Што носи новата класа болиди во натпреварите од шампионатот на издржливост? Носи многу убави нешта, како на пример враќање на многу марки во шампионатот, Ферари, Пежо, Ламборџини, Кадилак, Порше, а и БМВ забрзано ги врши последните подготовки за наредната година. Неговото враќање во трките на издржливост се случува во време кога спортскиот оддел Мотоспорт слави 50 годишнина од своето постоење. Колку за информација, одделот е основан во 1972 година, со цел да подготвува автомобили за трки.
„БМВ м хибрид V8“ како што кажува името, има хибриден погон, односно V8 мотор со зафатнина од 4,0 литри и со двоен турбо компрeсор ќе развива 670 КС, додека електромоторот поседува 49 КС. За батеријата од електромоторот е одговорен Вилијамс, да, точно тој Вилијамс од формула 1 кој има свој оддел за развој. Димензиите на хипер автомобилите се отприлика, должина 5,0 метри, ширина околу 2,0 метри и висина, што пониско толку поубаво. Во тие димензии ќе биде и болидот на БМВ. Како и останатите учесници, така и БМВ се врза со компанија која е специјалист за средување на нештата за и околу трките. Тимот на БМВ ја одбра италијанската фирма Далара која својот занает го пече исклучиво на тркачките патеки. Покрај БМВ услугите од Далара ќе ги користи и Кадилак. Порше е врзан со Мултиматик, Акура со Орека, додека Ламборџини за партнер го одбра Лижије. Сите овие фирми всушност ги „навиткуваат“ хиперавтомобилите почнувајќи од шасијата.
Првата трка во која ќе учествува „бмв м хибрид V8“ е закажана за 28 јануари на познатата патека Дајтона каде трката ќе трае 24 часа. Таму ќе бидат веќе спомнатите марки, а од 2024 год. ќе се приклучат Ламборџини и Алпина. Сето ова ќе се случува во САД и тамошниот шампионат на издржливост ИМСА, но според правилата и тие од ВЕР и од ИМСА ќе можат да влегуваат во календарите на трки ако тимовите имаат потреба од освојување дополнителни бодови. Две различни видувања на трките на издржливост, но со една мисла, да се освои тронот на легендарната 24 часа Леман. Ќе биде интересно да се видат толку многу марки на едно место.
Некој ќе праша зошто БМВ оди во американскиот, а не во „европскиот“ шампионат на издржливост? Одговорот е едноставен, американскиот пазар за БМВ е од витално значење затоа што таму продава најмногу свои возила од било каде во светот. Таа позиција сака да ја зацврсти со појавување во најпривлечните трки, а тоа се трките на издржливост, многу почитувани во тој дел од светот.