„Eндуро Велес 2019“ – САМО ТРКИТЕ ОД ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО МЕ МОТИВИРААТ ДА ЗАПНАМ!

20/06/2019

ЕНДУРО ПАТЕКАТА НА ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО МЛАДОСТ Е ЦЕНТАР ЗА ЕНДУРО ВО ЗЕМЈАВА, СО ТЕНДЕНЦИЈА ДА СЕ НАЈДЕ НА ЕВРОПСКАТА И НА СВЕТСКАТА МАПА ЗА ЕНДУРО ТРКИТЕ И ШАМПИОНАТИТЕ.

 

Над велешкото езеро Младост во 2010 година беше трасирана ендуро патеката за првите ендуро трки што ги организира мото- клубот „МОТО ВЕЛЕС“.

По пауза од две години во 2016 и 2017 година, кога во земјава не се одржуваа ендуро шампионат и ендуро трки, со голем напор на МК „МОТО ВЕЛЕС“ и на Општина Велес лани во октомври ендуро патеката повторно беше средена. Таму се одржа третата последна трка од ендуро шампионатот, а годинава, на 26 мај првата трка од Ендуро шампионатот на земјава за 2019 година.

На 26 мај беше сончево и немаше ветер, иако ендуро се одржува и на силен ветер и дожд. За возачите и за публиката ова беше идеално време тој ден да бидат на оваа ендуро патека.

Во силна конкуренција на 23 ендуро возачи од мотоклубовите од земјава, прво место и севкупен победник на трката беше Драган Ванов од МК „МОТО ВЕЛЕС“, со најбрзо време на трите теста со 12 минути 18 секунди.

Драган Ванов беше прв на ендуро шампион на Македонија за 2018 година, а во тоа се сумираше и освоеното прво место во класа Е1, како и севкупен победник на минатогодишната трка над велешкото езеро Младост.

И годинава Ванов повторно беше прв во класа Е1 и севкупен победник на првата ендуро трка што за годинашниот шампионат на земјава се возеше над велешкото езеро Младост.

За „АМСМ Клуб Мобилити“ изјави дека постигнатиот успех е резултат на десет години напорно вежбање и натпреварување во мото и во ендуро трки. Токму на оваа патека тој почнал со ендуро возење и со ендуро трки и на 29 мај 2010 година тука првпат го освои првото место во класата Е1.

Оттогаш редовно учествувам на сите трки на оваа патека и секогаш сум прв во класата Е1. Многу ја сакам оваа патека, таа е мој терен, буквално ја знам напамет, тука цела година, во зима и во лето, се подготвувам за трките, а резултат на тоа се и моите успеси. Лани бев шампион во ендуро за Македонија, а по освоеното прво место во првата трка се надевам дека и годинава ќе бидам прв по трите трки во годинашниот државен шампионат, најави 25 годишниот Ванов.

Драган Ванов првпат го освои шампионатот во ендуро на Македонија во 2012, а во 2013 година беше втор. На годинашната прва трка од Ендуро шампионатот на земјава што се одржа на патеката над велешкото езеро Младост втор во класата Е1 беше неговиот клупски колега од MK „МОТО ВЕЛЕС“ Стефан Ристовски, а трет Дарко Дејановски од истиот клуб.

Во класата Е2 прв беше СаметИмеров од МК „МОТО ВЕЛЕС“, втор Иван Трајков од Јоби, а трет Баже Шишковски од МК „Александар“ од Скопје.

Во разговорт за „АМСМ Клуб Мобилити“ третопласираниот Баже Шишковски од МК „Александар“ од Скопје вели дека му се допаднале и ендуро патеката и организацијата. Учествував со мотор „кавасаки“ KX450F. По неколку години пауза повторно се вратив на ендуро трките. Патеката беше комплицирана, тешка, напорна, специфична за возење. Имаше многу лош терен, поради што се возеше со многу мали брзини. Возачите имаа проблеми со циклите бидејќи патеката е многу специфична поради теренот. Иако и јас имав проблеми со мотоциклот, сепак, на крајот сѐ се заврши добро и се пласирав на трето место. Четири круга возев без стартер, поточно немав функција да го стартувам мотоциклот и немав право на грешка, појасни Баже.

Тој информира дека ендуро патеките се во природа, а организаторите на трката само на делови прават брзинци, каде што преку тестовите, а три на оваа патека, се мери кои натпреварувачи може најбрзо да го поминат дадено растојание. Инаку останатиот дел од патеката е возење низ шума, планина и секаков вид природа.

Целта на ендурото е кој и како ќе се снајде да вози низ природа. На патеката се поставуваат обележувања и треба внимателно да се следат за да не се погреши. Инаку ендуроима сѐ поголем подем и станува сѐ попривлечно за мотоциклистите. Затоа мислам дека ендуро како спорт има иднина во земјава, но за тоа треба да има и повеќе спонзори и поддршка од надлежните, за што мотоклубовите веќе се во преговори, појаснува Шишковски.

Инаку на оваа трка над велешкото езеро Младост во класата Е3 прв беше Кенан Синанов од МК „Мото Велес“, а од овој клуб втор беше Сали Имеров и трет Насер Латифи. Во офроуд за аматерски ендуро возачи без лиценци прв беше Елвир Мемедов од МК „Мото Велес“. Втор беше Филип Митровиќ од „Харт Ендуро“ од Куманово и трет Мартин Секеровски.

Шестопласираниот Никола Маркоски од Охрид во оваа класа во изјавата за „АМСМ Клуб Мобилити“ кажува дека првпат е на оваа патека и многу му се допаѓа. Инаку порано во Охрид го имале мотоклубот „Кај антените“, кој сега е ставен во мирување.

Патеката и организацијата на трката беа одлични. Имаше премногу стрмни делови на брзиот дел од патеката. Се надевам дека повторно ќе дојдам идната година, а очекувам да има уште многу повеќе натпреварувачи од земјава и од странство. Во Охрид има 25 мотовозачи, но дојдов само јас затоа што некој треба да го финансира учеството во трката, потенцира Маркоски.

Организатор на натпреварите беше мотоклубот „МОТО ВЕЛЕС“ под покровителство на Општина Велес и Мотоциклистичката федерација и неколку спонзори.

Втората трка од државниот шампионат во ендуро за 2019 година е закажана на ендуро патеката во Стенковец.

ПАТЕКАТА НАД ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО МЛАДОСТ“СЀ ПОПРИВЛЕЧНА ЗА ЕНДУРО ВОЗАЧИТЕ ОД ЗЕМЈАВА

Сашко Ванов, основач и претседател на МК „МОТО ВЕЛЕС“, заедно со синот Драган и другите членови од МК „МОТО ВЕЛЕС“ што се организатори на трката над велешкото езеро Младост, по пауза од неколку години, а со поддршка на Општина Велес, лани во октомври повторно ја средија земјената патека за ендуро.

Годинава повторно ја расчистуваа, а помош за собирање на сметот добија и од ЈКП „Дервен“, а Општина Велес им прати и механизација – багер со кој полесно го завршија правањето на брзинците на патеката.

Лани патеката над велешкото езеро Младост на стариот пат Велес – Скопје по пауза од неколку години поради неодржување на трката беше затрупана со градежен шут и со друг смет, со високи треви и друг отпад. Ние од клубот, како организатори, со голема поддршка на Општина Велес во октомври, со голем напор и работа успеавме едуро патеката да ја исчистиме и да ја оспособиме за одржување на трката. Годинава не беше толку напорно бидејќи за расчистување добивме помош и од Општина Велес.

Сашко, кој е еден од првите ендуро возачи во земјава, појаснува дека во последниве петнаесетина години ендурото зема сѐ повеќе замав во светов, а последниве десетина години и во земјава.

Тој потенцира дека сѐ повеќе членови на мотоклубови од повеќе градови од земјава возат на ендуро трки. Исто така, има сѐ повеќе мотоциклисти што им се придружуваат во возење на две тркала и по опасните ротофроуд патеки.

Ние од МК „МОТО ВЕЛЕС“ веќе десетина години освојуваме и планински врвови во реонот на Азот: планините Јакупица, Караџица и Даутица. Возиме на две тркала, низ непознати стрмни предели и со многу адреналин ја истражуваме природата. Но за нас е преголемо задоволството кога ќе пристигнеме на целта што сами сме ја одредиле неколку минути пред поаѓање кон високите и стрмни планински предели. Со тоа сме лидери на овој вид возење во земјава, потенцира Ванов.

Тој најавува дека како организатори цел им е Ендуро трката Велес над езерото Младост наскоро да се најде и на европската и на светската мапа на ендуро трките и шампионатите.

ШТО Е ЕНДУРО? Ендуро е екстремен спорт, еден вид тест на издржливост. Тој е еден од поопасните спорови во мотоциклизмот. Ендуро се вози на нерамни патеки со голем број природни препреки, како камења, кал, по дожд и снег.

 

 

Антоанела Димитриевска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.