АВТОМОБИЛИ СО КРИЛА

28/02/2020

ДОДЕКА СВЕТСКАТА ЈАВНОСТ СЕ ЗАНИМАВА СО „ФЕНОМЕНОТ“ ЕЛЕКТРОМОБИЛ, СМЕТАЈЌИ ГО ЗА ВРВНО ДОСТИГНУВАЊЕ НА СОВРЕМЕНИОТ СВЕТ, ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ РАЗМИСЛУВААТ КАКО НА НИВ ДА СТАВАТ КРИЛА. АЕРОМОБИЛИ? ДА, ЗОШТО ДА НЕ. ПОРШЕ, ХЈУНДАИ, АСТОН МАРТИН, ЕРБАС, БОИНГ, РОЛС РОЈС, ВОЛВО И УШТЕ ЕДЕН КУП НЕПОЗНАТИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ, СИТЕ ТИЕ ПОДГОТВУВААТ АВТОМОБИЛИ СО КРИЛА ИСКЛУЧИВО НА ЕЛЕКТРИЧЕН ПОГОН.

 

Aвионот за кој ќе пишуваме во ова издание од „АМСМ Клуб Мобилити“, потекнува од земјата во која на седум ридови е сместен Градот на вечноста. Обликот на авионот со име „пјаџо п 180 аванти ево“, е малку поинаков и понеобичен од останатите.

Сето тоа оди во прилог на аеродинамиката која во изведбата „ево“ е дополнително „испеглана“, така што ова издание, најновото, заедно со видоизменетите елиси кои допринесуваат за намалување на бучавата за цели 60 отсто, го прави „пјаџо п 180 аванти ево“ повеќе од летало.

Зошто авионов е толку посебен, необичен и поинаков од останатите? Најнапред неговата појава. Каде и да слета „пјаџо п 180 аванти ево“ предизвикува воодушевување, збунети погледи со доза на недоверба, луѓето не можат да им поверуваат на сопствените очи кои се вперени во леталото.

Дизајнот е тој маѓепсник кој предизвикува речиси секакви чувства, а му припаѓа на Алесандро Мацони, еден од светски најпознати дизајнери на летала заедно со големите Луиџи Паскале и Стелио Фрати. Сосема напред сретнуваме мали крила, а тоа вообичаеното, со распон од 14,35 метри, се наоѓа дури во третата третина од 15 метри долгиот фуселаж, односно трупот. Двата мотори од типот „прат и витни пт 6 а – 66 б 1630 термодинамик“ се поставени на големото крило, но во туркачка позиција, односно не го влечат авионот како што е случајот со останатите 99 отсто од леталата.

Го спомнавме фуселажот и да нагласиме дека и тој е приказна за себе, наликува на китот орка, некоја негова варијација.

Секој што ќе влезе во одделот за патниците се воодушевува од пространоста и ергономијата. Тие две нешта се многу својствени за италијанскиот дизајн, така што не им било тешко да си „поиграат“ со просторот. Таа аеродинамика овозможила авионот да биде најбрзиот, најштедливиот, најпросторниот и најудобниот во класата. Сето ова набројано дава скоро 30 отсто помали оперативни трошоци од неговите противници.

Не е лесно да се биде на врвот од класата, посебно ако се има во предвид конкуренција која има двојно во години повеќе искуство во производството на стопански летала. Можеби Ферариевите автомобили не се најудобни и најштедливи, но затоа се најбрзи, најпривлечни и нивниот „спортски багаж“ е преголем и претежок. Ако Ферари е вид закон за закоравен друмски спортист, тогаш „пјаџо п 180 аванти ево“ е најрационалниот, најудобниот и најштедливиот, не само во неговата, туку и во класата над неговата.

Познавачите на леталата велат дека „пјаџо п 180 аванти ево“ е нешто како Ферари во облаците, а на друмот би бил и подобар од Ферари. Зошто? Затоа што е поевтин од конкуренцијата. Кога веќе и Ферари влезе во комбинација, ред е да спомнеме дека Пјеро Ларди Ферари, синот на основачот на легендарната работилница „Скудерија Ферари“, е еден од главните акционери во Пјаџо Аероспејс, кој, пак, е производител на авионот за кој пишуваме. Затоа Ферари има во својата флота од авиони, еден примерок, а можеби и два. За него вели дека само тоа летало е достојно да го носи на себе „вознемиреното црно коњче“ на жолта основа. Речиси во секој сегмент „пијаџо п 180 аванти ево“ е најдобар, а во сегментот дизајн е многу далеку пред сите.

Не за џабе, кога овој авион слетал на аеродром во Скопје, очевидците занемеле, а потоа неколку фотографии кружеа на интернет. Немаше гласило кое не објави фотографија од преубавото летало и безмалку сите беа малку шокирани, пишуваа за него како да е паднато од Марс.

Дополнителен ефект беше неговата темно сива, скоро црна боја. Цената на „пјаџо п 180 аванти ево“ е 7,7 милиони долари со сите најнови „нишани“, а посебно тие што се во пилотскиот оддел се надополнети со најновите достигнувања во навигацијата. Конкуренцијата, дури и таа што е погонувана од млазни мотори (говориме за класа под, класа над и неговата класа), заостанува скоро во секој поглед зад „пјаџо п 180 аванти ево“.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.