Автомобилите кои некогаш биле многу купувани и популарни, или, пак, освојувале бројни наслови во брзинските натпревари, денес се многу почитувани од севкупната светска јавност. Таков е случајот со „ланча ево 037“ автомобил посебно конструиран за учество на Светскиот шампионат во рели. Овој посебен модел од Ланча бил возен од легендарните рели возачи како Марку Ален, некрунисаниот крал на релито, Атило Бетега и Валтер Рерл. Ако нештата се бројат според титулите тогаш „ланча ево 037“ е над сите затоа што е последен автомобил кој го има освоено светкиот шампионат во рели со погон на само една оска.
Во чест на овој автомобил компанијата Кимера ќе направи ограничен број примероци кои ќе бидат хомологирани за туристичко возење. Првичното претставување пред светската јавност ќе се случи на 22 мај и најверојатно претставувањето ќе биде дигитално со оглед на денешнава состојба во која се наоѓа планетава. Најнапред ќе бидат произведени 37 примероци со погон на задните тркала. Моделот тежи 950 кг, а според најавите во себе ќе носи погонска единица со над 550 КС. Првите пет примероци ќе бидат посветени на возачите кои „другарувале“ со автомобилот за време на рели натпреварите и секако тие ќе имаат малку „посолена“ цена. Инаку, „обичните“ примероци од „ланча ево 037“ ќе се продаваат по цена од околу 480.000 – 500.000 евра. Работилницата Кимера можно е да произведе уште дополнителни 10 со погон на сите тркала, „интеграле“. Големи пари, но кој сака примерок од речиси рачно направен автомобил, ќе мора да ја издвои претходно спомнатата сума.
Овој бисер од автомобил со богато минато и енормно голема силина, скоро е распродаден (можеби е веќе распродаден). Ако некој е заинтересиран за купување, може директно да праша во компанијата Кимера и да добие информација од прва рака.
Следното прикажување пред публиката ќе се случи некаде на средина од летото на Гудвуд фестивалот на брзината каде покрај другите ќе биде и поранешниот шампион во рели Мики Биасион кој заедно со останатите пилоти ќе извозат неколку кругови на познатата парадна патека.