Пежо ја почна годинава многу офанзивно. Во првите денови од јануари го претстави електричниот концепт инсепшн во Лас Вегас на саемската манифестација ЦЕС, а на крајот од месецот одржа состанок во кој ги претстави плановите за идниот развој на компанијата, односно на електрификацијата на своите возила. Сето тоа беше спакувано во „лавовскиот ден“ со предзнак „е“ со кој се нагласува електрификацијата.
Зачудува една реченица од изјавата во која Пежо тврди дека неговите електрични автомобили ќе бидат речиси една деценија потрајни од сегашниве со клипен мотор. Векот на еден автомобил со ото или дизел мотор е 15 до максимални 20 години. Е – 3008 е прв со кој ќе стартува, а потоа следи поголемиот со седум седишта, моделот 5008. Помалиот „сув“ ќе биде конструиран на основа од новата платформа на групацијата Стелантис, именувана како „стла“ и според најавите „3008“ ќе има автономија од дури 700 км.
Според плановите на Пежо, годината 2025 ќе биде година во која сите модели ќе бидат електрифицирани, а по 2030 сета гама ќе биде потполно електрифицирана, ќе нема место за умерено хибридните, хибридните со приклучок и сите други изведби.
Ништо друго не ни преостанува туку само да ја дочекаме светската премиера на сосема новиот „3008“, а потоа и моделот „5008“ и да видиме до каде ќе се реализираат плановите претставени на „лавовскиот ден“.
Жарко Атанасоски