Нормалната големина на моделот „бентајга“ како да не е соодветен за одделни купувачи. Најверојатно е така, а тоа го потврдува и производителот кој на почетокот од месецов ја претстави изведбата со продолжено меѓуоскино растојание. Тоа зголемено растојание меѓу оските е еднакво на 180 мм, односно тие 2.995 мм што ги има стандардната бентајга сега се „претворени“ во 3.175 мм и се својствени единствено во „бентајга евб“ (евб = икстендид).
Сем што е зголемено посоченото растојание и посебниот клима уред наменет за задните седишта, останатото е исто со стандардната изведба од бентајгата. Луксузот и префинетата завршна доработка се воочуваат на секој сантиметар, но најголем благодет од тие 180 мм имаат патниците кои седат во задниот дел. Е токму во тој дел се наоѓаат двете седишта за кои Бентли тврди дека се најудобни. Патниците имаат можност да ги подесуваат до бескрај, но и да ги спуштат до 40 степени, така што одбраните можат малку и да си дремнат и притоа да не почувствуваат разлика помеѓу креветот во нивната спална соба и седиштата во „бентли бентајга“. Ако не ги фати дремка, тогаш можат да си гледаат нешто на екраните пред нив, да читаат, да имаат видео конференција или со уживање да ја разгледуваат околината каде патуваат и да си пијат од нивниот омилен пијалак. Бентли се фали со своите седишта кои се контролирани од посебен клима уред.
Преку посебни сензори седиштата ја мерат температурата на телото на патникот и влажноста на воздухот и притоа седиштето добива ладење или пак загревање. На ова се додава и вентилацијата, така што патникот може слободно да се опушти и да патува стотици километри и да не почувствува замор и грчеви во телото. За оваа појава при долгите патувања, Бентли има „лек“ вграден во седиштата. Во нив се вградени шест зони во кои со помош на воздушен притисок се подесуваат и на тој начин придонесуваат заморот и вкочанетоста да исчезнат при долгите патувања.
За оваа изведба Бентли подготви само една погонска единица, 4,0 литарска V8 so 550 КС (770 Нм) доволни за луксузниот сув да постигне брзина од 100км/ч за 4,78 секунди и да постигне крајна брзина од 290 км/ч. Засега е така, а дали ќе се вградуваат подоцна други единици, не е познато.
Моделот „бентајга“ е премногу важен за Бентли затоа што во минатата година учествувал со над една третина од вкупно продадените 14.657 возила. Сега со претставувањето на ова подолга изведба, производителот најавува зголемена продажба и учество од над 45 отсто на моделот „бентајга“ во вкупната бројка на продадени возила.