ЛЕТАЧКИ СКУТЕР, ТАКА СО ДВА – ТРИ ЗБОРА МОЖЕ ДА СЕ ОПИШЕ „ФЛАЈНАНО“, МАЛАТА НАПРАВА КОЈА ПОЛЕТУВА И СЛЕТУВА ИСКЛУЧИВО ОД И НА ВОДА. ЗА МАЛОТО ЛЕТАЛО НЕ Е ПОТРЕБНА ДОЗВОЛА, ВООДУШЕВУВА СО НЕГОВАТА ЕДНОСТАВНОСТ И Е РЕЧИСИ РАЧНА ИЗРАБОТКА.
Mоторче или мопед, за него не треба посебна дозвола за возење, а уживањето е големо и за кусо време можете да совладате големи растојанија. Моторните санки, исто така, се дел од уживањето, а и скутерите за на вода доловуваат удории како ниедно друго превозно средство на вода. Дали од потреба за секојдневна задоволување на работните обврски или за уживање, човекот многу пати во својот развој размислувал за секакви превозни средства.
Желбата за летање нè води директно на приказната за Икар, балоните со топол воздух на Цуг Лианг од третиот век п.н.е. потоа доаѓа времето пред ренесансата кога постоеле обиди од поединци и групи да направат голема птица со која ќе летат. Така велат наодите од Пиринејскиот полуостров, а во ренесансниот период најпознат е Леонардо да Винчи со неговите цртежи за падобранот и леталото претходник на денешните хеликоптери. Тука е и Ото Љиљантел и неговото летало кое се употребува и денес со минимални измени во дизајнот, но во основа современите делтаплани се сосема исти со тој на Љиљантел.
За ваквите направи и на нив сличните, умееме да кажеме дека ќејфот е голем. Од сите тие занимливи превозни средства најтешко се доаѓа до леталата. Поради природата на нештата тие се најскапи и некако најнедостапни за поширок круг на обожавателите на леталата и летањето. Досега беше така, а отсега натаму работите може да се изменат благодарение на „флајнано“ односно „летајте со нешто мало“.
Тимот од фински конструктори и пред сè љубители на летањето на почетокот од декадава конструираат летало во вид на триоаголник (споени крила) и со едно седиште. Наместо тркала, леталото всушност е наменето за полетување и слетување на вода. Таму некаде на северот од континентов, посебно Финска, водени површини има на претек и не за џабе ја нарекуваат земја на 1.000 езера.
Можеби поради тие 1.000 езера, конструкторите направиле хидролетало со должина од 3,8 метри, висина 1,3 метри и распон на крилата (споени) од 4,8 метри. Елисата е над главата на пилотот и има дијаметар од 1,45 метри и ја задвижува електромотор чија вкупна силина изнесува 43,5 КС (32 kW). Леталото е тешко 70 кг, со тоа што пилотот мора да биде полесен од 100 кг за леталото да може од вода да се вивне во воздух. Потребна му е брзина од 90 км/ч да полета и развива максимални 120. Ако направата „флајнано“ лета цело време со максималната брзина (120 км/ч), летот ќе трае само 15 минути. Потоа батеријата мора повторно да „оди“ на полнење.
Времетраењето на полнење е кусо, само 60 минути и летањето можете да го продолжите. Летањето е лесно и едноставно, така велат тие што летале, не е потребна посебна административна дозвола, исто како и за моторче до 50 кубни сантиметри работна зафатнина. Во класата на електрични летала со еден мотор, ова е најлесното.
Направата е летало и секако дека треба да се има некоја куса обука за управување со него. Производителот нуди часови по летање со нивниот производ, но не нагласува колку сето тоа чини и дали ако некој го купи леталото надвор од нивната земја треба да оди директно до езерата на север во Лахти каде е седиштето на производителот Флај Нано ОУ или конструкторите ќе го донесат леталото и ќе обучуваат на лице место.
Цената на леталото, плус транспорт плус часови за летање, плус царина, плус данок, плус ова, плус тоа, плус ваму, плус таму и на крај којзнае колку ќе „фати“. Да не го коментираме меракот за летање, вие самите пресудете, дали сакате да имате „флајнано“. Сè е тоа во ред, дека леталото е рачно правено и дека оклопот е од композитни материјали, најлесно е од сите електрични со еден мотор, не треба дозвола за летање итн.
Кој е заразен со летањето лесно може да стапи во контакт со конструкторскиот тим и главниот Аки Суокас за купување на „флајнано“ . Кога сме кај купувањето, да нагласиме дека на интернет наидовме на многу различни цени, од 39.000 до 100.000 долари.