Авиони – Најбрзиот во воздухот

01/04/2019

ОТСЕКОГАШ ЧОВЕКОВИОТ РОД БИЛ ФАСЦИНИРАН ОД БРЗИТЕ НЕШТА. НЕКОГАШ ТОА БИЛЕ СТРЕЛИТЕ, ГАЛОПОТ НА КОЊИТЕ, А ПОТОА И НА КОЧИИТЕ ВЛЕЧЕНИ ОД НИВ, А ДЕНЕС ТИЕ СЕ ЗАМЕНЕТИ СО СУПЕР И ХИПЕР БРЗИТЕ АВТОМОБИЛИ, СО БРЗИТЕ ПЛОВИЛА, СО АВИОНИТЕ И ШТО УШТЕ НЕ.

 

Кога Луис Брелио го прелетал каналот Ламанш, прво што изјавил е следново: „повеќе силина, дајте ми повеќе силина“, мислејќи на силината од неговиот авионски мотор. Како минувале децениите авионите станувале се побрзи и побрзи. Некогаш, но и ден денес се одржуваат настани, аеро митинзи, каде се вреднува брзината на леталата по класи.

Во светот на малите патнички авиони се спомнуваат големите резултати на двоседот од марката Магнум кој со мотор од само 100 КС постигнува брзина од 257 км/ч. Класата над него вели дека авионот од марката Муни, инаку четворосед, е првиот кој летал со брзина од над 320 км/ч со мотор кој поседува 200 КС. Секако дека е можно овие рекорди досега да се соборени, затоа што технологијата напредува со големи чекори и станува тешко да се следат нештата бидејќи се менуваат со голема брзина.

Како што можете да приметите, сè е до брзината. Брзо животно темпо, брза кошарка, хокеј, фудбал, брзи автомобили, сè е поврзано со брзината. Денешните патнички авиони, речиси сите со исклучок на „тупољевту 144“ и „конкорд“, летаат со брзини под брзината на звукот. Аеродинамичарите велат дека брзините кои се под онаа на звукот лесно се постигнуваат, затоа што воздухот не ја менува својата физичка густина. Но кога леталото веќе влегува во надзвучните брзини тогаш воздухот како да станува погуст и за леталото Да достигне брзина над звучната троши драстично повеќе гориво. Научниците ги менувале аеродинамиките на леталата, ги подобрувале, но до денешен ден не е постигнато многу во тој правец, односно речиси ништо не е постигнато во правец на пронаоѓање лек за таквата „стисната“ состојба на воздухот кога леталото се движи со надзвучна брзина. Затоа денешните патнички млазни авиони, мали и големи, одат на тоа да го усовршат моторот да биде што поекономичен, авионот да биде што полесен, а аеродинамиката да ја доведат до степен на совршенство. До тука е стасана комерцијалната авијација.

Најавуваат суперсонични авиони за во скора иднина да се прават разни експерименти, но до овој момент нема ништо конкретно.

Во денешно време историјата на авијацијата го има запишано следново име на списокот од најбрзите патнички авиони, а тоа е „тупољев ту144“, произведуван од 1968 до 1984 година во Русија и тоа во само девет примероци. Неговите четири мотори од марката „колесов р д 3651“ способни се да го доведат авионот до запрепастувачки 2.428 км/ч. Авионот превезувал 140 патници, но најчесто бил употребуван за брз превоз на товар. По него на списокот е извиканиот и многу рекламираниот „конкорд“ кој од петни жили се трудеше да биде најбрзиот во светот, но тоа не му успеа и покрај употребата на најнова и најскапа технологија. Резултат е 138 патници, четири мотори „ролс ројс модел 593 турбоџет“ и максимална брзина од 2.177 км/ч. Го произведувале во периодот од 1976 до 2003 година и тоа само во 20 примероци. Кога би се произведувал во денешни услови, авионот ќе чини над 130 милиони долари.

„Цесна саитејшн икс“ е луксузен млазен авион со средни димензии. Неговите димензии дозволуваат сместување на максимум 12 патници. Внатрешниот простор вие самите можете да го уредите според вашите потреби, колку седишта да има и колку „чист“ простор. Неговата крајна брзина е 1123,6 км/ч, а прелетува 5.600 километри. Моделот „750“ е произведен во 338 примероци по цена од 24 милиони долари за еден примерок (податок од 2018 година). Иако леталото важеше за едно од најдобрите во класата, сепак производството престана минатата година.

Неверојатно, но вистинито е дека на четвртото место на списокот од најбрзите авиони е џиновскиот „ербас а 380“. Пренесува најмногу 853 патници на далечина од 16.000 километри со крајна брзина од 1.087 км/ч. Цената на овој џамбо џет е помеѓу 300 и 340 милиони долари. Откако компанијата „Емирати“, како најголем купувач, најави стопирање на новите нарачки, производителот решава да ги затвори производните погони. Големата петорка, како да е кошаркарски тим, ја затвора елегантниот и премногу луксузниот „дасо фалкон 900 е икс“. Со едно полнење на резервоарите за керозин прелетува 7.400 километри и посигнува максимални 1.060 км/ч. Конструиран е во себе удобно да смести 19 патници плус пилот и копилот. Патничките летала со кои денес експериментираат производителите се направени од најсовремени материјали, во себе имаат командна табла со лед екрани и тридимензионална теренска навигација. Главен акцент е ставен на економичноста, да потрошат што помалку гориво, а да прелетаат поголемо растојание со поголем товар. Затоа толку многу се клучни лесните материјали и аеродинамиката.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.