Портрет на Кристијан Мауер-ОРЕЛ ВО ШВАЈЦАРСКИТЕ АЛПИ

26/10/2021

НЕПОВТОРЛИВИОТ КРИСТИЈАН „ШРИГЕЛ“ МАУРЕР ПО СЕДМИ ПАТ ТРИУМФИРАШЕ ВО НАЈПОЗНАТОТО И НАЈТЕШКО НАТПРЕВАРУВАЊЕ ЗА ПАРАГЛАЈДЕРИСТИ, ШТО ГО ИЗДИГНУВА НА НИВО НА „ПОЛУБОЖЕСТВО“ МЕЃУ ЉУБИТЕЛИТЕ НА ЕКСТРЕМНИТЕ СПОРТОВИ, А ГО РАЗГОРУВА И ПРАШАЊЕТО: „ШТО ГО ПРАВИ ТОЛКУ ДОБАР“?

 

Предизвикот наречен „Ред Бул Х-Алпс“ се одржува на две години и во 2021 година финишираше со слетување на сплав во Цел ам Зее во Австрија. Рутата која порано бараше од учесниците да стигнат од Салцбург до Монако се промени поради настанатата пандемија и затворањето на одредени граници, но немаше промени на врвот! Кристијан Маурер по седми пат беше најдобар и најбрз, па прв слета на целта. Според известувачите, на 160 километри до целта, предноста пред второпласираниот била точно 160 километри. Само на последниот ден, тој минал седум часа во лет над најголемите австриски врвови на Алпите, а дополнително имал и нецели три часа во планинарење.

На овој начин тој ја потврди својата доминација, а за да биде впечатокот комплетен победи и на следното натпреварување во италијанските Доломити. На возраст од 38 години, Мурер е веќе 14 години крунисан како најдобриот меѓу најдобрите.

 

Сите се прашуваат зошто Шригел Маурер е толку добар во параглајдерство. Овој спорт (како и секој друг спорт) се потпира на природниот талент и напорниот тренинг, затоа што не постои универзитет што ќе ве научи на тие вештини. Шригел работел како помошник ѕидар при крајот од своите тинејџерски години, кога го открил параглајдерството. Веднаш се впуштил во интензивна романса со него и започнал да ги импресионира своите пријатели кои во тоа препознале природно чувство за летање и управување со сите операции коишто можат да настанат додека си високо во воздухот.

Но сепак, она што најмногу му помогнало на Шригел е фактот дека израснал на Алпите во Швајцарија. Тој денеска е професионален тест пилот со параглајдери и поминува во воздухот преку 300 часа во текот на една година. Сето тоа создало основа тој да биде успешен во овој спорт, но никако не смее да се потцени високото ниво на вештина што тој го постигнал водејќи се од својот спортски порив, желба за натпреварување и победа. Во текот на неговата параглајдерска кариера тој станал повеќекратен шампион на Швајцарија, а дополнително има освоено дузина силни интернационални натпреварувања во трките со параглајдерство.

Аналитичарите кои го набљудувале неговото летање, покрај претходните три нешта (талент, тренинг и искуство) додале уште една карактеристика којашто го одвојува од мнозинството. Тоа го објаснуваат со тоа дека неговата линија на летање често е праволиниска и без многу вртења во топлите воздушни струи, што го прави неговиот лет исклучително брз. Сè се сведува на тоа како тој ја бира линијата на движење низ воздухот и дека на крајот тоа се покажува како мошне ефикасен начин којшто е наштелуван до најситни детали со долгогодишното летање. Дури и направиле споредби со тоа како летаат орлите за да се укаже дека тие ја заземаат најдобрата линија за максимално искористување на потисокот на воздухот. Оттука потекнува и неговиот прекар „Chrigel the Eagle“.

 

Уште една голема разлика меѓу швајцарскиот параглајдерист и другите вљубеници во овој екстремен спорт е тоа што од досега видените случаи изгледа како тој да може да слета на која било површина. Значи, тој едноставно може да се спушти покрај пат, или на мала чистинка во шума среде планина, а притоа сето тоа да изгледа како да паркира возило или како да слегува од автобус, затоа што успева да застане таму каде што сака да застане. Кога човек го има тој трик во шеширот, тогаш му се отвораат многу можности кои другите спортисти едноставно ги сметаат за невозможни.

Последно нешто за што треба да му се оддаде почит на сензационалниот параглајдерист е тоа што тој го издигнал сето ова на високо професионално ниво. Зад него сега стои неговиот тим со кој тој тренира заедно со своите блиски помошници и пред големите натпреварувања прави детални подготовки со различни сценарија за различни временски услови. Затоа тој ќе оди и ќе лета со параглајдер дури и во денови кога другите ќе посакаат да останат во своите безбедни домови и со тоа ќе се мотивира да оди секогаш подалеку од другите. Тој и неговиот тим буквално живеат живот посветен на параглајдерството и секој ден им е исполнет според одредена програма.

Искуствата покажале дека на едно од најголемите натпреварувања „Ред Бул Х – Алпс“ другите спортисти најпрвин планинарат, а потоа чекаат да започнат топлите воздушни струи. Наспроти ова, Шригел беше пионер со својата тактика да сврзе повеќе кратки летови во една голема дистанца, каде што во секој час од денот прави напредок. На крајот од натпреварувањето во 2021 година, тој победи со време од осум дена, шест часа и триесет минути имаше предност од 130 километри во однос на вториот пилот. Претходно, во 2015 година, според објавените резултати на истото натпреварување, тој имал просечна брзина од 31 километар на час, додека второпласираниот се движел со брзина од 28 километри на час.

Сето ова покажува и докажува за каква уникатна личност станува збор. Неговиот талент е развиен до совршенство со секојдневните тренинзи, унапредување на вештините, стекнување на искуство и планирање на секој чекор во едно натпреварување. Затоа, тој е непобеден 14 години во низа и по седми пат го освои првото место на „Ред Бул Х – Алпс“. За да се победи против Шригел, се чини дека е потребно да се направи и вложи многу, а ретко кој е подготвен на тоа.

 

ФОНДАЦИЈАТА ОВОЗМОЖУВА ДОМ И ЛЕТАЊЕ СО ПАРАГЛАЈДЕРИ

 

Кристијан Маурер како и секој друг успешен човек се обидува да и помогне на заедницата од каде што потекнува. Тој е поврзан со локална добротворна организација во Швајцарија која обезбедува домови за напуштени млади луѓе „You Count“, а притоа им овозможува на оние кои сакаат да летаат со параглајдер да го научат тоа во нивното училиште. Тој го огласи на аукција неговиот прибор за летање со кој настапи на последниот натпревар и побара почетна цена од 3.000 швајцарски франци во аукцијата, нагласувајќи дека сите пари ќе одат за фондацијата.

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.