Во продажните салони на Peugeot во Македонија пристигна обновениот SUV 3008. Peugeot 3008 со новото освежување сака да го задржи силниот ритам што го има од претставувањето на моделот. Подобрувањето на 3008 се базира врз три клучни елементи, а тоа се стилот, унапредувањата на кабината со уште повеќе технологија, како и почисти и помоќни погонски единици. Најзабележливото освежување кај моделот 3008 се наоѓа на предниот дел што ја интерпретира еволуцијата на дизајнерскиот јазик на компанијата. Поставени се нови LED- светла, а решетката доби нов дизајн, како и трите нови отвори за воздух. Особено добра визуелна игра е постигната со начинот на кој се интегрирани мигавците и фаровите и предната решетка. Силуетата е задржана, но благодарејќи на сменетиот преден дел се добива поагресивен и поспортски впечаток. На задната страна се наоѓаат унапредените светлосни групации што се со технологија Full LED што ги прикажуваат 3D „лавовски канџи“.
Освежениот Peugeot 3008 добива и две нови бои, како и новиот Black Pack што е достапен кај повисоко опремените верзии. Во ентериерот се направени промени од помали размери, а новина се централната конзола и панелите на вратите. Новитет е поголемиот инфозабавен систем што има 10-инчен екран на допир, но и новиот Peugeot i-Cockpit со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер, а тука е и новата технологија Night Vision за подобра прегледност при ноќно возење. Peugeot 3008 може да се набави со турбо-бензинец PureTech, турбо-дизел BlueHDi или хибриден погон plug-in. Во понудата се две верзии PHEV, едната со 225 КС и погон на предните тркала, а втората со 300 КС и погон на четири тркала. Електрифицираните варијанти добиваат три возачки режими – Electric, Hybrid, Sport. Кога станува збор за бензинските мотори, купувачите може да изберат меѓу 1,2-литарскиот трицилиндерски мотор со 130 КС или 1,6-литарскиот четирицилиндерски мотор со 180 КС. Помоќниот е достапен единствено со осумстепен автоматски менувач. Дизелите се застапени со BlueHDI со 1,5-литарски четирицилиндерски мотор со 130 КС.