ВО ФОРМУЛА 1 ОД 2009 ГОДИНА СТАРТУВАА ПРАВИЛАТА ВО КОИ БЕШЕ ДОЗВОЛЕН ЕЛЕКТРО-МОТОР КАКО ДОПОЛНИТЕЛЕН ИЗВОР НА ПЕРФОРМАНСИ, А СО ТЕКОТ НА ГОДИНИТЕ ИСКОРИСТУВАЊЕТО НА ОБНОВЛИВАТА ЕНЕРГИЈА СТАНА ПРИОРИТЕТ.
Започнувајќи од 2021 година натпреварувањето познато како Формула Е го доби од ФИА статусот на светско првенство, а во пресрет на новата сезона на Формула 1 беа донесени правила за користење на горива кои не се од фосилно потекло, како и план до 2030 година ова најеминентно спортско натпреварување да биде неутрално по прашање на загадување на човечката околина.
Овие два примера не се воопшто „паднати од небо“: Формула Е ја вози својата седма сезона, додека Формула 1 уште во 2009 година за првпат воведе елек- тромотор, тогаш само како дополнителен извор на перформанси, но со текот на годините искористувањето на обновливата енергија се претвори во приоритет. Имајќи го предвид ваквиот временски опсег, време е да се запрашаме што се случува во Македонија? Но, иако одговорот е едноставен, воедно и поразителен дека ништо не е сменето со децении, сепак ферски е да се прашаме и дали можеби има промени и во другите земји (не мора само соседните). И тука ќе го најдеме истиот одговор: пониските категории на авто-спорт сè уште не се под влијание од светските трендови.
Истовремено, треба да се погледне ситуацијата и кај мотоциклистите: во 2019 година за првпат започна класата Мото Е, иако со многу проблеми и одложувања. Во 2021 година, бевме сведоци дека легендата на ФМХ, швајцарскиот возач на мотокрос слободен стил, Мат Ребо, за првпат направи акробации со комплетно електрична машина во скијачкиот центар Лаакс, во источниот дел на неговата татковина. Во јуни 2021 година, најавен е стартот на електричните возила со ТЦР спецификација. Со ваквиот поглед на нештата, претходно опишаната поразителна ситуација со електрификација на спортот во Македонија е за нијанса ублажена, но утехата не може да биде целосна. Отсуството на стратегија по едно вака битно прашање за човечката околина е забележливо на повеќе нивоа, вклучувајќи ги и патничките возила. Сигурен сум дека во декадава што сега започнува и кај нас ќе има голем напредок на оваа тема, но посакувам што поскоро да дојдеме во ситуација да се радуваме на сопствен придонес кон зачувување на планетата. А по прашање на трките – лично сметам дека е добро да се почне со она што е најбрзо изводливо – па макар тоа биле и тротинетите. Сигурен сум дека тоа може да биде добро искористено во промовирање на сообраќајната култура, како и за почитување на безбедносните кодекси (кацига, заштитна облека).
Спортот е пред сè полигон за испитување на нештата во „тежок“ работен режим и со пробување на различни решенија се доаѓа до нивно унапредување, кое ултимативно води до спасување на човечки животи во сообраќајот.