ДВЕ ЛЕГЕНДИ ОД СВЕТОТ НА ТРКИТЕ, ВАЛЕНТИНО РОСИ И КИМИ РАИКОНЕН, ОБЈАВИЈА КРАЈ НА АКТИВНАТА КАРИЕРА И ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ТРКИТЕ НА КРАЈОТ ОД ОВАА СЕЗОНА. ИАКО ЕДНИОТ Е МОТОЦИКЛИСТ, А ДРУГИОТ АВТОМОБИЛИСТ, ИМААТ МНОГУ ЗАЕДНИЧКИ НЕШТА
Влезот во елитната категорија на мотоспортовите им се поклопи да биде во новиот милениум, откако претходно направија сензација во пониските класи. Од друга страна, имаа различен пат до славата, како и осцилации во текот на кариерата.
Валентино Роси влезе во Мото ГП како возач на Хонда и со зачудувачка брзина доби услови што беа на рамниште на фабричкиот тим, иако ја стартуваше кариерата преку сателитската екипа. Она што најмногу го дефинираше како икона на овој спорт всушност е разидувањето со јапонскиот производител и трансферот во Јамаха од 2004 година, кога сите очекуваа дека неговата успешна приказна, којашто веќе тогаш вредеше неколку светски титули, ќе се распрсне како меур од сапуница. Сепак, титулата во 2004 со Јамаха и на најголемите скептици им докажа дека станува збор за специјален талент, којшто си го заслужи прекарот „Доктор“. Во неговата ера имаше многумина кои се обидуваа да стигнат до титулата, како Бјаџи, Гиберно, Педроса и други, но дури на Ники Хејден му појде од рака да ја прекине неговата доминација со освојување на титулата во 2006 година. Појавата на Кејси Стонер, исто така, е значаен момент, бидејќи успеа да го зпоходот на Роси со единствената титула на Дукати во 2007 година, што беа единствени „знаци на слабост“ на Италијанцот кој од 2001 до 2009 освои седум титули. Доаѓањето на Хорхе Лоренцо во тимот на Јамаха и силната конкуренција што за првпат ја доби во сопствениот тим направија Роси и Јамаха да се разделат во 2012 и тој се обиде да направи чудо со трансфер во Дукати, но не успеа да ја воскресне кариерата која почна да опаѓа по неговата единствена голема повреда што резултираше со скршеница по италијанското гран при 2010 година. Враќањето во Јамаха покажа дека Дукати го немал потребниот капацитет, но исто така, со појавата на Марк Маркез ниту Роси не успеа да се израдува на нова титула, иако дојде сериозно близу на крајот од 2015 година, но се случи познатиот скандал и туркањето со Маркез, па титулата заврши кај Лоренцо. На секоја трка имаше полни трибини со негови навивачи, кои доминираа во препознатливата жолта навивачка боја, како најбројни и најгласни од сите други, па неговото заминување ќе биде голем удар за шоуто, иако последните две сезони беше видливо дека не успева да се снајде најдобро со напливот на нови генерации на возачи.
Кими Раиконен влезе во Формула 1 како возач на Заубер и имаше среќна ѕвезда која ја смени неговата улога од нископрофилна во ѕвездена по само една сезона, бидејќи сонародникот Мика Хакинен реши да се повлече во Формула 1 додека сè уште беше во топ тим, но едноставно ја загуби желбата за трки. Како наследник на Хакинен, Раиконен веднаш седна во врвен болид, но и покрај петте сезони минати со Мекларен Мерцедес, од 2001 до 2006, не успеа често да биде во конкуренција за титулата. Кога Михаел Шумахер за првпат се повлече од Формула 1 во 2006 година, Ферари му овозможи уште еден бомбастичен трансфер, којшто тој успеа да го круниса со шампионска титула во 2007 година, со само еден бод предност пред двајцата ривали кои ги бранеа боите на неговиот претходен клуб Мекларен.
До денес, судбината сакаше тој да остане последен возач што ја освоил титулата со Ферари, поради што неговото име често се спомнува. Но дека Формула 1 сепак е голем бизнис, Раиконен почувствува на својата кожа кога му се заблагодарија од италијанскиот тим за дотогашните успеси и го испратија на платено „мирување“ за да ослободат место за трансфер на Алонсо. Кими се забавуваше возејќи рели и НАСКАР, потоа формирајќи и своја екипа за мотокрос, а се врати во Формула 1 од 2012 година со Лотус Рено и успеа да направи чифт победи со тој тим, што повторно го вивна меѓу најдобрите возачи во шампионатот, иако го немаше континуитетот во претходно препознатливата убоитост. Сепак, доби втора шанса во Ферари како партнер на Себастијан Фетел, кога демонстрираше и нови квалитети како одличен тимски играч, но и незаборавни возачки постигнувања во веќе висока возраст. Неговите последни сезони во Формула 1 беа со тимот Заубер Алфа Ромео, каде што ја почна кариерата и сега ја заврши на не толку висока нога, но секогаш останувајќи максимално „кул“ и уживајќи во тоа што го прави.
Две сосема спротивни индивидуи покажаа свој начин на постигнување на успех и справување со кризните ситуации, но секогаш уживаа во она што го правеа. На крајот, сите овие паралели и анализи се сведуваат на тоа дека возраста сепак игра голема улога во овој спорт, но дека патиштата како се стигнува до статус на легенда секогаш се индивидуални.