Безбедносни ремени – ВОЛВО, НИЛС БОХЛИН, РЕМЕНОТ ВО ТРИ ТОЧКИ И НЕГОВИТЕ 60 ГОДИНИ

22/07/2019

ДВЕ ТОЧКИ НА СТРУКОТ И ЕДНА НА РАМОТО, А ВРСКАТА ПОМЕЃУ СТРУКОТ И РАМОТО ЈА ЧИНИ ДИЈАГОНАЛАТА. ТАА ЦЕЛОСНО ГО ДРЖИ ТЕЛОТО НА ПАТНИКОТ И ПРЕКУ ПОСЕБНИ МАКАРИ ПОСТЕПЕНО СЕ ЗАТЕГА НЕДОЗВОЛУВАЈЌИ ИМ НА ПАТНИЦИТЕ ДА ИЗЛЕТААТ ОД ВОЗИЛОТО.

 

Oвој пат рубриката „Историја“ се сели на Скандинавскиот Полуостров, поточно одиме на гости кај Волво, а повод е годишнината од создавањето на безбедносниот ремен во три точки, тој што денес го имаме во сите, апсолутно во сите автомобили на планетава. Безбедносните ремени датираат од многу поодамна, но современиот кој денес е во употреба, е создаден пред точно 60 години, односно во 1959 година.

Овие појаси за првпат биле вградени во два автомобили од Волво во 1959 год. во моделите „п 122 амазон“ и „пв 544“. Тие два модели ги напуштаат производните капацитети на 13 август и чекаат на фабричкиот паркинг да бидат распре-делени во продажните места. Тоа што го запишале педантни статистичари на Волво го вели следново, првиот автомобил со вградени безбедносни ремени кој влегол во продажен салон е моделот „пв 544“ во градот Кристијанштад, Шведска. Кој е Нилс Бохлин? Тој е иноватор и конструктор кој некогаш бил вработен во „СААБ“, поточно во фабриката за производство на авиони. Н. Бохлин работел таму на катапултирачките седишта за воените авиони. Подоцна, во 1958 година, е најмен од Волво со цел да се изнајде подобро решение од ремените со две точки кои во сообраќајните незгоди правеле повеќе штета отколку корист. Требало да се создаде ремен кој ќе биде крајно едноставен за употреба, дури и дете да може лесно да се врзи со него и што е најважно ременот да биде ефикасен, да ја врши зададената работа и да не биде комплициран за производство, туку едноставен и ефтин. Тоа и се случило во 1958 година кога првите позитивни резултати излегле на површина. Ременот речиси бил готов и сега останал само делот во кој се вршеле зголемен број тестирања.

Откако ременот во три точки ги покажал своите способности, а притоа бил сосема едноставен за производство вградување и употреба, Волво веднаш го ставил во своите два модели. Филозофијата на Волво е многу разбирлива – најнапред безбедноста, а потоа сè останато. Кај него сè е во знакот на безбедноста, ако Волво е познат по нешто во светот, тогаш тоа е неговата посветеност кон безбедноста на патниците и учесниците во сообраќајот. Дури и најситните делови од неговите автомобили во себе содржат од филозофијата наречена безбедност.

БЛАГОРОДНАТА МИСИЈА НА НИЛС

Откако јавноста дознава за благодетите од ременот во три точки, Волво можел тој производ да го заштити, затоа што е негов и од тоа да заработува тешки милијарди сè додека постојат автомобилите, односно додека светот има потреба од тој ремен. И токму во овој момент доаѓа клучната „разврска“. Волво не го патентира пронајдокот туку го остава отворен за сите кои сметаат дека од таа направа има некаква полза, можат слободно да го направат и вградат во своите возила. Волво се откажува од патентирањето бидејќи не сака да заработува од изум кој спасува животи. Таа направа и ден денес беспрекорно си ја врши зададената задача и е толку многу ефикасна, а едноставна за употреба. Најголемите стручни лица на денешницава кои работат на безбедноста во сообраќајот велат дека ременот во три точки е најдобриот изум што го поседува еден автомобил од кога постои индустријата на четири тркала. Нити пред, а ни по појавувањето на изумот не се нашол досега некој друг изум да му го преземе приматот во безбедноста. Благородната мисија на Нилс Бохлин и Волво преминува во легенда која треба секој да ја знае и бескрајно да ја почитува.

Замислете си колку доблест има во Волво и колкава скромност се „криела“ во таткото на ременот во три точки. Можеме да се обложиме и апсолутно да бидеме сигурни дека ако поставиме прашање за патентирање на производ со кој во светот ќе се спасуваат милиони животи годишно, со гаранција 99,9 отсто од анкетираните ќе се изјаснат за патентирање на тој производ, затоа што живееме во едно светско општество во кое парите се буквално сè, дури ќе ви кажат дека со нив може и среќата да се купи, дека со нив се купува и почитувањето, и угледот. Сите овие украсни зборови за Волво немале никакво значење.

Ако имале некакво значење денес Волво ќе беше производител со најмногу пари, но не е, затоа што за таа фабрика, за тој производител човекот и безбедноста во сообраќајот е од врвен интерес. За ваквиот чекор на Волво секој возач и патник треба да биде благодарен, истовремено кон тоа име да гледа со голема почит, затоа што таа благородна мисија на Волво сè уште не е надмината, а како што тргнале работите нема ни да биде надмината затоа што парите во денешниов свет се неприкосновен владетел. Таква голема одлука носат единствено големи луѓе, луѓе кои имаат благородна душа и ум.

Две точки на струкот и една на рамото, а врската помеѓу струкот и рамото ја чини дијагоналата која всушност е од пресудно значење при наглото сопирање на автомобилот или при судар. Дијагоналата целосно го држи телото на пат- никот и преку посебни макари постепено се затега и при тоа не дозволува возачот и сопатникот да излетаат од возилото. Тоа е најкусото објаснување за совршениот производ на Нилс Бохлин, ременот во три точки. Употребата на ременот го намалува ризикот од фатални последици кај патниците од предните седишта во 40 до 50 отсто од случаите, а кај патниците од задната клупа процентот варира од 25 до 75.

Врзете се со ремените во вашите автомобили, ќе ви го спасат животот. Советувајте ги сопатниците да го следат вашиот пример. Употребата на ремените е задолжителна за сите и за патниците од задните седишта. •

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.