ACURA NSX TYPE S-БИСЕР ВО КУПЕ ОБЛИК

03/09/2021

 

Како што вели Хонда (или Акура) нејзиниот модел „н с икс тип с“ наскоро за прв пат ќе биде продаван надвор од матичната земја. Малку повеќе чудно, но така велат главните од овој јапонски произодител на автомобили. Да почнеме од почеток за да видиме во што е „проблемот“.

Втората генерација од „акура н с икс“ веќе е на залез, односно оваа година престанува да се произведува. Во чест на заминувањето конструкторите решиле да понудат нешто пософостицирано од досегашното, а тоа е „н с икс тип с“ со рачно направен V6 мотор со зафатнина од 3,5 литри засилен со двоен турбо полнач. Новиот уред за вбризгување гориво е за 25 отсто поефикасен, додека новите снижувачи на температурата на воздухот се поефикасни за дополнителни 15 отсто, додека турбо полначите се позајмени од „н с икс гт 3 ево“. Тие го зголемуваат притисокот од 1.048 на 1.110 бари, така што сега подмоделот „тип с“ добива дополнителни 20 КС. Покрај класиката од погонска единица вградени се уште два електрични мотори со силина од 80 коњски сили кои заедно со тие од рачно направениот мотор вкупно бројат 600 КС.

Како што тргнало, на овој модел сите делови се посебни – на пример автоматскиот менувач не дозволува губење на вртежите при намалување на брзината пред свиоците за што подобро и побрзо да излезе на правецот и да забрзува со добра подлога од вртежи. Пред свиоците малку притискаме на сопирачките додека сме во права линија на возење, а потоа следи свиокот. Во моментите додека автомобилот е во праволиниско движење и намалување на брзината тогаш менувачот автоматски оди еден или два степени подолу со цел вртежите да останат исти и на излез од свиокот педалата за забрзување ја нагазуваме и автомобилот ја добива сета силина во моментот бидејќи ги има вртежите, не изгубил од нив при влезот во свиокот. Практично автомобилот добива оптимална брзина во свиоците и полна силина на излез од свиоците.

„Хонда н с икс тип с“ поседува се што е во согласност со едноставното и прецизно управување, кое е од витално значење кај спортските автомобили, а кога на ова ќе се додаде наново доработеното обесување на тркалата, но и дополнителното „навиткување“ на шасијата, тогаш ви станува јасно каков автомобил подготвиле конструкторите.

И сега следи јагодата на шлаг, а тоа е погонот на сите тркала. Со сите доработувања и подесувања како капак доаѓа погонот на сите тркала (спорт хибрид сх – авд) кој е од витално значење за стабилноста на купето и за максимално извлекување на способностите од врвниот мотор. Вложиле се што умеат, а резултатот е вистински бисер кој ќе биде произведен во само 350 примероци, 50 за светскиот пазар, додека остатокот од 300 примероци се наменети за САД, земјата во која се произведува ова супер купе. Покрај наведеното, производителот нуди полесна изведба од „сериската“ која во себе има: јаглеродно керамички сопирачки, но и повеќе големи површини од школката се заменети со панели од јаглеродни влакна, така што тежината е намалена за скоро 30 килограми.

На манифестацијата „Монтереј Кар Вик“ во Пебл Бич под сонцето во Калифорнија, Акура (Хонда) ќе го претстави заминувањето на втората генерација од моделот „н с икс“ со изведбата „тип с“. Кој е заинтересиран за ваков бисер од автомобилската индустрија, мора веднаш да се распраша што е потребно за резервирање еден примерок од „н с икс тип с“. Зошто Акура? Тоа е луксузната дивизија на Хонда.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.