2 АВГУСТ-ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА ВО ЗНАКОТ НА ДВАТА ИЛИНДЕНА

31/07/2025

ВО ЧЕСТ НА ПРАЗНИКОТ СЕ ОДРЖУВААТ ГОЛЕМИ СВЕЧЕНОСТИ, А СЕПАК ВО ЦЕНТАРОТ НА ВНИМАНИЕТО СЕ ПРАЗНУВАЊАТА ВО КРУШЕВО И ВО ПЕЛИНЦЕ, ОБЕДИНУВАЈЌИ ГИ СИТЕ МАКЕДОНЦИ ВО НАЦИОНАЛНАТА САМОБИТНОСТ – НА ОВОЈ ДЕН СЕ ОДБЕЛЕЖУВААТ СТО ДВАЕСЕТ И ДВЕ ГОДИНИ ОД КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА И ОСУМДЕСЕТ И ЕДНА ГОДИНА ОД ПРВОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АСНОМ

 

Столбовите на Републиката и на македонската државност се поставени со Илинденското востание и Крушевската република во 1903-та, потоа и во 1944-та, на вториот Илинден, кога во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се одржа Првото заседание на АСНОМ – повеќе официјални делегации ќе оддадат почит со положување венци пред Меморијалниот центар во Пелинце, а централната свеченост ќе биде на Мечкин Камен во Крушево. Народните претставници ќе се поклонат и пред спомениците во непосредна близина на парламентот – за долго сеќавање на илинденците, но и на самите историски настани.

Илинденското востание ја претставува славната епопеја на револуционерната борба на македонскиот народ со сопствени сили да извојува слобода и независност. За почетокот на востанието била известена и светската јавност преку Декларација во која биле изнесени причините и целите на востанието. Истовремено ГШ на востанието, раководејќи се од хумани побуди да не страда невино население, пратил писмо до Дирекцијата на источните железници во Македонија со седиште во Солун, предупредувајќи ја за почетокот на востанието што би било проследено со напади врз железниците. Главното жариште на востанието било во Битолскиот револуционерен округ, каде што имало и најголем успех. Востаничките операции во округот не се ограничиле само на напади врз телефонските и телеграфските линии, патните комуникации и месните гарнизони и единици. Тие, пред сѐ, биле насочени кон создавање слободни територии и организирање востаничка власт.

Најречит пример за тоа претставува создавањето Република во ослободено Крушево каде што востаниците доследно ги изразиле своите демократски и државотворни стремежи. Не помалку значајни се и селото Смилево и гратчињата Клисура и Невеска каде што формирањето востаничка власт претставувало уште еден придонес во остварувањето на целите на востанието.

Првото заседание на АСНОМ претставува државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија. На него се донесени повеќе решенија, меѓу кои и решението за конституирање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) во врховно законодавство и исполнително тело на Македонија и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, решение за донесување декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија. На Заседанието е избран Президиум во состав: претседател Методија Андонов-Ченто и двајца потпретседатели – Панко Брашнаров и Мане Чучков, заедно со 18 членови од кои двајца секретари – Љупчо Арсов и Владо Полежина, како и претставници од Македонија за АВНОЈ, вклучително и неколку помошни тела на Президиумот. Заседанието на АСНОМ за својата работи објави прокламација до македонскиот народ, во која, меѓу другото, стои: „Од тешките борби и пролената крв на најдобрите македонски синови излегува денеска првото народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет… Вековниот идеал на македонскиот народ се постигна“.

 

2 Август е и верски празник – христијански, посветен на Свети Илија. Во црквите се вршат богослуженија, се организираат големи прослави.

За многу години!

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.