Марката Полстар е луксузно екстравагантна марка во сопственост на Волво. Иако Волво е во премиум класата, во која се подразбира луксузот, сепак одлучи да создаде уште полуксузна и попрестижна марка во соработка со кинескиот автомобилски гигант Гили во чие сопствеништво влегува и Волво. Токму таа марка деновиве ја претстави обновената „двојка“ која влезе во петтата година од првичното претставување. Нов преден дел со нова маска и минимални речиси незабележителни измени на останатиот дел од каросеријата. Внатрешноста, исто така, претрпела козметички зафати, но најголемите измени се случиле под каросеријата со вградување на нови батерии и нови помоќни електромотори. И да потврдиме, зборуваме за автомобил со електричен погон, оваа марка нема други погонски единици сем електричните.
Со новите батерии „полстар 2“ со само заден погон изминува 480 км и поседува 299 КС со кои од 0 до 100 км/ч забрзува за 5,9 сек, а претходно за 7,0 сек. Малку е чудно што „двојката“ со погон на сите тркала не доби нови батерии, но има подобрување во силината на електромоторите, од 408 на 421 КС. Ако во оваа изведба е присутен пакетот „перформанс“ тогаш работите преминуваат во, да речеме, супер спортски, односно вкупната силина изнесува 455 КС. За оваа изведба до 100 км/ч потребни се само 4,2 секунди.
Електронско дигиталните помагала ги има во уредот наречен „пилот пек“ во кои се вклучени следниве единици: предупредувачки сигнал во сообраќајот, систем од камери кои покриваат сѐ околу возилото (360 степени), а како дополнување го има и „паметното око“ кое е поврзано со ултра сонични сензори и камери и снима сѐ што се случува пред автомобилот.
Цената на основниот модел, опремен со еден мотор, сѐ уште не е позната, но озборувањата велат дека обновениот модел ќе чини 50.000 евра, додека тој со „перформанс пек“ кој има два мотори и погон на сите тркала ќе чини 65.000.