Додека едни производители претставуваат нови модели на саемски манифестации, други тоа го прават на стадиони или во кругот на фабриката, БМВ одбира сосема друго место. Во овој миг ги прави завршните подготовки за големото претставување на новиот концепт и тоа на езерото Комо на манифестацијата „Конкорсо д Елеганца Вила д Есте 2023“. Оваа манифестација е една од тие каде првенствено доминира луксузот. Оттука можеме да заклучиме дека БМВ ќе претставува модел кој не е од тие секојдневните. Станува збор за концепт автомобил правен на основа од отворениот двосед „з 4“. Преубаво место за претставување кабриолет автомобил, а се надеваме и времето ќе ги послужи, затоа што манифестацијата се одржува под ведро небо и во преубаво опкружување.
Досега БМВ неколкупати претставувал возила на манифестацијата која се одржува секоја година во втората половина од месец мај. Во 2013 го претстави „бмв гран лусо“ дизајниран од Пининфарина, а во 2018 допатува на крајбрежјето од езерото Комо со „бмв моторад р 18“.
Престижната манифестација на класиката на четири тркала ќе биде отворена на 19 мај, а ќе трае до 21 истиот месец. Покрај „старовремските“ автомобили, ќе бидат прикажани и најсовремени модели, како на пример најновиот концепт со две седишта во сопственост на БМВ дизајниран од фабричкиот тим на чело со Адријан ван Хојдонк.
Жарко Атанасоски