МОТОСПОРТОТ Е ВО ЕКСПАНЗИЈА И НАШАТА ЗЕМЈА ЈА ФАЌА ПОСЛЕДНАТА МОЖНОСТ ДА СЕ ВКЛУЧИ ВО СВЕТСКИТЕ СПОРТСКИ ТРЕНДОВИ. ВО ТАА НАСОКА МК „МОТО ВЕЛЕС“ И ДРУГИТЕ МОТОКЛУБОВИ ВО ЗЕМЈАВА ВЕЌЕ ИМААТ ИСКУСНИ И ВРВНИ ВОЗАЧИ ШТО УЧЕСТВУВАЛЕ НА МНОГУ ЕВРОПСКИ И СВЕТСКИ МОТОТРКИ.
Mото клубот „Мото Велес“, под покровителство на Мотоциклистичката федерација на Македонија и Општина Велес, на својата патека ендуро над велешкото езеро Младост на 21 јуни ја организираше првата трка од годинашниот Ендуро шампионат за 2020 година. По нерамен терен педесетината учесници возеа четири круга по 25 километри со еден ендуро тест во секој круг каде што се мереше времето.
Драган Ванов од Мото клубот „Мото Велес“ беше прв во класата Е-1 од 250 кубици, втор беше Денис Гареј од СРТ „Куманово“ и трет Елвир Мемедов од Мото клубот „Мото Велес“.
Во класата Е-2 до 450 кубици прв беше Синиша Николоски од МК „Мото Велес“, втор Самет Имеров од МК „Мото Велес“ и трет Марко Златановски од Ендуро тим „Водно“.
Во класата Е-3 над 450 кубици прв беше Дејан Маркоски од МК „Драпачи“, втор Давид Ристов од МК „Мото Велес“ и трет Ангелче Стојковски од Ендуро тим „Водно“.
Во класата Off Road без лиценци прв беше Дардан Дехари, втор Наунче Чулчески и трет Никола Маркоски и двајцата од МК „Кај Антените“ од Охрид.
Инаку првопласираниот во најтешката класа до 250 кубици Драган Ванов е државен ендуро шампион во изминатите две првенства во 2018 и во 2019 година, а ако и годинава биде прв ќе го освои и златниот шлем, велат организаторите.
Сашко Ванов посочи дека на трката ги почитувале сите препораки на Агенцијата за млади и спорт во услови на пандемија на Ковид-19 и се натпреваруваа без публика, а бидејќи станува збор за индивидуален спорт натпреварувачите немале никаков непосреден контакт.
Сите учесници на ендуро натпреварот за АМСМ Клуб Мобилити изјавија дека оваа патека ендуро е најдобра во земјава и во поширокиот регион и дека се задоволни од организацијата и од натпреварот.
ПАТЕКАТА ЕНДУРО НАД ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО СТАНУВА ЕНДУРО ЦЕНТАР ВО ЗЕМЈАВА И ВО РЕГИОНОТ
Како што истакна Сашко Ванов од Мото клубот „Мото Велес“, на патеката ендуро напорно работеле четири дена за да ја оспособат, а за нејзино чистење имале на располагање и два булдожера, еден го обезбедиле со свои финансиски средства и еден од Општина Велес.
Тој појаснува дека патеката насловена „MOTO VELES MH TRACK“ ја проектирал неговиот пријател битолчанецот Христијан Илиоски, познат мистер „Мото- крос“, кој ги водел работите со механизацијата на тимот на МК „Мото Велес“: Драган, Виктор, Мартин CRF, Мартин FMX, багеристите Боби, Аце и Марјан Манче, кои четири дена по жештина напорно работеле од утро до вечер за да ја завршат работата. Тој искажа посебна благодарност до Томас и Стеве без чија помош патеката не ќе можела да се реализира. Голема благодарност упати и до фирмата „Делта пром“, Општина Велес и до градоначалникот Аце Коцевски. Ванов потенцира дека освен од Општината и лично тој вложил големи финансиски средства за реализација на оваа патека.
Тој воедно информира дека промотивната МХ трка за отворањето на мото крос патеката, која е непосредно и паралелно со патеката ендуро над велешкото езеро Младост ќе биде наесен. МХ Тrack MOTO VELES над велешкото езеро ја финиширал со помош на Христијан Илиоски, Драган Ванов, Марјан Петровски, Томас Семпре Варналиев, Виктор Караколов и Мартин Димовски.
НИ БЕА ПОТРЕБНИ 16 ГОДИНИ ОД ПРОЕКТ ДА РЕАЛИЗИРАМЕ ПАТЕКА ЕНДУРО
Ванов вели дека МК „Мото Велес“ проектот за патеката ендуро го изработил во 2004 година во првиот мандат на тогашниот и сега актуелниот градоначалник Аце Коцевски.
-Имавме голем интерес, но немаше можност да се реализира тој проект, кој за реализација продолжи и со другите градоначалници, Горан Петров и Славчо Чадиев, кој направи напор да се отстапи тој простор за патеката на МК „Мото Велес“, што беше прифатено од Советот на Општина Велес. Имам сознанија и дека државата тој простор ѝ го дала на Општина Велес и ние од МК „Мото Велес“ сега ги очекуваме документите. Значи проектот го започнавме во првиот мандат на градоначалникот Аце Коцевски и по 16 години повторно со него го завршуваме, потенцира Ванов.
Тој информира дека проектот за да се реализира до патека е важна и поддршката со механизација, но и со големо залагање на фирмата, пријателите и колегите. Голема заслуга, како што веќе напомна, има и нивниот пријател Христијан Илиоски од Битола, кој ја проектирал патеката.
-Инаку, Илиоски е најдобар мотокрос возач на Балканот и во Источна Европа и точно знае како треба да се трасира врвна патека, појаснува Ванов. Тој вели дека освен багерот од Општина Велес, за да се завршат работите побрзо ангажирале уште еден багер на свој трошок и напорно работеле четири дена за да ја подготват целосно патеката.
-Ваква патека се прави за еден месец, а ние ја направивме за само четири дена, секако има простор за нејзина доработка и нови вложувања. Треба да се постави систем за наводнување, за поливање на патеката, треба вода и струја и ограда и на тоа ќе работиме во наредниот период. За да се реализира тоа ќе бараат помош и поддршка од државните институции, од Агенцијата за млади и спорт и од Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со седиште во Велес, најави Ванев.
ПАТЕКАТА ЕНДУРО И МОТО КРОС НАД МЛАДОСТ ЌЕ СТАНЕ ЦЕНТАР ЗА ВРВНИ БАЛКАНСКИ И ИСТОЧНОЕВРОПСКИ МОТОТРКИ
-Цел ни е да направиме една од најдобрите патеки во земјава и поширокиот регион бидејќи условите за трки се феноменални, со оглед на местоположбата над езерото. Ако добиеме можност да изградиме придружни елементи што ги бара Светската мото организација, на оваа патека ќе може да организираме трки од балкански ранг, па источноевропски и нагоре, се надева и планира Ванов.
Тој вели дека иако доцниме како држава, сепак оваа патека е приклучок к он светскиот мотоспорт. -Мотоспортот е во експанзија и нашата земја ја фаќа последната можност да се вклучи во светските спортски трендови. Во таа насока МК „Мото Велес“ и другите мотоклубови во земјава веќе имаат искусни и врвни возачи, а меѓу нив се и нашите членови што учествувале на многу европски и светски мототрки, потенцира Ванов.
Најавува дека оваа мотокрос патека што оди паралелно со патеката ендуро над Младост ќе биде отворена наесен. Појаснува дека за да се реализира тоа ќе треба да набават систем за наводнување за да нема прав и стартна рампа, за што треба да обезбедат средства.
Затоа и ги повикува надлежните институции и приватните фирми да ги спонзорираат и да им помогнат за отворање на мото патеката.
-Мото крос патеката е паралелна со патеката ендуро и сега е во должина од 1.450 метри, а според стандардите треба да биде минимум 1.600 метри. Затоа во наредните месеци планираме да ја доградиме и да направиме систем за наводнување и стартна рампа и наесен да ја отвориме со мото крос трка, најавува Сашко Ванов.