24 часа Леман 2021-ТОЈОТА И ФЕРАРИ ЈА ПОТВРДИЈА СВОЈАТА НАДМОЌНОСТ

24/09/2021

ТРКИТЕ 24 ЧАСА ЛЕМАН СЕ ОДРЖА СО ДЕСЕТКУВАНО ПРИСУСТВО НА ПУБЛИКАТА, НО И ТИЕ 50.000 БЕА УБЕДЛИВИ ВО ОДНОС НА МИНАТОГОДИШНОТО ИЗДАНИЕ КОГА ПУБЛИКА БЕА САМО СУДИИТЕ КРАЈ ПАТЕКАТА, ВРАБОТЕНИТЕ ВО ТИМОВИТЕ И НЕКОЈА ВОЗНЕМИРЕНА ПТИЦА

 

И најновото 89. издание од легендарната трка 24 часа Леман мина во голема надмоќност на јапонскиот производител Тојота, исто како и претходните три изданија. Ова е четврта титула за Тојота и тоа една по една. Класата на хиперкар автомобилите првпат беше воведена годинава како замена за „леман прототипови 1“. Со изменава во кралската класа, така да ја наречеме, организаторот и ФИА се надеваат дека во иднина ќе учествуваат повеќе марки во оваа папсувачка 24-часовна бркотница. Стартните броеви 7 и 8 потпишани од Тојота тргнаа како што се надеваа од првите редови, но уште во првиот свијок еден од болидите на Гликенхаус имаше судир со тојотиниот болид со стартен број 8 и потоа итно следуваше одење во боксот. Таму болидот беше дополнително ресетиран и потоа повторно се врати на патеката и за приближно еден час возење успеа да се врати на второто место, но ни одблиску не беше конкурентен на „братот“ со број 7 што беше далеку напред на првото место возен од Камуи Кобајаши, Хозе Лопез и од Мајк Конвеј. На почетокот се поставуваа прашања дали Гликенхаус може да направи нешто посериозно или, пак, Алпина. Сè е можно во една трка како 24 часа Леман, не само од гледна точка на тешката задача да се заврши трката и наедно да се освои подиумот, туку и од гледна точка на тоа што болидите се сосема нови, не е веќе таа старата „лмп 1“, туку сега се хиперкар и тие треба да „легнат“ и дури потоа да постигнуваат врвни резултати без ниеден дефект. Двата болида имаа еден мал проблем најверојатно со дотокот на гориво во моторот, но тимот успеа да го отстрани дефектот и на целта беа во комбинација 1 – 2 (2 – Казуки Накаџима, Себастијан Буеми и Брендон Хартли). Битката за третото место се водеше помеѓу новодојдениот Гликенхаус и староновата Алпина, трка во која Алпина подобро се снајде. Занимливо е да се каже дека ова е прв настап на Алпина на трката 24 часа Леман и веднаш се најде на подиум. Вакви нешта претерано ретко се случуваат воопшто во светот на трките, а кога на патеката Сарт некој ќе влезе првпат и ќе освои подиум, заслужува големо внимание и почит. Овој пат драмата се одвиваше во класата „лмп 2“ каде што нововлезениот тим ВРТ покажа исклучителна подготвеност и умешност да ги одбијат сите напади од возилата на тимот Гликенхаус 007. Водеше болидот на ВРТ со стартен број 31 што го возеа Робин Фриџнс, Чарлс Мајлс и Фердинанд Хабсбург. На помалку од два часа до крајот на трката клупските колеги во болидот со број 41 го презедоа водството и сигурно грабеа кон победа. Овој болид го возеа некогашниот возач во Формула 1, а потоа и рели возачот Полјакот Роберт Кубица, Јифеи Је и Луис Делетраз. И кога се чинеше дека тие ја имаат победата в џеб, нивниот болид откажа послушност и возачот Јифеи Је застана крај патеката на еден круг до крајот, едноставно возилото снема сила и тоа беше крај за тројката на чело со Кубица. Така победата им беше подарена на нивните клупски колеги со возилото со број 31. Првпат на трката 24 часа Леман и веднаш прво место – секоја чест.

Во категоријата „лм гте про“ доминираа двата автомобила на Ферари. Беа на добар пат да постигнат 1 – 2 победа, но автомобилот со број 52 го следеа два поголеми проблема и мораше да се откаже од трката, но тој со број 51 од тимот на АФ Корсе, кој го возеа Алесандро Гуиди, Коме Ледогар и Џејмс Каладо, влезе прв на целта пред корветата со број 63. И во класата „лм гте ам“ победи тимот АФ Корсе. Автомобилот со стартен број 84, управуван од триото Алесио Ровера, Френсис Перодо и Никлас Нилсен, само ја потврди беспрекорната подготвеност на тимот. Така Ферари стекна две титули во две класи. Заинтересираноста на производителите за учество во трките на издржливост во овој момент е голема, што е голем плус, како за нив, така и за публиката, но и за спонзорите. Од 2023 година со свои болиди влегуваат: Ферари, Пежо, БМВ, Ауди, Порше, а неофицијално во преговори сами со себе се и: Форд, Пагани, Ламборџини и Хонда. Ќе видиме што ќе се случи.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.