Света Гора-ОБВИЕНА СО МИСТИКА, ВО СУШТИНАТА НА МОНАШКИОТ ЖИВОТ

24/04/2025

20-ТЕ МАНАСТИРИ НА ПОЛУОСТРОВОТ КОЈ СЕ НАОЃА ВО СЕВЕРНА ГРЦИЈА, ОДДАЛЕЧЕН 130-ТИНА КИЛОМЕТРИ ОД СОЛУН, БЕЗ ИСКЛУЧОК НА МОНАШКИОТ ЖИВОТ, ЦЕЛОСНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА БОГА СОЗДАТЕЛОТ И ГОСПОДАРОТ НА СВЕТОТ ВО ХРИСТИЈАНСКАТА РЕЛИГИЈА, ДЛАБОКАТА ТИШИНА И СЕКАКО, УБАВИНАТА НА ПЕЈЗАЖИТЕ, ПРИВЛЕКУВААТ ГОЛЕМ БРОЈ ТУРИСТИ ОД СИТЕ СТРАНИ НА СВЕТОТ. ВО СОГЛАСНОСТ СО ПРАВИЛАТА, СВЕТА ГОРА МОЖАТ ДА ЈА ПОСЕТУВААТ ИСКЛУЧИВО МАЖИ, ДНЕВНО 100 ПРАВОСЛАВЦИ И 15 ПРИПАДНИЦИ НА ДРУГИТЕ ВЕРИ

 

Поради големиот интерес да се ужива во рајот божји, како што ја нарекуваат Света Гора, да се почувствува нејзината благодат, резервациите обично се прават и неколку месеци порано. Секако, треба да добиете дозвола  „дијамонтирион“, која ја издава Светиот одбор (комитет). За време на велигденските празници, напролет и во есен, има и најмногу барања. Дотаму се оди по воден пат, со брод  појдовна точка е пристаништето во Урануполис на Халкидики, се закотвува во посебно уреденото место на секој манастирски комплекс, додека посетителите не се симнат. А, штом влезат во нивните дворови, мораат да ги почитуваат монашките правила, без исклучок. Таму се живее повлечено, испоснички, аскетски. Не случајно бидејќи монасите се откажале од световниот живот за да се посветат на религиозната служба. Деновите се исполнети со молитви, послушанија. Длабоката тишина произлегува од целосната посветеност на Бога  мирот, спокојството не може да се опише.

Благодарејќи на локалните автобуси, можете да видите неколку од 20-те манастири кои сигурно ќе ве маѓепсаат со својата убавина. Нема возен ред, сами ќе треба да се договарате со шоферите. Друга опција е да одите пеш. Престојот не се плаќа, бесплатни се и ноќевањата и храната. Задолжително треба да си понесете и некои работи (лекови, фенерче, чаша за вода…). Дозволено е користење на мобилен телефон и фотографски апарат, но не и на видеокамера. Портите се затвораат со заоѓањето на сонцето, т.е. на полноќ согласно јулијанскиот календар од кој се раководат монасите, односно жителите на ова свето место.

ОКОЛУ 2.000 МОНАСИ, МЕЃУ НИВ И ПУСТИНИЦИ

Суштински, монашкиот живот е горедолу ист како во византискиот периодот на доцната антика и средниот век. Датира од 963-та. Се карактеризира со скромност, без оглед на непроценливото богатство. Духовното, секако. И денес, 1.062 години подоцна, Света Гора е обвиена со мистика. Некаква тајна крие хагиографијата, но и природата. Обете предизвикуваат восхит. Од нив се воодушевувале и самите императори. За да ги заштитат, неретко ги сузбивале нападите на непријателите кои имале една цел: да завладеат со полуостровот. Како што се зборува, големо е влијанието на сликањето икони врз уметноста на православието. И нејзината школа за изработка на митри не може да се надмине, во светски рамки. Круните на православните епископи, кои ги прават монахињите во манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, еден од 4-те метоси на Бигорски, се токму по теркот на светогорските. Владиката Партениј за време на престојот во манастирот „Свети Николај“ се здобил со таквата вештина и секако, несебично им ја пренел. Во поглед на распоредбата, дејствувала и на Руската црква. Сето тоа влијаело на одлуката за УНЕСКО во 1988-ма да ја прогласи Света Гора за светско културно наследство. И многу повеќе.

Моментално активни се 20 манастири, распределени на површина од 33.000 хектари (330 км²). Фактите сигурно ќе ве изненадат, вклучително и бројките. Со текот на времето, постојано растеле на пример, во 10 век имало 56 манастири за неколку века подоцна да се избројат 180, и тоа живи како што велат монасите. И нивниот број се менувал, некогаш на Света Гора живееле 6.000 (во почетокот на 19 век), а денес околу 2.000. Точно не се знае бидејќи во планината има и пустиници, кои се повлекла во самотија, прекинувајќи секаков контакт со луѓето. Некои се сместени во скитови, ќелии…, надвор од манастирските комплекси повеќето на самите карпи што се издигаат над морската површина. Секако, за тоа мора да се побара дозвола, т.е. благослов од старешината (игуменот). Со храна се снабдуваат обработувајќи ја земјата во нивната близина, плодородна е. Полуостровот изобилува и со самоникнати стебла на костени, ореви… Инаку, сите 20 манастири се поделени во пет групи, по четири. Хиерархијата е заснована на службената скала во Византиското  Источноримското Царство. Секој има свој претставник во Светата заедница, сместена во Кариес, каде што се решаваат сите битни прашања, меѓу кои и оние во врска со посетителите.

Доколку се решите да заминете на Света Гора, без оглед на местото каде што ќе ноќевате манастирскиот конак, секако дека можете да ги посетите и другите манастири, по свој сопствен избор, во зависност од времето со кое ќе располагате. Жива е сликата на Велигден, со голема радост се слави Христовото воскресение. Тогаш манастирските комплекси вријат од луѓе исклучиво мажи, но не деца, ниту жени. Гостите доаѓаат отсекаде, од сите страни на светот. Полни се и дворовите и самите цркви, особено за време на велигденската богослужба. Се празнува три дена, расположбата е свечена, убава. Но, пријатно чувство ќе ве обземе во секое време, кога и да отидете. Комуникацијата со монасите ќе ве исполни духовно до максимум. И покрај тоа што се многу ангажирани, секогаш ќе најдат време за вас, дури и ќе ве вклучат во активностите. Со уживање ќе ви раскажат за минатото, за животот на светците под чии закрила се манастирите на кои им припаѓаат, за фреските, иконите…, па и за органското производство. Се разбира, можете и да си купите нешто. Во непосредна близина се лозјата. Светогорското вино е познато по високиот квалитет. Бавчите се големи зеленчукови, овошни, цветни. Шумата наместа е непроодна, поради нејзината густина. Избројани се дури 11.000 видови растенија. Сечата на дрвјата е само за основните потреби на монасите, затоа е и строго контролирана. Папратта ја има во изобилство. Прошетката ќе ве опушти, па дури и ако решите да се упатите кон некој манастир за што можеби ќе ви требаат и неколку часа. Тоа е споредна работа во однос на уметноста, духовните блага за кои вреди толку да се пропешачи. Некои се доста блиску.

ЕДИНСТВЕНО, УНИКАТНО СЕКОЈДНЕВИЕ ИСПОЛНЕТО СО МОЛИТВИ, ПОСЛУШАНИЈА

Непроценлива е и збирката од 12.000 микроракописи на папирус и хартија во нивните библиотеки, на полиците. Најстарите се напишани во 10, односно 11 век. Оттогаш е и „Големата Лавра“, подигната во 963- та, со што започнал и монашкиот живот на Света Гора. Изградбата ја потпомогнале двајца императори, Никифор Втори Фока и Јован Први Цимиски. Во тоа време, монахот Георги го иницирал подигнувањето на хиландарскиот манастир во кој се замонашил и Стефан Немања, заедно со еден од неговите синови (Свети Сава). Патрониот празник се слави на 21 ноември, а монасите зборуваат српски јазик. „Хиландар“ е четврти во хиерархијата на Света Гора, додека на деветтото место се наоѓа „Зограф“ каде што се зборува бугарски јазик. Според легендата, го основал еден монах кој сликал икони и фрески, а други, пак, велат дека темелите ги поставиле тројца охриѓани. „Свети Пантелејмон“ се води како руски манастир, 19-ти во хиерархијата, познат по камбанаријата што се истакнува со својата убавина, чие ѕвоно е огромно. Тежи 13 тони. Во останатите се зборува грчки јазик „Ватопед“, „Григориј“, „Дионис“, „Пантократор“, „Ставроникита“, „Филотеј“… Единствено, уникатно е и секојдневието на Света Гора. Исполнетиот живот на монасите се должи, пред сè, на вербата во Бога. Постојано му се обраќаат, молитвејќи. Стануваат многу рано, во 04 часот веќе затропуваат на вратите од гостинските соби, за да ве разбудат. Време е за утрена молитва која трае два саата. Во 06 часот започнува богослужението, кога повторно ќе тропнат во случај да не сте се дигнале од постела. Во 10 часот сите се упатуваат кон трпезаријата, да обедуваат. Се јаде во тишина. Можете да го чуете само гласот на монахот што ги чита старите канонски текстови од Библијата, за духот да го нахраните со мудрост, додека на телото му давате храна исклучиво растителна. Монасите се вегетаријанци, не јадат месо. 200 денови во годината држат пост.

Гостите пак се враќаат во црквата, за еден од монасите да им раскаже за нејзиното минато, за светецот чие име го носи, за чудата што ги правел, вклучително и за чудотворноста на некоја од иконите, на моштите…, по што можат да се повлечат во собите. Останатите монаси веќе се во ќелиите малку да одморат, пред да почнат со своите послушанија. Во наредните часови им се посветуваат ним. Задолженијата се поделени: во ателјето, во бавчата, во кујната… Посетителите се слободни, можат да видат и некој друг манастир, добро снабдени со вода од чешмите. Добредојдени се секаде. Дури и ќе ве послужат со кафе и нешто слатко, а потоа сите одат на вечерна богослужба. Вториот, последен оброк во денот е веднаш по неа. Пред спиење, обично се муабети во дворот, сите заедно испоседнати на тревата, и монасите и гостите. Забрането е капење во морската вода, како и носење шорцови. Задолжителни се и долгите ракави.

На Света Гора се раководат од јулијанскиот календар, дејствуваат сообразно со него, без оглед на тоа што во Грција важи грегоријанскиот, од 1923-та. Следствено и зајдисонцето се поклопува со полноќ, во 12 часот навечер. Тогаш не може никој да влезе, ниту да излезе. Портите се заклучуваат. Собите се пространи, доволни за петмина или 10 луѓе, максимум. Постелнина има, но не и сапуни, пешкири, влечки. За сè што треба да понесете со себе, ќе ве информираат штом го добите „дијамонтирионот“ дозволата за неколкудневен престој на Света Гора. По него, уште долго ќе се чувствувате пријатно, па дури и возвишено и морално и духовно високо издигнато. И секако, опиени од божествената убавина во која надвладува тишината мирот и спокојството. Без исклучок на силата која ја дава.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.