Производителот Лотус е познат во светот по своите купе автомобили со лесна каросерија, ниско тежиште, добра избалансираност на тежината на двете оски, директно и оштро управување и слични нешта, чинители кои се многу поблиску до тркачките автомобили отколку до туристичките. Но за еден автомобил да биде лесно управлив и беспрекорно стабилен, мора да биде правен по претходно спомнатиот „рецепт“ – тоа е единствениот правилен пат до успехот.
Лотус го лансираше на пазарот својот последен автомобил погонуван од клипен мотор, моделот „емира“, а претходно го направи истото и со „елис 240 фајнл едишн“. преку кој го означи крајот на производство на овој модел кој беше во производство 25 години, од 1996 до 2021. Бидејќи „елис“ е најпродаваниот и најпопуларниот модел во семејството Лотус, како што мириса од нивната „кујна“ одговорните повторно ќе го внесат во производство, но сега како електромобил.
Значи Лотус се прости од клипните погонски единици и сега преминува на целосна електрификација. Првото купе на електричен, односно моделот „елис“, е планирано за премиерно претставување во 2026 година. Првичното прикажување пред светската јавност не е ниту блиску, ниту далеку, но во моментов четири години се премногу, затоа што другите проиводители веќе ги продаваат своите електромобили. Најверојатно Лотус малку доцни со електрификацијата.
Како и да е, овој производител ја тера работата по свое, не отстапува од корените и од традицијата, така што и електрифицираните автомобили ќе имаат лесна шасија и каросерија, едноставно и директно управување и врвна стабилност, односно ќе бидат присутни сите особини спомнати на почетокот од текстов. Сега Лотус е зафатен со тестирањата на сите делови од електричниот „елис“ и работи на нивно ускладување, подесување за автомобилот да има што е можно подобри возни својства. Според првите официјални извештаи купето ќе има еден електромотор сместен централно зад седиштата, класика, со силина од 476 КС и 483 км автономија со едно полнење на 66,4 kWh батерија.
Покрај „елисот“ Лотус планира да претстави не еден, не два, туку три сув модели и со тоа престанува ерата на исклучиво производство на купе автомобили. Лотус е последниот од сите производители на спортски купе автомобили кој најави развој и производство на „сув“ возила. И што е најважно сите „сув“ возила ќе ги имаат истите дизајнерски линии со тие од купето. Сега ни преостанува да ја дочекаме 2026 и да видиме со што ќе излезе на „терен“ секогаш занимливиот Лотус.