На 06.09.2017 година во хотелот „Александар Палас“ беше одржана прес-конференција за промоција на веб платформата и мобилната апликација „Мој Пат“, наменети за пријавување на недостатоци на локални, магистрални и регионални патишта од страна на сите учесници во сообраќајот. На прес-конференцијата присуствуваа министерот за транспорт и врски на Р.М, г-дин Горан Сугарески, државниот секретар во Министерството за внатрешни работи на Р.Македонија, г-ѓа Магдалена Несторовска, како и Генералниот Секретар на АМСМ, г-дин Димитар Миновски, а истата беше проследена од голем број на медиуми.
Фотографии од одржаната прес-конференција можете да видите тука.
Проектот „Мој Пат“, кој вклучува бесплатна мобилна апликација и веб платформа, има цел на сите групи учесници во сообраќајот (пешаци, велосипедисти, возачи и мотоциклисти) да им овозможи од своја перспектива да ги идентификуваат и да ги пријават недостатоците на патиштата, притоа обезбедувајќи систематски, методолошки и трошковно ефикасен начин на собирање на податоци за недостатоците на локалните, магистралните и регионалните патишта во државата.
Сите пријавени недостатоци на патиштата, АМСМ со цел на зголемување на безбедноста во сообраќајот, во форма на периодичен извештај, ги доставува до надлежните институции за нивно отстранување. Корисниците на мобилната апликација и на веб платформата можат да го следат статусот на недостатоците на локалните, регионалните и магистралните патишта, од статус на пријавени недостатоци од страна на корисник, преку статус на пријавени недостатоци до надлежни институции до конечниот статус на отстранет недостаток на пат.
Во оваа насока министерот за транспорт и врски изјави „Уште при презентирање на проектот од страна на претставниците на АМСМ, веднаш знаев дека ова е проект кој треба активно да се поддржи, затоа што една од функциите на Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта е да обезбедат подобра патна инфраструктура која ќе води до поголема безбедност во сообраќајот.“
Во насока на поддршка на проектот државниот секретар во Министерството за внатрешни работи изјави „Се надевам дека во иднина овој проект ќе се надоградува и проширува, во насока на поактивно вклучување на Министерството за внатрешни работи на Р.М“.
Покрај наведените институции, проектот „Мој Пат“ е активно поддржан и од ЗЕЛС и Градот Скопје.
Проектот „Мој Пат“ е реализиран во соработка со ФИА и е ко-финансиран од ФИА грант програмата за поголема безбедност на патиштата, до која АМСМ има пристап како единствена членка на ФИА (Меѓународната автомобилистичка федерација) од Р.Македонија. Како резултат на ова, а во конкуренција на проекти од повеќе авто-мото клубови, проектот на АМСМ „Мој Пат: мобилна апликација и веб платформа за мапирање на недостатоци на магистрални, регионални и локални патишта“ беше еден од избраните средни проекти за ко-финансирање.
Мобилната апликација MojPat наменета за Android и iOS базирани мобилни телефони, можете да ја симнете на Google Play и App Store.
Доколку немате паметен телефон, а сакате да пријавите недостаток на патишта, тоа можете да го направите преку www.mojpat.mk.
Реализација: 2017 година