Драган Ванов од МК „Мото-Велес“ од Велес беше прв на третата трка во Државниот шампионат во ендуро 2019 година, која се возеше на патеката над велешкото езеро Младост на 3 ноември, а со тоа по три одржани трки го освои и Државниот шампионат во ендуро за 2019 година во најтешката класа Е1 до 250 кубици.
Со оваа трка 25-годишниот Драган Ванов од Велес ја потврди шампионската титула во најтешката ендуро класа од 2018 година. Втор се пласира Христијан Станковиќ од МК „Ендуро тим Водно“, а трет беше Кристијан Грчевски од МК „Драпачи“ од Скопје.
Во изјавата за „АМСМ Клуб Мобилити“ од МК „Мото-Велес“ посочија дека првопласираниот Драган Ванов постигнал време од 11 минути и 36 секунди, а второпласираниот Христијан Станковиќ од 11 минути и 42 секунди. Во двата дена на втората и на третата трка од Државниот шампионат во ендуро се водела изедначена тешка трка и на осумте специјални тестови разликата била минимални 6 секунди. Инаку во саботната втора трка Станковиќ се пласирал на прво место, но по третата дошол на втората позиција на Државниот шампионат во ендуро.
Победникот Драган Ванов истакна дека е многу задоволен што вторпат ја освојува државната титула шампион бидејќи трката била многу напорна и цело време водел изедначена борба со колегата Христијан Станковиќ од „Ендуро тим Водно“.
– Пресреќен сум што две години едноподруго ја освојувам државната шампионска титула во најтешката класа Е1 во ендуро на многу тешка и напорна патека како што е оваа над велешкото езеро. Победата ми е уште поголема бидејќи по првата трка, која се одржа во мај годинава над езерото Младост, поради здравствени причини седум месеци не тренирав и не возев. За овие две трки се подготвував само два дена пред викендот. Но силната волја и упорност да успеам ме вратија на патеката, во третата трка пристигнав и прв, а на втората трка во саботата завршив на второ место, вели Ванов. Тој појаснува дека за разлика од другите тркачи во ендуро од мотоклубовите во земјава, МК „Мото-Велес“, чиј член е тој, нема никаква поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Исто така, нема ни спонзори, а трките му ги спонзорираат само неговите родители, Сашко и Фитка Ванови.
Ванов вели дека се надева и очекува по второто освојување на Шампионатот во ендуро, конечно, идната година да добие и поддршка од Агенцијата за млади и спорт и од други спонзори, односно дека ќе му бидат доделени и финансиски средства за учество на меѓународни трки во ендуро.
Инаку во класата Е2 прв беше Самет Имеров од МК „Мото-Велес“, втор Иван Чековски од МК „Ендуро тим Водно“ од Скопје, а трет Филип Митровиќ од СРТ Куманово. Во класата Е3 прв се пласира Дејан Маркоски од МК „Драпачи“ од Скопје, втор беше Сали Имеров од МК „Мото-Велес“, а трет Владимир Димов од МК „Ендуро тим Водно“ од Скопје.
Организатори на двете трки во Државниот шампионат во ендуро за 2019 година беа МК „Мото-Велес“ и МФМА под покровителство на Општина Велес, а во рамките на програмата за одбележување на 9 Ноември – Денот на Општина Велес.
Патеката на велешкото езеро Младост центар за трките во ендуро
Над велешкото езеро Младост во 2010 година беше трасирана пате- ката за ендуро за првите трки во ен- дуро што ги организира мотоклубот „Мото-Велес“. По пауза од две години, 2016 и 2017 година, кога не се одржаа Шампио- натот во ендуро и трките во ендуро во земјава, МК „Мото-велес“ и Општи- на Велес вложија голем напор и лани во октомври повторно ја подготвија патеката за ендуро.
Лани таму се одржа третата последна трка од Шампионатот во ендуро за 2018 година, а годинава сите три трки од Државниот шампионат во ендуро. Првата трка се возеше на 26 мај, а втората и третата на 2 и 3 ноември. Ненад Коциќ, претседател на Советот на Општина Велес, најави дека Општина Велес и понатаму ќе ја продолжи традицијата на поддржување на трките во ендуро.
– Се надевам идната година трката ќе добие и меѓународен карактер. Притиснете на гас, возете внимател- но и со многу успех, им порача Коциќ на учесниците.
Патеката за ендуро по нерамен терен и низ природа
Целта на ендуро е возачите да се снајдат да возат низ природа. На патеката се поставуваат обележувања и тие треба внимателно да се следат за да не се погреши патеката. Инаку ендуро има сѐ поголем подем и станува сѐ попривлечно за мотористите.
Ендуро е екстремен спорт. Тоа е еден од поопасните спортови во мотоциклизмот, eден вид тест за издржливост. Се вози по нерамни патеки со голем број природни препреки, како камења, кал, дожд и снег и сѐ повеќе ги привлекува сите вљубеници на возењето на „две тркала“ . Инаку почетоците на ендуро датираат од 1968 година кога се одржал првиот Европски шампионат во ендуро.
Патеката над велешкото езеро Младост сѐ попривлечна за возачите на ендуро од земјава
Сашко Ванов, основач и претседател на МК „Мото-Велес“, заедно со синот Драган и со другите членови на клубот, се организатори на трката над велешкото езеро Младост по пауза од неколку години, а имаа поддршка од Општина Велес и лани повторно ја средија земјената патека за ендуро. Оваа патека станува центар на трките во ендуро во земјава и годинава тука се одржаа сите трки во ендуро од Државниот шампионат.
Тој вели дека последниве години Велес станува значајна дестинација за ендуро бидејќи околината на езерото нуди одлични услови за развој на овој спорт, а веќе десет години ја има патеката на која се одржуваат и трките од Државниот шампионатот во ендуро.
Во изјавата за „АМСМ Клуб Мобилити“ Ванов најави дека, како на организатори, цел им е „Ендуро трката Велес“ над езерото Младост наскоро да се најде и на европската и на светската мапа на трките и на шампионатите во ендуро.
– Ендуро како спорт има иднина во земјава, но за тоа натпреварувачите треба да имаат повеќе спонзори, но и поддршка од надлежните субјекти што се одговорни за спортот, истакна Ванов.