„Eндуро Велес 2018“ – САМО ТРКИТЕ ОД ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО МЕ МОТИВИРААТ ДА ЗАПНАМ!

02/04/2019

НА ТРЕТИОТ „ЕНДУРО ВЕЛЕС 2018“, КОЈ СЕ ОДРЖА НА 21 ОКТОМВРИ 2018 ГОДИНА НА ПАТЕКАТА ЕНДУРО НАД ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО МЛАДОСТ, ПРВ НА ЦЕЛТА ВО КЛАСАТА Е 1 ПРИСТИГНА ДРАГАН ВАНОВ ОД МК „МОТО ВЕЛЕС“, КОЈ ГО ОСВОИ ДРЖАВНИОТ ШАМПИОНАТ НА МАКЕДОНИЈА.

 

По нерамен терен над велешкото езеро Младост, на силен ветер и тмурно време со можност да заврне, учесниците возеа на поени 11 километри, а еден круг за 30 минути. Тие требаше да пристигнат на целта најдоцна за еден час. Сашко Ванов од МК „Мото Велес“ со синот Драган и со другите членови од МК „Мото Велес“, кои се организатори на трката по пауза од четири години, а со поддршка на Општина Велес, неколку дена напорно работеа за да ја оспособат запуштената патека ендуро.
– Патеката над велешкото езеро Младост на стариот пат Велес-Скопје, по пауза од четири години поради неодржување на трката, беше затрупана со градежен шут и друг смет, високи треви и отпад. Ние од клубот, како организатори, со голема поддршка од Општина Велес, за што искажуваме јавно голема благодарност, сепак, по голем напор и труд успеавме да ја исчистиме патеката и да ја оспособиме за одржување на трката. Наедно многу сме среќни бидејќи, со нејзино повторно одржување станува еден од симболите на Велес, – потенцира Ванов.

Со денешното возење на оваа четврта трка од Државниот шампионат на Македонија во ендуро, Драган Ванов од МК „Мото-Велес“ го освои и годинашниот шампионат на Македонија и стана носител на највисоката шампионска титула во ендуро шампионат на Македонија за 2018 година. Во изјавата за „АМСМ Клуб Мобилити“ 24-годишниот велешанец Драган Ванов, млад и успешен моторист, чија љубов кон моторите е семејно наследена, од татко и дедо, исто така, мотористи, нагласи дека е пресреќен што вторпат го освојува шампионатот во ендуро на Македонија.
– Патеката беше многу тешка. Откако ја исчистивме од градежниот шут и од високите суви треви, се соочивме со проблеми, но, сепак, успеавме да ги надминеме. Секојдневно напорно тренирав и тоа даде резултат, бев прв на сите четири годинашни трки ендуро. Денес повторно сум многу среќен што вторпат сум ендуро шампион на Македонија. Ако соберам средства, планирам во 2019 година да продолжам и со трките ендуро на Источно-европскиот шампионат во повисоката класа од 24 година нагоре и сакам да го освојам највисокото прво место, -најави Ванов.
Инаку Драган Ванов првпат го освои шампионатот во ендуро на Македонија во 2012 година, а во 2013 година беше втор. Годинава, по пауза од четири години, повторно се одржа Државен шампионат во ендуро на Македонија. Инаку во изминатите години Драган Ванов беше успешен на трките ендуро на Источноевропскиот шампионатот за ендуро, лани го освои третото место во класата Е-Ј јуниори до 23 години. Тој е прв Македонец што се искачил на ова високо трето место во овој шампионат.

Инаку во трката „Ендуро Велес 2018“ во класата Е1 втор беше неговиот колега Виктор Караколев од МК „Мото-Велес“, а трет Стефан Ристовски од овој клуб. Во класата Е 2 прв беше Михаил Бајовски од МК „Хамачи Екстрем“ од Штип, втор Синиша Николоски од МК „Пелистер“ од Битола, а трет Иван Чевковски од МК „Ноќни волци“ од Битола. Во класата Е 3 прв беше Александар Давчевски од МК „Мото-Велес“, втор Владимир Димов од „Ендуро Водно Тим“, а третото место го освои неговиот клупски колега Томислав Трајковски. Сите изјавија дека патеката била мошне напорна, но вложиле многу труд и успешно стигнале на целта.

Кај јуниорите прв беше Алберто Видески од МК „Ноќни волци“ од Битола, а кај ветераните Борис Костов од МК „Ноќни волци“ од Битола.Инаку трката ендуро финансиски ја поддржа Општина Велес, а учествуваа педесетина возачи ендуро од мото-клубови од Скопје, Штип, Тетово, Битола, Велес, како и гости натпреварувачи од Косово.


ШТО Е ЕНДУРО?
Ендуро е екстремен спорт, еден вид тест на издржливост. Тој е еден од поопасните спортови на мотоциклизмот. Ендуро се вози на нерамни патеки со голем број природни препреки, како камења, кал, дожд и снег. Како што појаснува Сашко Ванов од МК „Мото Велес“, во последниве петнаесетина години ендуро зема сè повеќе замав во светов, а последниве десетина и во Македонија. Сè повеќе членови од мото-клубови од повеќе градови од земјава возат трки ендуро. Наедно има сè повеќе мотористи што им се придружуваат во возење на две тркала и по опасните ротофоуд патеки.
– Ние од МК „Мото Велес“ веќе десетина години освојуваме и планински врвови во реонот на Азот: планините Јакупица, Караџица и Даутица. Возиме на две тркала низ непознати стрмни предели, ја истражуваме природата и притоа имаме многу адреналин, но и задоволството е големо кога ќе пристигнеме на целта, а сами сме си ја одредиле неколку минути пред поаѓање кон високите и стрмни планински предели во регионот и во земјата, – потенцира Ванов. Тој вели дека во возењето ендуро по планинските патеки, како и во трките ендуро од година во година им се придружуваат сè повеќе мотористи од земјава. Тие со колегите од мото-клубовите од земјава неколкупати се искачиле и на врвот Солунска Глава на 2.540 метри надморска височина. Како организатори на „Ендуро Велес 2018“ за идната година планираат да донесат и многу повеќе натпреварувачи од земјава и од странство.
– Цел ни е „Ендуро трката Велес“ наскоро да се најде и во европската и во светската мапа на трките ендуро, кои сè повеќе се барани за учество од познатите светски возачи ендуро, потенцира Ванов.

 

Антоанела Димитриевска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.