АББ Формула Е-НОВА „СТРУЈА“, НОВ БЕЛЕГ НА СЕЗОНАТА

24/12/2019

СТАРТОТ НА НОВАТА СЕЗОНА ВО ФОРМУЛА Е ДОНЕСЕ МОМЕНТИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ ОД ДВЕТЕ ТРКИ ВО САУДИСКА АРАБИЈА, МЕЃУ КОИ ПРВА ПОБЕДА ЗА ЕКИПАТА БМВ РАКОВОДЕНА ОД АНДРЕТИ.

 

Александар Симс е изненадувачкиот победник на гран при трката во Дирија, Саудиска Арабија, на отворањето од шестата сезона во Формула Е. Британскиот возач имаше речиси перфектен викенд, при што во двете трки ја имаше пол позицијата, но додека во првата заврши на осмо место, во втората извозе безгрешно од старт до цел и за првпат во кариерата славеше во оваа конкуренција, што воедно е прва победа и за тимот БМВ Андрети.

Симс ја имаше пол позицијата во првата трка, иако на тренинзите како најбрзи се наметнаа возачите на Вирџин, Сем Брд и Роберт Фријнс. Тие покажаа дека тоа не било случајност, со тоа што кога Симс се соочи со технички проблем околу справување со енергијата, Брд го престигна и ја однесе победата (иако стартуваше како петти). Симс потона дури до осмото место , додека Брд ги однесе не само почестите за оваа победа, туку и за конзистентноста како возач кој има барем по еден триумф во минатите пет сезони (ги има вкупно девет).

– Минатата сезона беше проблематична, па поминав низ своевидна трансформација. Многу размислување, ментално челичење. Сега сум фит, ослабнав многу, а и тимот созреа,- изјави Брд.

Андре Лотерер од Порше и Стофел Вандорн од Мерцедес го комплетираа подиумот во првата трка, иако нивните екипи беа дебитанти на манифестацијата во Саудиска Арабија. Освен Симс, меѓу разочарувањата во првата трка беше и она на актуелниот шампион Жан Ерик Верње, кој се повлече поради оштетување на едно од предните тркала.

Во втората трка, Симс конечно ја склопи „сложувалката“ и успеа од стартот да им избега на ривалите, правејќи предност од една секунда по само четири извозени свиоци. Во текот на трката успешно се справи со појавата на возилото за безбедност, кое беше аплицирано поради инцидентите на Брд и Фријнс.

– Реализиравме сè како што треба, донесовме правилни одлуки во вистинско време, па на крајот се исплатеше. Во првата трка имавме проблеми, но во втората сè беше како што треба. Сите нешта функционираа перфектно, па заслугите одат кај целиот тим,- изјави Симс на официјалната прес конференција. – Минатата година имав тешки моменти, но тимот ми даде поддршка и вложи многу напор, па да се мине целната линија како прв и да им се донесе победа, навистина заслужија. Научивме многу минатата сезона, но и на првата трка, веројатно тоа ќе продолжи и понатаму. Прекрасно е сето тоа да се примени во пракса, а дома да си одиме со победа и како водечки во генералниот пласман,- дополни 31-годишниот Британец.

Во борбата за местата на пиедесталот имаше повеќе возачи, имајќи предвид дека поради аплицирањето на возилата за безбедност се создаде колона. Токму во рестартот, Максимилијан Гунтер со вториот болид на БМВ Андрети се проби од петтото до второто место, додека Лукас ди Граси со тактичко возење и чување на ресурсите успеа да се наметне во финишот и да се бори со Гунтер, но на крајот заврши како третопласиран. Вандорн е четврти, иако беше под истрага за предвремено престигнување додека беше аплицирано возилото за безбедност, но тој се спаси, додека Лотерер настрада и беше елиминиран од зоната на освојувачи на поени. Уште двајца возачи имаат право да се лутат на лошата среќа: Себастијан Буеми и Феликс да Коста беа втор и трет, но откако се допреа и се извртеа, Буеми доби дополнителна казна за небезбедно приклучување на патеката, а Феликс беше казнет со возење низ боксот.

 

Она што е интересно да се напомене во овој извештај е дека БМВ Андрети се етаблираше како најбрз тим на зимските тестирања во Валенсија, при што најбрзото време на Гунтер беше за цела десетинка подобро од она на второпласираниот Верлајн од Махиндра. Големата изедначеност во перформансите беше видлива низ фактот дека актуелниот шампион Верње беше деветти со четири десетинки задоцнување, а дури 22 возачи од вкупно 24 беа во интервал од една секунда зад најбрзото време. Слична слика имаше и на зимските тестирања минатата година, при што БМВ победи на една трка во Саудиска Арабија, но во првите осум трки имаше осум различни победници, а шампионот Верње забележа четири победи од 13 трки.

Следната трка се вози во Сантијаго, Чиле, на 18 јануари следната година, а сезоната ќе има вкупно 14 трки, од кои последните две повторно ќе бидат дел од еден гран при викенд, овој пат во Лондон на 25 и 26 јули.

ФИА И ДОДЕЛИ СТАТУС НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО НА ФОРМУЛА Е

Иако започна да се одржува во 2014 година, токму со идеја на Жан Тод од ФИА и Алехандро Агаг како промотор, статусот на Формула Е беше од типот на неофицијално светско првенство, но веќе е донесена одлука тоа да се промени. На последната седница на Светскиот совет за моторспорт на ФИА, донесена е одлука седмата сезона на Формула Е (2020/2021) да биде прогласена за официјално светско првенство признато од ФИА. Со ратификацијата на одлуката, во името на првенството ќе стои и името на федерацијата, заедно со она на спонзорот. Така, комплетниот назив ќе биде „АББ ФИА Формула Е“.

– Наша амбиција отсекогаш беше да станеме светско првенство на ФИА. Сè што имаме направено до овој момент беше напор за да стигнеме до ова. Ваквиот статус додава уште повеќе кредибилитет, на она што е веќе вистинска формула за трки и спектакуларен спортски производ,- изјави шпанскиот бизнисмен, Алехандро Агаг.

 

ПЕРФОРМАНСИТЕ ВО 2019 ГОДИНА СЕ НА СПЕКТАКУЛАРНО НИВО

Со воведувањето на таканаречени болиди од втора генерација, или како што популарно ги нарекуваат „Генерација 2“, перформансите во Формула Е отидоа чекор понапред во однос на првите години. Зголемена е моќноста од 200 на 250 киловати, што во пракса значи 335 коњски сили, или 67 повеќе од лани. Во трка, возачите имаат лимит на 200 киловати (лани беа 180), што е еднакво на 270 КС, освен кога ќе активираат „Атак Мод“ и добиваат 235 киловати. Ова се должи на подобрената регенерација од 250 киловати, или 100 киловати повеќе од „Генерација 1“. Севкупно, болидите од „Генерација 2“ забрзуваат за 2,8 секунди од 0-100 км/ч, а постигнуваат максимална брзина од 280 км/ч, што е за 55 км/ч повеќе од претходно.

Во 2019 година има дополнителни два тима (Порше и Мерцедес), со што бројот на учесниците е подигнат на 24 возачи. Квалификациите се возат со по шест возачи во четири групи, а најбрзото време од групната фаза се вреднува со 3 поени, додека најбрзиот круг во трката со еден поен. Бодувањето на првите 10 е исто како во Формула 1. Сопирачките за сите болиди ги произведува Брембо, што е свовиден рекорд во мотоспорт индустријата. Деловите на сопирачките се направени од јаглеродни влакна со супериорни перфоманси. Димензиите на предните дискови се дијаметар од 278 милиметри, дебелина од 24 милиметри, плус 70 отвори за вентилирање. Кај задните дискови, дијаметарот е 263 милиметри, дебелината на дискот 20 милиметри, но има 90 отвори за вентилирање. Особено поразлични во однос на другите тркачки серии се „шепите“ кои се многу лесни и не ја компромитираат тежината на болидот.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.