беа на самиот лимит. Трошењето на гумата, особено на крајот од трката, доведе до тоа да остане само конструкцијата. Малку е опасно да се оди до таква крајна граница, но сосема разбирам дека во тркачки услови тие мораат да го максимизираат резултатот.

Макс Ферстапен доби многу критики за ладнокрвниот однос, уште при судирот на Монца кога „не се ни завртел да види дали можеби Луис е повреден“, а по трката во Турција се трудеше да остави што е можно полабав впечаток. Тој на трката во Русија успеа од последното место да стигне до втората позиција, па фактот дека на оваа трка е пласиран пред Хамилтон му одеше во прилог, но не и тоа дека Ботас и Мерцедес беа недостижни во дуелот за првото место.

Ќе мора да анализираме зошто не бевме конкурентни на оваа трка, но мене ми личеше дека тие се малку подобрени. Иако имаме предност во поените, нема да биде лесно. Уште пред почетокот на викендот кажав дека ова е добра година за нас и немаше да биде крај на светот ако бидам прв или втор. Но, тука сум да го дадам најдоброто од себе. Ќе видиме како ќе помине трката во Тексас, ние нема да се предадеме и ќе се обидеме да дадеме сè од себе. Се надевам дека ќе биде доволно за титулата. Но и да не е, нема да спијам помалку,- изјави холандскиот пилот на Ред Бул, кој пред трката во Истанбул наполни 24 години. Ферстапен наметна и друга перспектива, иако гледачите уживаа во трката која имаше драматични моменти.

 

Денеска воопшто не беше лесно да се вози, патеката беше мошне лизгава. Моравме да бидеме внимателни со пневматиците во текот на целата трка и тоа не ни дозволи навистина да притискаме. Делуваше дека Валтери умее да се грижи за гумите и воедно да биде побрз, но јас сум сепак среќен со второто место, бидејќи во вакви услови е лесно да се згреши и да паднеш назад. Најтешко беше да се остане буден. Цело време се грижевме за пневматиците и речиси никогаш не возевме до максимум. Ќе направевме неколку круга и потоа треба да одиш во бокс по нов сет на гуми.

Победата на Ботас кој веќе е на излезната врата од Мерцедес (потпиша дека следната година ќе вози за Алфа Ромео), како и дуелот на Хамилтон со вториот пилот на Ред Бул, Серхио Перез, ставија акцент на значењето на останатите пилоти во расплетот за шампионскиот трон. Од 2017 година, кога Ботас се приклучи кон Мерцедес, Луис имаше цврст сојузник во тимот и освои четири титули во низа, па не е изненадување дека тој преферираше Финецот да остане во тимот, но Мерцедес реши да го замени и од 2022 година да го доведе Џорџ Расел. Поради таквиот сплет на околности, ова може да биде една од последните победи во кариерата на Ботас, при што тој на трката за големата награда на Турција славеше откако стартуваше на чело од колоната од пол позицијата. Иако патеката во најголем дел беше влажна, тој не дозволи неговата победа да биде доведена во прашање во ниту еден момент. Единствен момент во кој првото место беше на Шарл Леклер, се случи додека Финецот беше во бокс за првпат во трката, при што пилотот на Ферари имаше подолга делница со својот прв сет на интермедиа пневматици.

Од моја страна можам да кажам дека ова беше една од најдобрите победи што некогаш сум ги имал. Со исклучок на едно пролизгување, сето останато беше под целосна контрола. И пред трката кажав дека нашиот болид е добар во секакви услови, јас имав целосна доверба во него и навистина можев да го контролирам. Не беше лесно да се избере стратегија во вакви услови, особено да се донесе одлука кога да се застане, какви гуми да се монтираат и сè останато. Среќен сум дека конечно и јас имав еден викенд во кој што сè одеше како што треба,- изјави Ботас, чија последна победа беше онаа на руското гран при минатата година, што прави една календарска година разлика меѓу двата триумфа. Серхио Перез, исто така, беше во фокусот на јавноста, бидејќи неговиот дуел со Хамилтон беше еден од најинтересните за време на турското гран при, а воедно и со големо значење за натамошната разврска.

Луис ме стигна во најлошиот можен момент бидејќи тогаш имав проблеми со пневматиците. Првата делница беше навистина тешка за мене, особено пред да влезам во бокс, а Луис беше навистина брз. Имав впечаток дека во тоа време тој беше најбрзиот болид на патеката, па беше навистина голем предизвик да го задржам зад мене. Имавме добар дуел, јас дури морав да ја избегнувам и онаа линија на влезот во боксот. На крајот тоа беше добар дуел, а јас успеав да останам пред него, прокоментира Мексиканецот кој очигледно беше задоволен како му парирал на 36-годишниот ривал. Иако секогаш е тешко да се оцени која патека носи одредени придобивки на одреден тим поради извесни специфични моменти, а на која дадениот тим успеал со своите надградби и тунирања да го подобри болидот, кај тимскиот шеф на Ред Бул, Кристијан Хорнер, нема таква дилема.

 

Мерцедес има постигнато значителен напредок во однос на брзината на правците, според она што можеме да го видиме на последните трки. Ако досега можевме да им се приближиме користејќи помали крила, сега тоа не е можно. Тоа го видовме на оваа патека, каде што Луис имаше значителна предност на правците иако користеше поголемо задно крило. Ние моравме да го максимизираме нашиот пакет, но ни останува изненадувањето дека тие успеале да направат таков чекор со нивниот мотор,- оцени Хорнер. На хартија, следната рунда во Тексас прогнозерите ја сметаа за уште една трка на која Мерцедес би можел да има извесна предност, додека Мексико и Бразил се проценуваат како трки кои повеќе би требало да „му лежат“ на болидот на Ред Бул. Дури и прогнозите да се остварат, што никогаш не е едноставна работа во трките од Формула 1, до крајот има уште три гран при викенда на Блискиот Исток: за првпат ќе се вози во Катар и Саудиска Арабија, а финалето останува во Абу Даби на 12 декември.

Иако ситуацијата на врвот се менува, педантните статистичари велат дека без оглед кој е во водство, разликата во последните 7 трки никогаш не била поголема од 8 бода. По трката во Турција, Ферстапен има 262,5 поени додека Хамилтон има шест помалку (256,5). Ботас, Норис и Перез се следни на листата со 177, 145 и 135 бода, респективно. Ситуацијата е изедначена и на табелата кај конструкторите, каде што Мерцедес води со 433,5 бода, Ред Бул има 397,5 бода, додека Мекларен и Ферари се во дуел за третото место, при што англискиот тим во моментов води со 240 наспорти 232,5 поени.

 

ИСТОРИСКА „ЕДЕН-ДВА“ ПОБЕДА ЗА МЕКЛАРЕН ВО МОНЦА

 

Иако Ферстапен и Хамилтон се ударната вест од секое гран при, особено кога се судрија на трката за Големата награда на Италија во Монца, сепак мора да се најде простор за да се одбележи победата на Мекларен. Фактот дека двајцата претенденти за титулата се судрија прави оваа победа да биде гледана со потценување, но всушност возачите на Мекларен целиот викенд имаа силни перформанси. Во 2021 година, чудно – но вистинито, ова е прва „еден-два“ победа за која било екипа!

Имајќи предвид дека оваа година беше тестиран форматот со таканаречените „спринт квалификации“, односно дополнителна мини трка од 100 километри по трите квалификациски сесии, комплетниот впечаток е секако нарушен (најбрз беше Ботас, па беше „симнат“ за 10 позиции, па Ферстапен се најде на пол позиција за неделната трка). Но, од моментот кога де факто стартуваше Големата награда на Италија, во водство изби Даниеле Рикиардо од Мекларен, а инцидентот на Луис и Макс всушност му ја олесни работата само на Ландо Норис да стигне до второто место. Бројките кажуваат дека Мекларен немаше победа во низа од 170 трки, или од Бразил 2012 година со Џенсон Батон. Тоа е најдолга пауза меѓу две победи за еден постоечки тим во Формула 1, додека во историјата котира на второ место, зад некогашниот француски тим Лижје, кој има победа во Канада 1981 година, па во Монако 1996 година. Дополнително, последната „еден-два“ победа на Мекларен била во Канада 2010 година, односно пред 220 гран при трки. Ова е 183 победа на Мекларен во историјата на спортот, при што на последните 78 користи мотор на Мерцедес.

Рикиардо претходно имаше седум победи, но сите во болидот на Ред Бул (последната во Монако 2018 година). Неговиот триумф беше запечатен со возење најбрз круг во последниот круг од трката), иако претходно во кариерата долга 11 сезони, никогаш не бил на подиумот во Монца! Ландо Норис, никогаш претходно не бил дел од првите две места, но 4 пати бил третопласиран на подиумот.

 

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.