На секои 24 секунди по едно лице го губи животот на патиштата. Според СЗО, брзината е еден од клучните фактори за сообраќајни незгоди, кој влијае и на зголемен ризик од сообраќајна несреќа, но и на сериозноста на повредите предизвикани од брзо возење.
Улиците со мала брзина спасуваат животи и се срцето на секоја заедница. Ограничувањето на брзината на 30км/ч онаму каде што луѓето, нивните активности и сообраќајот опстојуваат во комбинација, помага во создавање на улици кои се полни со живот, кои се зелени, улици кои се за игра, улици за живеење.
Во фокусот на овогодинешната кампања беше потребата од максимална брзината од 30км/ч во почувствителните градски подрачја, каде пешаците, велосипедистите и децата се дел од животот на улиците. Улиците се место за игра и се дел од секојдневното живеење. Ограничувањето на брзината на овие улици е неопходно и итно.
Преку кампања на социјалните медиуми и соработка со влијателни млади луѓе, ја пренесовме пораката за потребата од создавање на улици за живеење и ги повикавме институциите да дејствуваат и да овозможат улици со мала брзина секаде каде што е тоа можно, ограничувајќи ја брзината на 30км онаму каде што луѓето живеат, а децата играат.
Поддржете ја кампањата за ограничувањето на брзината од 30 км на час да биде норма и за нашите градови, како и за градовите ширум светот. Потпишете го отвореното писмо këtu.
Кампањата беше реализирана во соработка со FIA и FIA Foundation.
Како единствена мобилити членка на Светската автомобилистичка федерација – FIA од земјава, секоја година ја одбележуваме Глобалната недела на ООН за безбедност на патиштата, имплементирајќи ги глобални кампањи на ООН за зголемување на безбедноста на патиштата на локално ниво. На тој начин делуваме за зголемување на безбедноста во сообраќајот во нашата земја, но и за намалување на жртвите во сообраќајот во глобални размери.
Реализација: 17-23.05.2021 година