Истанбул – ГРАД ВО КОЈ МИНАТОТО И ИДНИНАТА СЕ ПРЕПЛЕТЕНИ

22/10/2019

ВЕЌЕ НА ПРВАТА СРЕДБА СО ГРАДОТ, ЌЕ СЕ ПОЧУВСТВУВАТЕ КАКО ДА СТЕ ВО НЕКОЈА ПРИКАЗНА. АРХИТЕКТУРАТА, УЛИЦИТЕ, ЛУЃЕТО, ПРОДАВНИЦИТЕ, СÈ Е ШАРЕНО, ВЕСЕЛО, ОПУШТЕНО. ОД ЕДНА СТРАНА, ДРУГ СВЕТ, ДРУГА ПЛАНЕТА. ОД ДРУГА СТРАНА, НЕШТО МНОГУ БЛИСКУ. НЕОБЈАСНИВО БЛИСКО. ЗА РАЗЛИКА ОД МНОГУ ПРИЛИЧНО „ЛАДНИ“ ЕВРОПСКИ ГРАДОВИ, ИСТАНБУЛ, ПОКРАЈ ИСТОРИЈАТА И УБАВИНАТА, ИМА И ДУША КОЈА НАВИСТИНА ЌЕ ЈА ПОЧУВСТВУВАТЕ.

Непредвидливата хармонична комбинација на истокот и западот на Мраморното Море отсекогаш била цел на посе- тители со различни намери. Откако ќе зачекорите по улиците на Истанбул и ќе го почувствувате духот на градот што живее повеќе векови, ќе ги вдишете мирисите на истокот, а очите ќе ви се наполнат со арабески шари, разнобојни стакленца и безброј зачини, и сами ќе посакате да го направите Истанбул свој град.

Истанбул е Аја Софија, Сината џамија, Таксим, Топкапи, Долмабахче, но и многу повеќе од тоа. Овој мултикултурен град е и Египетската чаршија што мириса на цимет, шафран и јасмин, трепери во илјадници бои на накит и фенери, исто така, и Капали чаршија која блеска од скапоценото злато и дише низ жагорот на пазарењето за цената. Тој е и малата шарена количка од која купувате ѓеврек или печени костени на секој агол, во чиј вкус уживате додека шетате, безброј ресторани, барови, галерии и клубови кои можат да им парираат на кои било во некој европски центар. Градот вибрира со енергија и со иновација, какви што не се видени од времето на Сулејман Величествениот. Тука може да се видат луѓе од секаде, вистинска разновидност, покриени, бесрамно откриени, еднобојни, шарени, со или без марами, традиционални или со европски изглед.

Градот буквално е преплавен со важни историски згради и со возбудливи нови уметнички галерии и музеи што туристите ги окупираат во текот на денот. Но ноќта е времето кога градот ужива . Жителите се собираат за да видат и за да бидат видени, носејќи со себе неверојатно чувство на радост за животот, при што ја диктираат актуелноста на секој нов бар, ресторан, сала, проценувајќи ги според веќе добро познатите турски стандарди за квалитетна храна и пијалак, музика…

Истанбул е град со огромна историја. Пред освојувањето на Турците Селџуци бил престолнина на напредното Визан- тиско Царство и бил познат како Константинопол или Цариград. Претходно бил една од најважните колонии на Хелените и тогаш носел друго име – Византиум. Тој има неколкуилјадна непрекината историја, некогаш исклучително турбулентна, имајќи ја предвид местоположбата на градот, на бреговите на Босфор, меѓу Европа и Азија.

Градот има совршена местоположба на природно настанатото пристаниште, кое се наоѓа на Златниот ’Рт. Тука се наоѓала палатата на султанот. Султанот имал поглед и на исток и на запад и можел да го забележи секој брод што вле- гувал во неговата империја. На самиот влез на протокот е изградена и кулата Галата, а на бреговите на полуостровот се наоѓаат најстарите остатоци од урбаниот живот во градот.

Еден дел од градот го носи името Галата, сега тој е дел од квартот Бејоглу, каде што се сместени најважните споменици од сите ери на градот. Но по ред. Најпрво, потсетување дека секој турист мора да ги посети султановата палата и неговиот харем. За разлика од типичните европски огромни замоци, со безброј ходници, огромни сали, палатата на султанот, позната како Топкапи, има многу понормална димензија. Таа се состои од павилјони и од некој вид депанданси, преплетени со тревни површини, градини и, се разбира, со извор на вода, мало езерце или преубава фонтана. Секоја од тие градби е официјална просторија што ја користел султанот во својата секојдневна работа. Палатата била во употреба околу 400 години, па секој султан оставил свој личен белег на неа.

Во музејот на султановото богатство, кој е во рамките на комплексот на палатата, се изложени некои од муслиманските најважни реликвии, како што се, на пример, наметката и мечот на пророкот Мухамед. Нејзин градител е Мехмед Втори Освојувачот, кој не бил задоволен од својата тогашна Ески сарај (или Стара палата), седиштето на сегашниот Истанбулски универзитет. И покрај елеганцијата на просторот, Топкапи зрачи со моќта на управителите на некогашната најмоќна империја. Местото е преполно со примери од отоманската архитектура, но содржи и огромна колеција на порцелан, султански алишта, штитови и оружја. Топкапи била позната и по сликарската школа за сликање минијатури, како и исламски калиграфски колекции, како и колекционерска збирка на накит и сребрени и златни предмети. Инаку палатата Топкапи е заштитена од Унеско како споменик со статус на светско културно наследство. Денес ја чува турската војска. Во маалото Галата се наоѓа и неповторливата Аја Софија, денес претворена во музеј. Спроти неа е нејзиниот муслиманкси пандан, Сината џамија. Аја Софија или Базиликата на божествената мудрост има темели што датираат од 4 век од нашата ера. Од нејзиното настанување до 1453 година служела како византиска катедрала. Оттогаш до 1931 година била џамија сѐ додека не била секуларизирана и претворена во музеј. Позната по особено масивната купола, таа претставува олицетворение на византиската сакрална архитектура и се смета дека ја има сменето историјата на архитектурата во Европа. Приближно 1000 години била најголема катедрала на европска територија. Сегашното здание било замислено како црква во 532 година од н.е. и била градена по наредба на императорот Јустинијан. Нејзината архитектура како да им се спротивставува на физичките правила на статиката. Таа е дело на грчкиот научник Исидор од Милет и на физичарот Антемиј. Во своите најсјајни денови црквата чувала во своја сопственост голема колекција на свети реликвии, како што е петнаесетметарскиот сребрен иконостат. Таа била седиште на Цариградската патријаршија и религиозна фокална точка на Источната православна црква околу 1000 години. Плени со својата големина, но и со организацијата на внатрешниот простор. Византискиот крал и кралица влегувале внатре со двоколка, толку многу место одвоиле нејзините архитекти. Денес, и покрај тоа што се застапени византиски фрески и икони и муслимански калиграфски натписи, црквата како уште да ја чува во себе божествената мудрост.

Сината џамија или џамијата на султанот Ахмед е позната под популарното име поради сините плочки што ги украсу- ваат ѕидовите на ентериерот. Таа била градена во периодот меѓу 1609 и 1616 година за време на владеењето на Ахмед Први. Како и многу други џамии, така и кај оваа во внатрешноста се наоѓаат гробот на нејзиниот основач, школо и амбуланта. Денес таа сѐ уште функционира како џамија, а правена е според моделот на величествената Аја Софија што е лоцирана спроти неа. Дизајнот на џамијата е кулминација на два века архитектонски развој и на отоманските џамии, но и на византиските цркви. Се смета дека е последна голема џамија на класичниот отомански стил.

Еден од најубавите споменици секако е сарајот Долмабахче. Во слободен превод тоа би значело Палата кај долната градина. Оваа палата е сместена на европскиот брег на Босфор и служела како главен административен центар на Отоманската Империја од 1856 до 1922 година. Ја градел триесет и првиот султан Абдулмесид. Изградбата чинела 5 милиони отомански златни пари, што би било еквивалент на 35 тони злато. За да се позлати таванот од 45 илјади квадратни метри биле употребени 14 тони златни ливчиња. Дизајнот содржи еклектични елементи од барокот, рококо стилот и неокласичниот стил, проткаени во традиционалната отоманска архитектура. Изгледот на палатата и нејзиниот декор сведочат за големите европски влијанија во тоа време. Тоа е најголемата палата во земјата. За разлика од колекцијата плочки и резби во палатата Топкапи, оваа палата може да се пофали со колекцијата од златни и кристални предмети.

ШОПИНГ ЗА СЕЧИЈ ВКУС

Сигурно досега сте слушнале, можеби веќе и сте биле, дека Истанбул е мека за шопинг! Има сѐ за сечиј вкус. Единственото нешто што можеби пазарењето го прави поинтересно е можноста да се договарате за цената, но единствено во потрадиционалните продавници. Секако дека во бутиците на големите марки и оние на плоштадите и во шетачките зони, како што е Таксим, се придржуваат кон европското правило за фиксна цена. Инаку, посетата на Капали чаршија е нешто што не смее да се пропушти. Тоа е еден од најголемите и најстарите покриени пазари во светот, со околу 58 покриени улички и 4.000 продавници. Од 250.000 до 500.000 посетители дневно влегуваат во оваа гламурозна чаршија. Официјалното отворање се случило во далечната 1461 година. Најмногу е позната по огромниот избор на накит, глинени ракотворби, зачини и килими. Секако, кожата и златниот накит се заштитен знак на секоја турска чаршија.

Топло препорачуваме и крстосување по Босфор. Крстосувањето по Босфор е исклучително доживување. Во текот на пловидбата може да ги видите сите прекрасни споменици на двата брега на градот, но и голем број ексклузивни ресторани и клубови, како и повеќете од убавите куќи од турските серии. Ако се погоди денот, дури може да видите и делфини како играат околу бродот. Крајната дестинација е едно рибарско село на азискиот брег, кое е типично турско гостопримливо место, секако, со одлична свежа риба. Денот посветен на таков е излет ќе ви донесе огромно задоволство.

Ако ова не беше доволно да го направиме Истанбул привлечен и интересен, не заборавајте дека интересни места за посета се и познатиот археолошки музеј, со колекција од сите слоеви на цивилизација на градот. За оние што навистина би сакале да се запознаат со турската и со исламската култура одблиску и да го дознаат блискоисточниот начин на живеење, Музејот на турската и исламската уметност е вистински избор за тоа. Хиподромот, исто така, е атрактивно место, како и римските подземни цистерни за вода, амамите, спомениците, парковите, плоштадите на градот, неговите турски сокачиња и француски улици.

 

Редакција „АМСМ Клуб Мобилити“

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.