Истовремено кога далеку понасевер подготвуваа нешто необично, но сепак брзо на основа од веќе надалеку познат модел, истовремено во питомата и сончева долина во местото Санта Агата Болоњезе конструкторите забрзано подготвуваа модел на основа од „хуракан“, но малку поинаков, посебен и наменет за совладување терени надвор од асфалтот. Таму погоре, кога сите мислеа дека името на моделот ќе биде „Сахара“, одговорните од местото наречено Цуфенхаузен, денес дел од Штудгарт како предградие, го именуваа со „дакар“, односно „порше 911 карера дакар“. И додека едните со макотрпна работа создаваа спортски автомобил за макадам, во тој питом предел на Апенинскиот Полуостров група конструктори со страст и голема желба создаваа ист таков автомобил кој на „носот“ носи разлутен бик со име „Стерато“ – „ламборџини хуракан стерато“. Тој збор „стерато“ во превод означува пат полн со прашина, прашливо патче, тесно со многу вдлабнатини, низ кое некогаш многу одамна се движеле коњски запреги…
Ламборџини е наменет за возење и на асфалт, но и надвор од него. Има и такви кои сакаат брзо возење низ пустините без да сменат возило. Секако дека моделот „хуракан“ претрпел мноштво измени, сега е подалеку од подлогата за дополнителни 44 мм, за да може подобро да се справи со нерамнините, има заштитни плочи да не биде оштетен неговиот долен дел, но и каналите за воздух се изменети, поставени поинаку. Трагот на предните тркала е поголем за 30, односно 34 мм на задните тркала. Погонската единица е веќе познатата V десетка со работна зафатнина од 5,2 литри со 610 КС при 6.500 врт/мин. и вртежен момент. Силината се пренесува на сите тркала преку седум степен автоматизиран менувач со двојна спојка.
Производителот нуди 350 бои за школката и 60 за одделот за патниците, а ќе бидат произведени само 1.499 примероци.