Претставуваме BMW M2 CS-СУШТИНАТА ЗАД ЧИСТО ЗАДОВОЛСТВО ПРИ ВОЗЕЊЕ

18/06/2025

БУКВИТЕ НЕ СЕ САМО УКРАС. НАСТАВКАТА ВО ИМЕТО CS ВО ОДНОС НА СТАНДАРДНИОТ BMW M2 Е МОТИВ ДА СЕ ЗАДРЖИ ТРАДИЦИЈАТА НА ВРВНА СПОРТСКА ЕКСКЛУЗИВА, ИЛИ АКО ПОВЕЌЕ МИЛУВАТЕ, НА БЕСНОТИЈА ОД АВТОМОБИЛ.

 

Возачки настроените ентузијасти, кои не се срамат да го разбудат детето во себе, конечно добија соодветна играчка која доаѓа од BMW M. Креаторите на возачки сни, одлучија дека е вистинско време да го откријат трудот на својот педантно скроен инженеринг, крунисан со ознаката M2 CS. Жежок како од фурна изваден, BMW M2 CS е создаден за да биде тркач во вистинска смисла на зборот. Со него BMW М го крева прагот толку високо, што е доволно за поставување на нов репер меѓу компактните спортисти.

Ова специјално издание, кое обединува возбудливи перформанси, врвна возна динамика и впечатлив дизајн, и е наследник на престижната лоза што започна пред повеќе од половина век со легендарниот BMW 2002 Turbo, ќе се произведува во ограничена серија. Затоа, сладокусци, да побрзаме! Продажбите стартуваат кон крајот на летото, а бројот е ограничен. Но, пред да заминеме во салоните, да видиме што навистина ни зготвиле врвните кулинари од спортската дивизија на гордоста од Минхен.

БЕСНОТИЈАТА ПОЧНУВА ОД МОТОРОТ

Буквите не се само украс. Наставката во името CS во однос на стандардниот BMW M2 претставува мотив да се задржи традицијата на врвна спортска ексклузива, или ако повеќе милувате, на беснотија од автомобил. Секако, таа беснотија започнува од моторот. И по тоа прашање, во BMW M не оставиле простор за никакви дилеми.

Линискиот шест цилиндричен 3.0 литарски битурбо за во M2 CS е навиен да ослободува 50 КС и 50 Nm повеќе во однос на стандардниот М2. Зборуваме за вкупно 530 КС кои се ослободуваат при 6.250 min-1 и 650 Nm, достапни во широк дијапазон на вртежи меѓу 2.650 и 5.730 min-1. Воедно, максималниот број на вртежи е поставен на високи 7.200 min-1, потребни за на патека. Станува збор за истиот мотор кој служи како основа за тркачот BMW M4 GT3 EVO кој се натпреварува во трките на издржливост. Она што е наследено од тркачот е апетитот за лов на вртежи, вклучително и молскавично брзите реакции на педалот за гас. А најважно од сѐ, способност да ги издржи предизвиците на тркачка патека.

РАВЕНСТВО БЕЗ РАЧЕН МЕНУВАЧ

За жал, во BMW M одлучиле да го исклучат рачниот менувач од понудата на M2 CS. И додека тој сѐ уште може да се добие како опција во М2, за навиениот M2 CS е проценето дека нема да функционира. Најмногу заради високиот вртежен момент кого рачниот менувач конструктивно не може да го издржи. Во М2 каде моторот ослободува 600 Nm, за изведбата со рачен менувач вртежниот момент е ограничен на 550 Nm. Затоа во M2 CS каде моторот турка 650 Nm рачниот менувач е исфрлен од равенката. Моќноста се пренесува кон задните тркала преку осумстепениот M Steptronic чии карактеристики се прилагодени кон тркачките аспирации на M2 CS.

За да се овозможат молскавично брзи реакции на барањата на возачот направено е усогласување со ремапирање, и на менувачот и на моторот. Затоа, без оглед на избраниот модус, возачот постојано е изложен на интензивен наплив на моќност и чувство како да се фатил во костец со разјарен бик. Системот Drivelogic, преку кого се управува со менувачот, дозволува да се менуваат карактеристиките при менување, па така може да се добие дури и брутално остро префрлање, од степенво друг, за врвно спортско доживување.

МОЛСКАВИЧНИ ПЕРФОРМАНСИ

BMW M2 CS ја соборува границата од 4 секунди поставена од стандардниот М2 при спринт од место до 100 km/h. Во неговото седиште спринтот се случува во 3,8 секунди. Одиме понатаму. Од место до 200 km/h стигнува за 11,7 секунди, додека за меѓу забрзување од 80 до 120 km/h во петти степен на пренос се потребни само 3,4 секунди. Максималната брзина е ограничена на 302 km/h.

Молскавичните перформанси на M2 CS се поткрепени со соодветна звучна кулиса. Издувот од титаниум завршува со два пара масивни издувни цевки, а сонорната нота која наежува будејќи емоции, доаѓа од специфично за M2 CS дизајнираниот звук со електронски контролирани клапни.

НИСКА ТЕЖИНА ЗА ВРВНА ДИНАМИКА

Да се дојде до врвна возна динамика врежана во геномот на моделите на BMW кои во името користат наставка CS, потребно е значително намалување на тежината. Меѓутоа во случајот на M2 CS идејата била да не се напуштат комфорните елементи потребни за секојдневно користење. Затоа поголем дел од елементите на каросеријата се изработени од јаглеродни влакна. Така, карбон-фибер е користен за кровот, за капакот на багажникот кој завршува со елегантно изведен спојлер како опаш од шатка, и специфичниот, за него дизајниран дифузор од кого штрчат издувните цевки.

Како дополнување доаѓаат кованите бандажи од лесна легура во златно-бронзена боја. Бандажите мерат 19 инчи напред и 20 инчи назад, и без оглед на бојата на автомобилот тие секогаш остануваат исти. Сериски се обуени во тркачки гуми со димензии 275/35 ZR19 напред и 285/30 ZR20 назад.

Вкупната тежина во однос на М2 е симната за 30 kg, и во комбинација со подвозје кое е 8 mm пониско и опремено со специфично одбрани пружини и амортизери, M2 CS ги задоволува дури и врвните параметри за возна динамика кои се бараат за на патека.

ЈАГЛЕРОДНИ ВЛАКНА И ВО КАБИНАТА

Покрај каросеријата обилното користење на јаглеродни влакна е продолжено и во кабината. Целосно возачки насочениот кокпит e круна во кабината на M2 CS. Посебно во очи паѓа централниот гребен кој во целост е изработен од карбон-фибер. Од истиот материјал се изработени и тркачките кади за возачот и совозачот со интегрирани потпирачи за глава. Седиштата се местат електрично, поставени се со мерино кожа, и украсени со осветлен беџ CS.

Задоволство да се држи в дланки е воланот со три пречки и рамно дно. Обложен е во алкантара во црна боја, опшиен е со црвен маркер на 12 часот и украсен е со елементи од карбон-фибер. Беџот CS е расфрлен насекаде низ кабината. Ги краси централниот гребен, праговите на вратите, и во уште една осветлена верзија панелите на вратите веднаш до ракофатот.

Колку да се спомне, во M2 CS е напикана целата современа опрема која ја нуди BMW. Погледот лизга преку заоблениот екран на BMW, составен од 12,3 инчен информациски дисплеј и 14,9 инчен контролен дисплеј, управувани од новата  генерација на оперативниот систем 8,5 на марката. Вреди да се нагласи и аудиото на Harman Kardon во сараунд изведба со овозможена интеграција со смартфон преку Apple CarPlay и Android Auto.

Оваа ултимативна играчка за возрасни е суштината која се сокрива зад чистото задоволство при возење. Таа е тука за да го разбуди детето во возачот на сите возачки настроени ентузијасти. И секако, на оние кои ќе можат да си го дозволат ова парче ексклузива од BMW M, кое во Германија ќе чини 115.000 евра.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.