ОБЕЛЕЖАНИ БЕЗБЕДНИ СЕМЕЈНИ ПАРКИНГ ЗОНИ

На 28.09.2020, во хотелот „DoubleTree Hilton“, беше одржана прес конференција по повод промоција на првите обележани безбедни семејни паркинг зони, кои се наменети за трудници и родители на деца до 3 годишна возраст.

На прес конференцијата, присуствуваа и свое обраќање имаа Генералниот секретар на АМСМ, г-дин Димитар Миновски, Министерот за внатрешни работи, г-дин Оливер Спасовски, Градоначалникот на Град Скопје и Претседател на ЗЕЛС, г-дин Петре Шилегов, Министерот за Транспорт и Врски, г-дин Благој Бочварски, директорката на ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство, г-ѓа Викторија Јовановска и деканот на Факултетот за безбедност, проф.д-р Никола Дујовски.

Проектот „Безбедни семејни паркинг зони“, подразбираше измена на Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот, во кој по соработка со Министерството за транспорт и врски, беше воведена хоризонтална и вертикална сигнализација за обележување на ваквите безбедни семејни паркинг места и беа дефинирани сите спецификации поврзани со нивното обележување и користење. Притоа, за пример ги имавме европските земји и нивната регулатива и пракса.

Првите паркинг места беа обележани во станиците за технички преглед на АМСМ во Скопје (Центар и Чаир) и во Велес, а дополнително во соработка со Град Скопје, се обележани и 27 паркинг места кои на почетокот ќе им бидат достапни на трудниците и родителите на деца до 3 годишна возраст за паркирање. Истите се во рамките на следните паркинзи со кои стопанисува ЈП Градски паркинг Скопје:

  • Зона А0 – Средно Водно – обележани се 4 паркинг места (две места на горниот и две места на долниот паркинг)
  • Зона А3 – ул.„Даме Груев“, пред полициска станица Беко – обележано 1 паркинг место
  • Зона А4 – ул.„Даме Груев“, позади Собрание на РСМ – обележани 2 паркинг места
  • Зона А5 – ул.„Орце Николов“ – обележано 1 паркинг место
  • Зона А8 – Камен мост – обележани 2 паркинг места
  • Зона Ц15 – ул.„Ѓуро Ѓаковиќ“ – обележано 1 паркинг место
  • Зона Ц 80 – „Зоолошка градина“ – обележани 3 паркинг места
  • Зона Д4 – „Веро“, Аеродром ( Рударски институт) – ќе се обележат 2 паркинг места по завршување на градежните работи на паркингот, кои се во тек
  • Зона Д 40 – Болница „8-ми Септември“ – обележани 3 паркинг места
  • Зона Д 62 – Тениски клуб „АБЦ“ (Сточарски Институт) – обележани 2 паркинг места
  • Зона Д1 – Хотел „Русија“ – обележани 2 паркинг места
  • Зона Л – Клиника за гинекологија и акушерство, Клинички центар – обележани 4 паркинг места

Проектот со обележување на безбедни семејни паркинг места и на сопствените паркиралишта, го поддржаа и следните трговски центри:

  • Skopje City Mall,
  • Capitol Mall и
  • Ramstorе Mall.

По овој повод Градоначалникот на Град Скопје, г-дин Петре Шилегов изјави: „Овие паркинг места се  утврдени на најповолните локации што им се потребни на овие граѓани и тоа пред  здравствени установи, одредени центри за пазарење, како и пред јавни објекти кои првенствено се наменети за најмладите. Водевме грижа, овие паркинг места да бидат поставени и на најсоодветните места, односно при влез-излез на самата паркинг зона.“

Во соработка со ЗЕЛС, се планира обележување и во општините на територијата на град Скопје, а потоа и во Велес, Охрид, Битола, Тетово, Штип, Куманово, како и понатаму низ целата држава.

Во таа насока, изразуваме огромна благодарност до Министерството за Внатрешни Работи, Министерството за Транспорт и Врски, Градот Скопје, ЗЕЛС, Државната клиника за гинекологија и акушерство и Факултетот за безбедност, за поддршката и реализацијата на овој проект.

Ги повикуваме сите трудници и семејствата со деца до 3 годишна возраст да ја искористат привилегијата за паркирање на овие паркинг места и да ја извадат потребната ознака во Станиците за технички преглед на АМСМ во Скопје, во Центар (секој работен ден од 07:00-19:00ч. и сабота од 08:00-15:00ч.) и во Чаир (секој работен ден од 08:00-16:00ч и сабота од 08:00-13:00ч.).

Потребни документи за издавање на ознаката се:

  • За трудници

– копија од лична карта, потврда за утврдена бременост од надлежна здравствена установа и копија од сообраќајна дозвола на возилото за кое ознаката се издава

  • За родители на деца до 3 годишна возраст

– копија од лична карта на еден од родителите, копија од Извод од матичната книга на родените за детето и копија од сообраќајна дозвола на возилото за кое ознаката се издава

Ознаката за паркирање на безбедните семејни паркинг места, гарантира резервирано и внимателно избрано паркинг место, но не ослободува од надоместокот за паркирање.

За трудниците следи бесплатна брошура со совети, а за сите следи налепница за обележување на возилото за превоз на бебе или дете во автомобил, која корисниците ја добиваат бесплатно.

АМСМ како единствена членка на ФИА (Меѓународна автомобилистичка федерација) од земјава има пристап до ФИА Фондацијата и ФИА грант програмите за поголема безбедност на патиштата. Проектот на АМСМ  „Безбедни семејни паркинг зони“ беше еден од избраните проекти за ко-финансирање од страна на ФИА, а беше реализиран во соработка со сите релевантни национални институции.

Click outside to hide the comparison bar
Спореди