ALPINE ALPENGLOW HY4-ОТО МОТОР И ВОДОРОД НАМЕСТО БЕНЗИН

16/05/2024

Ова е нешто како лабораторија на тркала, испитен центар или нешто слично. Ако сакате нешто целосно да проверите, испитате, тогаш најдобро е тоа возило да го пратите на трки. Таму сѐ ќе ви стане јасно, затоа што во трките се оди до крајни можности, а при такви услови на работа слабостите веднаш испливуваат на површина. Така работат сериозните, на пример како Алпине, работилница основана од Жан Ределе во 1955 година, а денес во сопственост на Рено. Ж. Ределе ги доработувал автомобилите од марката Рено и ги подготвувал за трки. Денес Рено го прави истото, но произведува и туристички автомобили со името „алпине“. Пред две години, односно во 2022, Рено на својот штанд на салонот за автомобили во Париз го претстави концептот „алпине алпенглоу хи 4“. Накусо кажано, тоа е тркачки автомобил со намера да биде пуштен на писта со останатите. На прв поглед ништо спектакуларно, но кога ќе кажеме дека „алпине алпенглоу хи 4“ има мотор со внатрешно согорување кој користи водород како гориво, тогаш тоа е најголемата новост. Нема течно фосилно гориво, нема загадување, туку водород. Сѐ е исто како и во секој ото мотор, можеби има некои „ситни“ дотерувања во делот за доток на гориво и секако посебните резервоари за складирање на водородот кој се чува под притисок од 700 бари. Четири цилиндричниот турбо мотор поседува 340 водородни КС при 7.000 в/м, а димензиите на возилото се: должина 5,2 м, ширина 2,15 и висина само 1,1 м. Одговорен за пренос на силината е секвенцијалниот менувач со центрифугална спојка. Вака подготвениот болид постигнува крајна брзина од 270 км/ч.

Болидот досега имал направено 700 км тест возење и за 11 мај имаше закажано учество на трката 6 ч Спа Франкошамп, трка за светскиот шампионат на издржливост. Таму Алпине требаше да го претстави „алпенглоу хи 4“ пред трката, да извози неколку кругови, а 70 илјадната публика да види и слушне како звучат тие 340 водородни коњски сили, дали се поинакви од бензинските.

Таа демонстрација на водородниот прототип не се оствари поради дефект на електрониката. Сепак Алпине не застанува со проектот, туку продолжува и во моментов работи на вградување V6 мотор на водород, а паралелно го подготвува болидот за 14 јуни на трката 24ч Леман. Сите очекуваат претставувањето пред 100 илјадната публика да биде во најдобар ред и случката од 11 мај да не се повтори. Интересно е да се каже дека Алпине има преголеми амбиции со овој болид и развојот на неговиот водороден мотор. Планот (сонот) е да се биде дел од елитното друштво на трките на издржливост во 2027 година.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.