Полињано а маре-ТОПЛО ГОСТОМПРИМСТВО ЗА ЛЕТУВАЛЦИТЕ ОД СВЕТОТ

01/08/2025

БЛАГОДАРЕНИЕ НА НЕКОЛКУТЕ МИЛИОНИ РЕЦЕНЗИИ ШТО ГИ НАПИШАЛЕ ТУРИСТИТЕ КОИ ОДЕЛЕ НА ЛЕТУВАЊЕ ВО ИТАЛИЈАНСКИОТ ГРАД ЧИЈА ДРЕВНА ИСТОРИЈА Е ДОСТОЈНА ЗА ПОЧИТ, ЗАЕДНО СО АВТЕНТИЧНИТЕ СВЕДОШТВА И МОЖНОСТИТЕ ШТО ГИ НУДИ ЗА ДОЛГО СЕЌАВАЊЕ, ПОЛИЊАНО А МАРЕ СО ГОДИНИ Е ПРВ НА РАНГ-ЛИСТАТА КОГА СЕ РАБОТИ ЗА ГОСТОПРИМСТВОТО – СЕКАКО, ВО СВЕТСКИ РАМКИ. ТОПЛИНАТА НА ЧУВСТВАТА Е РАЗБИРЛИВА – САМА ПО СЕБЕ

 

Градот се наоѓа во Апулија, од Бари е оддалечен 60 км – јужно. Веќе неколку години со ред го има приматот за најгостопримлив, а изборот е направен во конкуренција на голем број туристички места ширум светот – врз основа на рецензиите (позитивните критики) од летувалците кои резервирале на порталот „Букинг“, почнувајќи од 2023-та. И годинава ја има предноста, исто како и лани. Водениот превоз, траект и ферибот од Бар, секако дека е олеснувачка околност за македонските граѓани – трае околу седум часа. Штом ќе пристигнете, без оглед на заморното патување, градот ќе ве освои на прв поглед, со својата автентичност – пред сè. Полињано а Маре всушност белее на карпата, големата камена маса која се издига над водената површина, и тоа 20 м. Нема сомневање, поврзаноста со Јадранот е судбинска, емотивна – барем така ја опишуваат неговите жители. Оттаму и древните легенди што се пренесуваат и на младите поколенија, враќајќи го минатото – уште во времето на неговото создавање, пред новата ера. Историјата е достојна за почит, без исклучок на сегашнината.

Испреплетеноста може да се забележи на секој чекор, проникната со поетски доживувања – не случајно, Полињано (скр.) е родниот град на Доменико Модуњо. Италијанскиот кантавтор се овенчал со слава на „Евровизија 1958“ кога ја испеал „Воларе“. Песната станала голем хит, па дури и во Америка – постојано се вртела на тамошните радиостаници. Наводно го инспирирале сликите на Марк Шагал. Во негова чест, мештаните пред 15-тина години го ангажирале познатиот уметник – Аргентинецот Херман Мејер да изработи скулптура од бронза, висока три метри. Косата и палтото како да му се веат на ветрот, додека го прегрнува својот град со раширени раце. Глетката е величествена, странските туристи постојано се фотографираат со желба да ја овековечат, заедно со прекрасниот поглед на морето. Ритмичните звуци на брановите се во хармонија со изведбите на домашните – „Нел блу дипинто ди блу“, доволно за да ве поттикнат на нешто храбро, мадлесто: да скокнете од некоја стена, нурнувајќи се во неговата длабочина, во боја на безоблачно небо.

 

КРИСТАЛНО ЧИСТО МОРЕ САМО НА НЕКОЛКУ МЕТРИ ОД ЦЕНТАРОТ

Речиси нема припадник на месното население што не може да се оквалификува како мајстор за скок во вода, независно дали се работи само за салто, вклучувајќи го и т.н. салтомортале – буквално сите ја искусиле и неубавата и убавата страна на спортската дисциплина. Во прашање секако е повеќедецениски тренд кој го носи истото име како и надалеку прочуената канцона. Летното време е идеално за одмерување на силите, до крајна граница. И тоа со публика. Местата за капење, плажите во шпицот на сезоната се преполни, без оглед на фактот што ги има во голем број. Иако теренот е карпест, Полињано а Маре изобилува и со песочни. Сепак, најпозната е „Лама Монакиле (Кала Порто)“, ќе ја забележите на страниците во сите бедекери, туристички водичи – претставена и како најубава во Апулија. Се нарекува и плажа на желбите. По малку потсетува на фјорд. Сместена меѓу две карпи (туф), некогаш била речно корито, а во непосредна близина е мостот кој води кон срцето на стариот град.

Во неговото подножје е „Кала Паура“. Стравот од ветровите и брановите на морепловците кога се закотвувале таму е главната причина за името што ù го дале. Плажата е карпеста, за разлика од „Порто Кавало“ на југ – песочна, со доволно простор за оние кои сакаат мир, тишина (полно спокојство). Морето е кристално чисто, се стигнува за кратко време, можете да одите и пеш. А, водата е кристална и во северниот дел на Полињано. До „Порто Контеса“ ќе ве одведе и велосипедска патека. Во спротивен правец е „Спјаџа Сан Вито“, совршена за семејства со деца – песочна, исто така – недалеку од центарот на градот. И неговата околина е богата со плажи, најразлични: „Монополи“ (оддалечена 10 км), „Капитоло“ (15 км), „Торе Гвачето“ и „Торе Кане“ (30 км), „Санта Марија ди Леука“ (80 км) – за сечиј вкус. Изборот навистина е голем.

Доволен е само еден ден за Полињано а Маре да го прошетате цел. Но, ако сакате да го почувствувате, доживеете…, потребни се неколку – без сомневање. Годишниот (летен) одмор е добра прилика за такво нешто – во раат да го истражите, да се уверите во неговата сугестивност. Во врска со тоа прашање, туристите (и странските и домашните) наполно се согласуваат дека градот влијае хипнотички, без исклучок на мештаните. Освен што сакаат гости, со задоволство ги примаат и пречекуваат во своите домови. Притоа ќе ве упатат на вистинските адреси – каде да одите, кои места да ги посетите, знаменитости…

Пештерите секогаш се во прв план. Дури и ќе ве охрабрат да се пуштите во лов на октоподи – не сами, туку со обучени ловци. И заедно да ги приготвите.

Слободниот дух е карактеристичен за месното население, во тесна корелација со благата на животот. Културното е само дел од нив. Сè започнува во срцето на стариот град (историскиот кварт), секоја прошетка. Зборно место е „Арко Маркезале (Порта Гранде)“, секако. Датира уште од 16 век. Тогаш немало друг влез во утврдениот град, постоела само арката. Остатоците од „Сан Џузепе“ (15 век) сведочат за живописноста на некогашната црква. Позади неа е катедралата во романски стил – „Пресвета Богородица“ чии фрески, декорации немаат цена, се сметаат за непроценливо културно наследство. Бидете спокојни, нема да се загубите во лавиринтот од калдрмисаните улички, ставени се ознаки. Лесно ќе го најдете и еврејското гето, денес таму има две цркви: едната е посветена на чистилиштето (според познатите христијански верувања – место во задгробниот свет, пред влегувањето во рајот), а другата, пак, на Свети Стефан. Во нивна близина се наоѓа „Пино Паскали“, т.е. Музејот на современата уметност. Изложбата е постојана, единствена во регионот. Попатно ќе наидете на сувенирници, слаткарници, сладоледџилници, ресторани со поглед на морето..

 

ВИЗУЕЛНИ ПРЕТСТАВИ КАКО ПЕШТЕРНА УМЕТНОСТ

Многу изненадувања ве очекуваат, убави – се разбира. Полињано е познат и како град на поезијата. Следува нешто возвишено, восхитувачко, пријатно. На скалите, ѕидовите, вратите…, уличниот уметник Гвидо Лупори со благослов од мештаните ги испишал стиховите на познатите писатели со цел на младите да им го доближи литературното творештво, нејзината убавина. Ловот на духовното богатство секогаш е интересен, спознавајќи го во исто време. Како и на материјалното. Разликата е во тоа што може да се види, без разлика дали е морско благо во прашање. Или земно.

Во него спаѓаат и пештерите, оддалечени само 200 м од центарот на Полињано а Маре, до кои ќе стигнете на различни начини: со чамец, СУП-даска…, зошто да не и пливајќи. Тур-операторите се подготвени да ги исполнат желбите на сите, па дури и на оние кои пребираат многу. Штом ќе влезете, како што изгледа – веројатноста да бидете маѓепсани од прекршувањето на зраците во водата, правејќи визуелни сензации, воопшто не е доведена под знак прашалник. Не препуштајте да влезете во „Грота дела Рондинела“, „Грота деле Монаке“, „Грота дел’Арчивесковадо“ – имињата не се дадени случајно. Се врзуваат со ластовиците, калуѓерите, архиепископите. Без исклучок на „Грота Палацезе“ во чии рамки е и хотелот и ресторанот прогласен за најромантичен во светот, без преседан. Освен што треба да резервирате маса, важно е да имате и длабок џеб. Астрономските цифри се вообичаени – кореспондираат со добриот квалитет. Инаку, во пештерата се приредувале раскошни забави уште во 1700-тите години за што сведочи и акварелот на Louis Jean Desprez од 1783-та.

Природната хармонија може да се забележи на секое место. И спокојниот живот, како што доликува – со мерак. Узурпацијата е апстрактна именка. Градот брои нешто повеќе од 17.000 жители, а филозофијата до која се држат во голема мера го вклучува и хедонизмот- секогаш имаат време за прошетка. Макар и до „Понте Борбонико“ кај „Лама Монакиле (Кала Порто)“, за да го гледаат зајдисонцето. Небото ја менува бојата, за миг станува розово. Изградба на мостот е всушност – нарачка на едно богато семејство на почеток ги сврзе двата брега, разделени од реката. Иако денес е безводна, „Понте Борбонико“ служи како видиковец. Погледот е восхитувачки, од 15 м височина. Сигурно ќе ве наговорат да застанете и да уживате во неговата убавина. Ја опфаќа и Виа Трајана, некогаш ги поврзувала Беневенто и Бриндизи. Веднаш потоа, вкусете ги специјалитетите на тамошната кујна.

Рецептите за јадењата се традиционални, какво што е и самото приготвување. Вкусни се и тестенините („орекјете“) со листови од репка, и школките со магдонос, лук и лебно брашно, и рибината чорба, и фокачата, и тавата со школки, ориз и компири, потпечена со „пекорино“ и чери-домати, и ролните со сланина, сирење и магдонос („бомбете пулјези“), печени на жар, и октоподот во глинен сад, со домати, кромид и компири. За десерт можете да си порачате или сладолед или „пастичото“ или „торончино семифредо“ – ќе ве освежат, дефинитивно. И сето тоа во комбинација на црвено вино. Мештаните со задоволство ќе ви го препорачаат „Примитиво ди Мандурија“ – има јак мирис, таква му е и бојата. Дружбите навистина се пријатни, траат долго – некогаш и до зори. А, утрата се приказна за себе. На повидок се нови искуства, хоризонти…, за коплетен впечаток. И љубезните насмевки на домаќините. За да се вратите, макар и во спомените. Барем уште еднаш. Независно дали се излежувате на некоја плажа по цел ден, рипате од карпите во водата или можеби се воодушевувате од пештерната уметност, визуелните претстави…, сеедно – впечатоците ќе останат во вашите сеќавања, засекогаш.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.