НАЈАВА ЗА 24-ЧАСОВНА БРКОТНИЦА

10/08/2021

ТРКАЧКИОТ СВЕТ 89 ПАТ ЌЕ СЕ СОБЕРЕ ВО МЕСТОТО ЛЕМАН, ПОТОЧНО НА ПАТЕКАТА САРТ ЗА ДА ГИ ОДМЕРАТ СИЛИТЕ И ДА ГИ ВПРЕГНАТ ДО КРАЈНОСТ МНОГУТЕ КОЊСКИ СИЛИ ОД ПОГОНСКИТЕ АГРЕГАТИ. НАЈБРЗИТЕ, НАЈПОДГОТВЕНИТЕ И НАЈОРГАНИЗИРАНИТЕ ЌЕ ИМААТ НАЈГОЛЕМИ ШАНСИ ДА ПРИСТИГНАТ ПРВИ НА ЦЕЛТА, А ДРУГИТЕ НЕКА РАЗМИСЛУВААТ КАДЕ ПОГРЕШИЛЕ.

 

Лето е и повторно сме пред вратите на најпознатата, најтешката и најисцрпувачката трка на планетава 24 часа Леман. Најпозната е затоа што се вози дури од 1923 година кога првпат производителите на автомобили по препорака на организаторите во местото Леман одлучиле да се натпреваруваат 24 часа без прекин, со цел да видат кој од нив е најдобро подготвен и чиј болид може да се справи со деноноќието, односно чиј мотор е најиздржлив и кој тим ги има најдобрите возачи.

Како што забележувате, нема дел каде што не се бара да си врвен. Најдобар мотор, најдобри возачи, најдобра аеродиманика, најдобра шасија, најдобра организација и што уште нè, ако некој сака да се впушти во авантурата наречена 24 часа Леман. Мора да бидете подготвени најдобро што можете. Да се оди до крајни граници, да се биде под постојан и голем притисок сите 24 часа и истовремено да останете најконцентрирани и најбрзи на патеката и на крајот сите други на патеката да ги победите, да бидете пред нив на целта.

Леман е брканица од која може да се извади жива глава само ако возачот е максимум мотивиран, посветен и концентриран. Замислете тркач што има девет титули, како Том Кристенсен, или класата конструктори (производители) каде што Порше убедливо води со 19 победи во сите класи, не само во најатрактивната чии болиди се најбрзи.

Дел од патеката е посебно правен за трки, но дел е јавен пат по кој во останатиот дел од годината се движат возила. За време во деновите од подготовките, тренинзите и трките, јавниот дел од патеката е затворен. Вкупната должина на патеката по име Сарт изнесува 13.626 километри.

Годинава организаторот верува во поголема гледаност на трката затоа што највисоката класа на болиди „лмп 1“ е тргната, а на нејзино место е формирана нова, наречена „леман хиперкар“, а од наредната 2022 година ќе биде воведена и „леман дајтона хиперкар“, така што учесниците ќе можат да учествуваат на трките од американската серија и тие оттаму да учествуваат во шампионатот на издржливост и нивното учество да се бодува.

Подготовката на новата класа болиди во однос претходните (лмп 1) е многу поевтина и затоа штом класата беше најавена дека ќе ја замени „лмп 1“, многу производители најавија учество и затоа гледачите оправдано очекуваат вистинска драма на патеката Сарт од 21 до 22 август за кога е закажана трката.

Еден од тие што сакаат да бидат сопственици на тројната, а можеби подоцна и на четирикратната круна, е некогашната ѕвезда од Формула 1, Хуан Пабло Монтоја, кој најави учество за оваа година. Во негова сопственост се ГП на Монако и Индијанаполис 500. Најблиску до титулата беше во 2018 година кога го освои третото место во класата „лмп 2“, а годинава се надева на победа. Ако му се оствари сонот на Леман, можеби подоцна ќе го видиме и на релито Дакар.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.