ПРЕТСТАВУВАМЕ RIMAC NEVERA-Екстремно моќна, молскавично брза

12/11/2021

ЕКСТРЕМНО МОЌНА, МОЛСКАВИЧНО БРЗА

Хрватскиот производител на автомобили и специјалист за електрична технологија Rimac Automobili после три години развој го претстави својот прв сериски електро-хиперавтомобил наречен по неочекуваната и моќна јадранска бура Nevera

Интернационален салон на автомобили – Женева 2018. Rimac Automobili на светот му го претстави концептот на хипер-спортски-електричен автомобил Rimac C_Two за кого стана збор на овие страници. Од тогаш, до сега хрватските специјалисти за електрични технологии низ обемна развојна програма го рафинираа својот вреден знаменосец во секој детаљ и го избрусија фино како дијамант во потрагата по ултимативно електрично хипер-возачко доживување. Така на свет дојде Nevera, именувана по неочекуваната и моќна јадранска бура која изобилува со грмотевици и молњи, и е олицетворение на силата на природата. Токму тоа сака да биде Nevera, сила која ќе има вознемирувачки ефект на пазарот на хиперавтомобили. А зошто, ќе дознаеме во редовите што следат.

ВОНЗЕМСКО ЗАБРЗУВАЊЕ

Перформансите на Nevera се чинат како да се надвор од овој свет, посебно забрзувањето. Иако перформансите се слични со прототипот, рафинирањето на системите ги подигнало границите, односно ги спуштило на ниво на ракетен погон. Катапултирањето од место до 100 km/h се случува во 1.97 секунди, до 161 km/h во 4,3 секунди, до 300 km/h во 9,3 секунди (2,5 секунди подобро од прототипот) и трае сѐ додека не се достигнат максималните 412 km/h. Ова забрзување, кое не дозволува да се одлепите од седиште и притоа го одзема здивот, на драгстер писта лови четвртина милја, или 402 метри, во само 8,6 секунди. Колку за споредба истата дисциплина Bugatti Chiron Sport ја совладува за 9,4 секунди, а Ferrari SF90 Stradale за 9,6 секунди. Но, дека не е сѐ во забрзувањето говорат и подготовките во Rimac, Nevera да се испрати на северниот круг на патеката Нирбургринг каде во „Зелениот пекол” треба да постави нов рекорд кој ќе ги засени не само електромобилите, туку и оние со класичен погон.

ЕЛЕКТРИЧЕН ПОГОН ЗА ИДНИНАТА

Подобрувањата во сфера на разладувањето на батериите и електричните мотори значително ги подобриле и перформансите, и испораката на вртежниот момент. Од ова посебно профитира ефикасноста која ја зголемува автономијата и ја продолжува возбудата од беснеењето зад волан. Максималната моќност на четирите електромотори изнесува 1914 КС што е три пати повеќе од онаа на конвенционален супер автомобил, додека вртежниот момент изнесува 2360 Nm и стои на располагање од 0 вртежи. Оваа силина се храни од уникатна батерија во форма на буквата – H конструирана во Rimac Automobili. Сочинета од 6960 ќелии и сместена во срцето на Nevera има капацитет од 120 kWh и испорачува моќност од 1,4 MW. Оваа литиум-манган-никел батерија е интегриран дел од монококот на Nevera и ја зголемува неговата торзиска цврстина на 70000 Nm на степен, која се смета за најголема вредност достигната кај еден автомобил и допринесува за извонредна безбедност на патниците. Воедно батеријата создава ултра ниско тежиште и ја распоредува тежината напред/назад во сооднос 48/52 што се смета за најдобар баланс кога станува збор за врвна динамика.

УЧИ ЗА ПОГОЛЕМО ВОЗАЧКО УЖИВАЊЕ

Електричната енергија батеријата ја испорачува директно до четири независни електромотори, по еден за секое тркало. Електричните мотори имаат ефикасност од 97% наспроти 40% на најдобриот мотор со внатрешно согорување. Не бараат одржување за време на целиот работен век и можат да го задвижуваат секое тркало независно едно од друго. Оваа карактеристика дозволува совршена испорака на вртежниот момент. Затоа во Rimac ги напуштиле традиционалните системи за електронска контрола на стабилност и развиле сопствен систем за распределба на вртежниот момент меѓу тркалата наречен R-AWTV 2 (Rimac All-Wheel Torque Vectoring) кој вози во втората генерација. R-AWTV 2 овозможува бесконечно варијабилна распределба на вртежниот момент и меѓу оските, и меѓу тркалата на секоја оска. Така е добиена максимална тракција својствена за погон на четири тркала, а дозволува и целосно исклучување на предната оска заради што Nevera е способна за „дрифтинг”. Веруваме дека не постои возач кој не би бил одушевен од оваа опција.

Одржувајќи чекор со иднината Nevera е способна да вози автономно, но нејзината вештачка интелигенција, прва од ваков вид, е способна да им помогне на возачите да ги развиваат своите способности, и da извлечат максимални перформанси на патека. Овој систем воведува нова димензија во возењето преку проценка на способностите на возачот и обезбедува насоки за подобрување на неговите перформанси. Преку 12 ултрасонични сензори, 13 камери и 6 радари врзани со најновиот оперативен систем на NVIDIA, Pegasus, возачкиот асистент на Nevera ги преклопува избраните тркачки патеки во реално време и нуди јасно и прецизно аудио и визуелно наведување, кое пак му овозможува на возачот да ги усовршува точките на сопирање и забрзување, како и идеалните линии за минување низ свијоците. Со оваа суптилна помош Nevera го претвора возачот во вистински тркач.

МИНИМАЛИСТИЧКИ ДИЗАЈН ЗА МАКСИМАЛЕН КОМФОР

Иако нуди место за двајца патници тие не се чувствуваат клаустрофобично во кабината. Колку што е електричен хиперавтомобил, Nevera е подеднакво и способен Грантурер. Дури нуди и доволно место за багаж. Кабината е уредена минималистички, но сепак се внимавало да се обезбеди максимален комфор. Дигиталните екрани, три на број, ги превземаат функциите на многубројните копчиња и прекинувачи за да се ослободи повеќе простор. Оставени се само оние најнужните вртливи копчиња и прекинувачи, кои, за да се исполни благородната нота се изработени на CNC машини од полно парче алуминиум.

Од кокпитот возачот може да го набљудува секој аспект од перформансите на автомобилот преку телеметрија во реално време и да ги сними податоците на лаптоп или смартфон за понатамошна анализа. Нема да му биде здодевно ниту на совозачот кој може да прати сѐ на екранот поставен пред него, или да се конектира на системот и да ги користи своите мобилни апликации.

Rimac за Nevera нуди обемна програма за персонализација која скоро и да не познава ограничувања. Од изборот на материјалите за поставување, до изборот на апликации, украси и обработка на детали. Бувално секој купувач е поканет да биде гостин во фабриката на Rimac во Хрватска и да го скрои автомобилот според своите желби. Гест кој е за очекување со оглед на сумата што треба да се изброи за Nevera, а почнува од 2.000.000 евра

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.