Еве што нуди Ауди за 2024 година – караван изведба од лимузината „а 6“. На средина од месецов Ауди претстави концепт „а 6 авант е – трон“ кој треба да влезе во сериско производство по две години. Концепт караванот повеќе наликува на некој вид болид отколку на туристички автомобил. Ова е уште еден знак дека денешните купувачи сакаат автомобили со спортска нота. Караван лимузината, ако така можеме да го наречеме концептот, всушност е следбеник на серискиот и располага со следниве димензии: должина 4.960 mm, ширина 1.960 mm и висина 1.440 mm. Мора да се биде во чекор со конкуренцијата, затоа Ауди побрза да го претстави концептот „а 6 авант е – трон“.
Со едно полнење на батеријата автомобилот може да измине солидни 700 км, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч ќе биде околу четири секунди. Ако полнењето на батеријата трае само 10 минути, тогаш автомобилот ќе може да измине дури 300 км.
Во подготовка се две изведби, едната со еден електромотор, а другата со два, и разбирливо кај втората изведба погонот е на сите тркала бидејќи обете оски поседуваат мотор. Новата платформа наречена „ппе“ не само што ќе послужи како основа за конструирање на електричната шестка, туку и за „четворката, но и за „осумката“. Подоцна приспособливата основа (платформа) ќе се користи и за останатите автомобили во поширокото семејство.
Жарко Атанасоски