РАЗГОВАРАВМЕ СО ИГОР СТЕФАНОВСКИ–ИЏЕ И НЕГОВИОТ ИНЖЕНЕР МИРОСЛАВ РАСТОВИЌ ЗА ДА ДОЗНАЕМЕ ДЕТАЛИ ЗА МИНАТОГОДИШНАТА ШАМПИОНСКА СЕЗОНА, НО И ЗА НОВИОТ АВТОМОБИЛ И ОНА ШТО СЕ ОЧЕКУВА ВО ОВАА ГОДИНА. ГОЛЕМА МЕДИУМСКА ВРЕВА–СО ПРАВО СЕ ПОДИГНА ЗА ПРИСТИГНУВАЊЕТО НА ПРВОТО ТРКАЧКО ФЕРАРИ ВО МАКЕДОНИЈА. УШТЕ ПОВЕЌЕ, ДОСЕГА НИТУ ЕДЕН ВОЗАЧ ОД БАЛКАНСКИТЕ ПРОСТОРИ НЕ КОРИСТЕЛ ВАКОВ СУПЕРАВТОМОБИЛ ВО ОФИЦИЈАЛНИ ТРКИ!
На крајот од годината имаше многу причини за славје во тимот „Стефановски рејсинг“, бидејќи освен прославата на третата титула Европски првак на ридски патеки, беше набавен и новиот автомобил што од идната сезона ќе биде управуван од македонскиот пилот Игор Стефановски – Иџе. Тој заедно со своите најблиски соработници од клубот го откри новото возило, Ferrari 488 Challenge Evo, за кое е познато дека има осумцилиндричен мотор со зафатнина од 3,9 литри и околу 700 коњски сили.
АМСМ КМ: Ќе ни го претставиш ли твојот нов автомобил во куси црти? Стефановски: Станува збор за силна машина со осум цилиндри кој е од прилично нова дата и ја поседува најсовремената технологија. Има две турбини, а крајна моќ е 700 коњски сили. Реално, ова е уличен Ф-1 болид кој постигнува брзина од 0 до 100 километри на час за 2,6 секунди и има крајна брзина од 340 километри на час.
АМСМ КМ: Колку таа современа технологија го прави автомобилот посебен и различен од сите други претходно? Стефановски: Сопирачките се речиси од материјали кои трпат големи брзини и нагли сопирања, односно температури од 1.000 сетепени Целзиусови. Ова ми е прв автомобил кој што има 7-степен менувач и е производ на инженерите на Ферари кои се бореле за секоја десетинка од секундата во трките од Формула 1. Секој детаљ е уникатен и посебен, и јас сè уште го дооткривам и го запознавам.
АМСМ КМ: Најавено е дека ќе ја браниш титулата на ридски патеки, но познавајќи ги твоите амбиции, ти ќе посакаш да го испробаш овој автомобил и на кружни патеки… Стефановски: Кога би било само до моите желби, јас би возел и на ридски патеки и на кружни патеки, и во трките на издржливост, буквално во секој шампионат каде би можел да се натпреварувам. Но, потребен е буџет кој што ќе ги покрие трошоците за тие настaпи, бидејќи за да се појавиш на која било трка претходно треба да го доведеш автомобилот во најдобра техничка состојба, да имаш можност да тестираш со него, да обезбедиш резервни компоненти (како што тоа се на пример пневматиците), да си во можност да ги покриеш сите давачки поврзани со транспорт на возилото, неговото осигурување, луѓето што работат на неговото унапредување и подготовка за секоја трка. Тоа е наша најслаба точка, бидејќи со судни маки ги обезбедуваме средствата што ни се потребни за настап, а истото се повторува од година во година. Успеавме да смогнеме сили и да набавиме одличен автомобил, и мислам дека ќе бидам првиот возач од балканските земји што ќе се натпреварува со модел на Ферари, но оттука натаму работата не е само во моите раце. За 2024 година, приоритет ќе ни биде Европскиот шампионат на ридски патеки, а согласно буџетот што ќе го имаме на располагање, кон крајот на сезоната ќе се обидеме да настапиме на една или две трки од првенството што Ферари го организира за купувачите на нивните тркачки автомобили.
АМСМ КМ: Го продаде автомобилот со кој успеа да ја освоиш шампионската титула и тоа на возачот кој беше европски првак една година пред тебе. Делува збунувачки таа тактика, како да не си поставуваш за цел повторно да бидеш шампион на ридски патеки? Стефановски: Не, не, целта е повторно да ја освојам титулата во ова првенство, само што луѓето треба да знаат дека автомобилот што е набавен не значи дека веќе е завршена работата. Целта е со ова возило да ги соборам и оние рекорди на патеките каде што го немам досега направено тоа. Досега настапував во Група 3 од Kатегорија 1 и поставив некои рекорди кои што беа апсолутни, во генерална конкуренција, додека некои беа само во мојата група. Сега останувам во Kатегорија 1, но ќе бидам дел од Група 1 и против себе ќе имам поинакви ривали со мошне моќни автомобили и нема да биде ни малку лесно. Некои од нив, исто така, возат супер-автомобили како Ламборгини, други имаат моќни консрукции од по 1.000 коњски сили кои што, исто така, се во група 1, но идејта е сите рекорди да бидат во наше владение. Најголем проблем е што не можам да тестирам во пресрет на сезоната, а тоа ми е многу потребно за да го научам овој автомобил. Однесувањата на автомобилот при нагло сопирање на правците е само една работа, а каде се останатите нешта од типот на различни видови асфалт, што е чест проблем во трките на ридски патеки.
АМСМ КМ: Дали имаше дилема при набавката на ова возило, односно дали разгледуваше и некое друго како опција „Б“? Стефаносвки: Да, имав дилема меѓу Ферари и Ламборгини, и претходно ги анализирав двете опции. Сепак разговарајќи со многу инженери со кои што ги евалуирав двете опции, одлучив дека Ферари е подобар за мојот возачки стил. Но, тоа не беше пресудно. Она што мене најмногу ми значеше е поддржката од тимот од кој што го купивме возилото, бидејќи тие имаат големо искуство во подготовката на возилата од Маранело за различни типови на трки. Ова е остварување на еден мој голем сон, кој го имам од детството бидејќи многумина сонуваат за Ферари, а јас ќе имам шанса со нивниот најнов тркачки модел да се натпреварувам во Европско првенство.
МИРОСЛАВ РАСТОВИЌ
АМСМ КМ: Би сакал да го започнеме овој разговор со тоа дека автомобилот Хјундаи со кој лани Иџе стигна до титулата, беше првенствено набавен со идеја за настап на кружните трки (ТЦР Европа), па како ги решивте сите технички дилеми околу подготовката на возилото за ридски патеки? Растовиќ: Точно, тоа беше голем предизвик, бидејќи возилото е конструирано за трки на кружни патеки. Знаете, трките на ридски патеки се возат потполно поинаку, друг е пристапот за поставките на автомобилот. Дополнително дојде и промената на правилото, односно воведување на „Performance Factor“, па иако баравме некаков оптимален пристап, Иџе покажа дека и без оглед на сè, може да биде конкурентен. Поради некои малери, титулата во 2022 година ја освои Василије Јакшиќ. Сите наши сознанија и подобрувања во 2023 година направија впечаток дека Хјундаито е одлично подготвено за ридски патеки, па доволно говори фактот што Јакшиќ реши да паузира во 2023 година и на крајот да го купи тоа возило од Иџе за да атакува на титулата повторно во 2024 година. Но, и покрај тоа, според мене претежна факторот што се нарекува „талент“, како и пристапот за возењето што Иџе ги поседува. Во ридските трки, мошне мали промени се прават во поставките, споредено со кружните трки, односно поголемо учество има улогата. на возачот. Се разбира, автомобилот мора да е оптимално подготвен, но дури и кога не беше тоа случај, талентот и вештините на Иџе беа пресудни.
АМСМ КМ: Во претходните интервјуа имавте изјавено дека сте го „наговарале“ Иџе околу набавката на Хјундаито, па за почеток ме интересира дали бевте инволвиран и во овој случај, околу набавката на Ферари? Растовиќ: Игор има блиска соработка со повеќе тимови низ Италија, уште од периодот кога учествуваше во тамошното ТЦР првенство. Луѓето таму го знаат и го ценат, во повеќе наврати се ангажираа да му излезат во пресрет и да помогнат ако затреба. Јас и тој секогаш разговараме за мноштво работи, а голем дел од тоа е посветено на разни тркачки возила. Сепак, овој пат не учествував ниту во пронаоѓањето на возилото, ниту во изборот. Повеќе бев настроен да помогнам од логистичка и техничка страна, а бидејќи немам конкретни искуства и работа со тоа возило, не се чувствувам компетентен да давам совети и тој дел комплетно им го препуштив на колегите од Италија, со кои и јас комуницирам. Можам само да кажам дека имаше и други опции, се гледаа и слични автомобили, но оваа беше една од примарните на која се работеше.
АМСМ КМ: Како што беше соопштено, ова возило на Ферари доаѓа од светот на кружните трки и повторно ќе треба да се приспособи за ридски патеки. Што можете да кажете во овој момент, какви се очекувањата? Растовиќ: Јас сум присутен секогаш кога ќе затребам и кога Иџе ќе го побара тоа од мене. Целта е да се одбрани титулата Европски првак на ридски патеки, но треба да се има предвид дека има нов автомобил, како и дека претходниот шампион го купи актуелното шампионско возило. Конкурентите се приспособуваат и нема да биде едноставно, особено со толку многу непознати во равенката. Лично, посакувам Иџе со новиот автомобил да се појави на кружни трки, бидејќи претчувствувам дека таму веднаш ќе се најде на врвот. Не е мала работа да ја донесеш титулата Европски шампион во една мала земја како Македонија. Со Ферари во неговите раце, приватните спонзори имаат одличен пакет за подобрување на својата видливост, а и државата да го поддржи неговиот европски проект.
АМСМ КМ: Освен со Стефановски, имате соработка и со други возачи во други првенства. Во последно време сте актуелен со настапите на Жарко Кнего во ТЦР Источна Европа… Растовиќ: Многу сум горд на проектот со ТЦР екипата Дубровник и со Жарко Кнего. Во моментов, тоа е мој примарен проект и мојот фокус и мојата енергија се таму. Со него се запознавме во 2021 година, на половина од сезоната, и почнавме соработка која би рекол дека се граничеше со љубопитност: дали е можно да имаме возач од Хрватска во некое ТЦР натпреварување? Жарко е талентиран возач, но досега немал околу себе вистинска екипа која би знаела да му помогне да ги затскрие своите слаби страни, ниту да го развие неговиот потенцијал. Таа соработка почна мошне брзо да дава резултати, а врв ни е третото место во Брно, на трката од ТЦР Источна Европа во Чешка. Во мојата кариера, онаа победа со Иџе во 2017 година на легендарната „Нордшлајфе“ ми е еден од најголемите успеси, но овој тим кој што е само еден дел од АК Дубровник рејсинг, сега ми доаѓа како круна на мојата работа во светот на трките. Во Хрватска, на интернационалната сцена има само двајца активни возачи, додека Македонија ги има Стефановски, Давидовски и Вуков. Се тешам дека сум вклучен во ова „чудо“, бидејќи сум инволвиран во соработката со Иџе. Од друга страна, сум соработувал со долга низа возачи од екс-ју просторите кои настапувале во ТЦР трките.
АМСМ КМ: Низ еден подкаст во Хрватска беше лиферувана информацијата дека постои иницијатива за изградба на патека воДубровник. Колку навистина е ова реална идеја? Растовиќ: Патеката покрај Дубровник е иницијатива во која сум и јас инволвиран, а сметам дека навистина би можело да испадне добра приказна. Има голем напредок по прашање на имотно-правните односи, а изработен е и 3Д проект за самата патека. Не би зборувал премногу на таа тема во овие времиња, но тоа „го буткаме“, полека и сигурно. Посакуваме тоа да биде самоодржлив проект што ќе се фокусира на помали натпреварувања, бидејќи такви постојат „еден мал милион“. Самата локација на патеката е на мошне атрактивно место, фреквентно и интересно за туризам, па тоа би помогнало да биде самоодржлива.
АМСМ КМ: Има ли шанса да се најде соработка, да се спојат енергиите на екипите како „Стефановски рејсинг“ и „Дубровник рејсинг“? Растовиќ: Дубровник организира трка за првенството на Хрватска на ридски патеки која би требало да се одржи во октомври 2024 година, па за мене тоа би било перфектна комбинација, а воедно ќе ми биде огромна чест и задоволство да го видам тука, на мој терен, со неговото присуство и со новото возило да го засилат целиот спектакл. Инаку, на 3 февруари ќе ја прославиме 30-годишнината од јубилејот на АК „Дубровник рејсинг“ и тогаш ќе ги откриеме деталите за нашите планови во 2024 година. Сепак, ексклузивно за „АМСМ Клуб Мобилити“ и нашите пријатели од Македонија ќе откријам дека остануваме во ТЦР Источна Европа и дека покрај засилената конкуренција ќе се потрудиме да ги повториме успесите од минатата сезона.