Кога сите очекуваа „сув“ возило Ферари малку ја изненади јавноста со отворена изведба од моделот „296 гтб “ наречена спајдер. Сè е исто, од „игла до локомотива“, нема нешто додадено, само што е одземен покривот, односно исечен и направен да биде подвижен.
Централно сместениот мотор има шест цилиндри, класиката V8 овој пат е изоставена исто како и кај берлинетата. V6 под агол од 120 степени засилен со двоен турбо полнач од марката Ихи. Со оваа комбинација моторот развива 654 КС или 218 на еден литар зафатнина, што во превод значи нов рекорд на Ферари на релација извадени коњи од еден литар зафатнина.
Покрај овој мотор има уште еден, електричен, кој ја задвижува задната оска со дополнителни 218 КС или вкупно 816 КС. Тоа значи, Ферари со хибридот е пред конкуренцијата. Конструкторите велат новиот мотор со зафатнина од 2.992 кубни сантиметри се врти до фантастични 8.500 врт/мин, кога ги буди сите 654 коњи и притоа произведува прекрасна музика која излегува од издувот. Овој детаљ посебно го фалат, а на таквите луѓе од Долината на брзите автомобили (Модена и околината) мора да им се верува. 816 КС мора да прават нешто волшебно, за 2,9 секунди од 0 до 100 км/ч, од 0 до 200 км/ч за 7,6 секунди и крајна брзина над 330 км/ч. И уште еден занимлив податок, на „ферари 296 гтс“ при брзина од 200 км/ч потребно му е растојание од 107 метри за да застане, односно од 200 км/ч до 0 км/ч.
Иако моторот е малку поинаков (помал) од досегашните, сепак во себе го има „инаетот“ на Ферари кој го искажува преку многуте коњски сили и префинетиот звук.
Жарко Атанасоски