Основан 1945 годината, постоењето и развојот на АМСМ, го обележаа низа структурални и организациони промени, некои како резултат на времето, а пак некои како одговор на потребата да се биде и да се остане поблиску до постарите, но и новите генерации.

Како резултат на долгогодишното постоење, од една страна и континуираното залагање да чекориме заедно со најразвиените светски авто клубови од друга, денес со гордост можеме да кажеме дека АМСМ е современа организација во која се обединуваат богатото искуство и современите концепти на работење, карактеристични за потрошувачки ориентираните и модерни организации.

Тенденцијата со препознатлив ентузијазам да одговориме на современите трендови во областа, значеше и континуирано проширување на портфолиото на услуги. Во таа смисла, денес АМСМ е во можност на своите клиенти да им обезбеди комплетни и софистицирани решенија и услуги, на едно место.

 

Долгогодишното постоење и искуство ни овозможи да подготвиме различни категории членски пакети кои со своите услуги одговараат на вашите потреби и барања.

Да бидете дел од нашето семејство значи многу повеќе од ваша безбедност, тоа значи да му овозможите сигурност на целото ваше семејство и на вашата компанија во секој поглед, каде и да сте.

За повеќе од 15.000 свои членови, АМСМ секојдневно обезбедува низа поволности и бенефиции, како и 24 часовна грижа за побезбедно патување во земјата и странство.

Без оглед дали сте возач или не, дали имате сопствен автомобил или не, дали имате 14 или 88 години, веќе имате можност да изберете еден од различните АМСМ членски пакети, секако, приспособени на Вашите желби и потреби.

 

Една од најпрепознатливите деловни активности на АМСМ е техничкиот преглед и регистрацијата на моторни возила. Основните активности на трговското друштво „АМСМ УСЛУГИ СТАНИЦА ЗА ТЕХНИЧКИ ПРЕГЛЕД“ ДОО Скопје се токму во доменот на редовен технички преглед и регистрација на возила, превентивен (вонреден) технички преглед, како и издавање на меѓународни документи (меѓународна возачка довола и одобрение за управување со туѓо моторно возило).

Со три станици за технички преглед, од кои две во Скопје (во Центар и Чаир) и една во Велес, АМСМ покрива 30% од вкупниот број на технички прегледи во земјата, и сè уште е лидер на пазарот на технички преглед и регистрација на моторни возила.

 

Осигурителното брокерско друштво „МОБИЛИТИ БРОКЕР АД“ е формирано во 2008 година со основни активности во доменот на советување, посредување и застапување за сите работи и прашања од сферата на осигурувањето, застапување на корисниците пред осигурителните компании и обезбедување најсоодветна понуда за осигурување, согласно со нивните потреби. Услугите на „Мобилити Брокер“ се бесплатни.

Со свои продажни места „Мобилити Брокер“ е застапен во Скопје, во Т.Ц „Бисер“ во Аеродром, како и во АМСМ Скопје- Центар со 24/7 продажба на зелени карти и патничко осигурување.

Своите активности ги остварува во рамките на АМСМ станиците за технички преглед во Скопје (Центар и Чаир) и во Велес, а покриеност на целата територија на земјата обезбедува преку 14 свои подружници, од кои најголем дел функционираат во рамките на авто-мото друштвата и тоа низ следниве градови: Битола, Кичево, Охрид, Струга, Струмица, Тетово, Штип, Боговиње, како и на граничните премини „Богородица“ и „Делчево“.

 

Во рамките на друштвото за услуги и информации „АМСМ УСЛУГИ СПИ НА ПАТ“ ДОО Скопје функционираат служба за помош на пат и шлепување, сервисот за автомобили, контакт центарот на АМСМ, како и продавницата за авто галантерија лоцирана во рамките на АМСМ Станицата за технички преглед во Скопје-Центар.

Преку 9 бази за помош на пат, лоцирани во Скопје, Велес, Битола, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Струга, Кичево и во Кочани, и 6 стационари, и тоа во Куманово, Демир Капија, Струмица, Гостивар, Тетово и Ресен,  „АМСМ Услуги СПИ на пат“ обезбедува покриеност на целата територија на Р. Македонија.

Службата располага со 26 современо опремени возила за помош на пат и со 21 камион за пренос на возило. Со повеќе од 40 возачи-механичари, специјално оспособени за отстранување на дефекти на самото место, службата е достапна 24 часа/365 дена во годината. Само во последните неколку години оваа служба реализирала околу 28.000 интервенции за помош на пат и пренос на возило на територијата на Р. Македонија.

Контакт Центарот кој функционира во рамките на „АМСМ Услуги СПИ на пат“ е една од најзначајните служби, чии активности  се поврзани со самите почетоци на АМСМ. Денес во рамките на Контакт Центарот работи линијата за помош на пат и шлепување (196), која обезбедува помош и поддршка во случај на потреба од помош на пат или пренос на возило; линијата за состојба на патиштата (15 555), која обезбедува и дава патни информации, вклучувајќи информации за состојбата и за евентуалните застои на патиштата низ државата, информации за работа на пат, состојбата на граничните премини и туристички информации за Македонија и за повеќе од 30 европски држави; како и АМСМ Инфо линијата (02/3181-181), која им е достапна на корисниците за информации во врска со сите услуги од системот на АМСМ, новитети и тековни промотивни акции. Контакт Центарот работи 24 часа/365 дена во годината, а само во 2014 година преку него се реализирани 82.837 повици по различни основи.

Во рамките на „АМСМ Услуги СПИ на пат“ функционира и сервисот за автомобили, кој покрај стандардните сервисни услуги, кои за АМСМ членови ги извршува со попуст, задолжен е и за реализација на сезонските членски акции, односно за бесплатната зимска и летна проверка на возило.

 

Друштвото за услуги за инспекција и испитување возила „АМСМ УСЛУГИ-ЦЕНТАР ЗА ВОЗИЛА“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, во континуитет го проширува своето портфолио на услуги, па така денес „АМСМ Центар за возила“ поседува овластувања, лиценци и акредитации за извршување на повеќе од 20 различни, специјализирани услуги, а располага и со лабораторија за калибрација.

„АМСМ Центар за возила“е единствен центар во земјата што ги обединува сите услуги и активности, кои се однесуваат на возилата, нивното одобрување, проверка на безбедносните карактеристики, еколошките подобрувања, како и обуки на професионални возачи и имплементирање на законската регулатива во сферата на внатрешен и меѓународен транспорт. Во склоп на своите дејности „АМСМ Центар за возила“ работи и секторот за инспекција на пренослива и стационарна опрема под притисок како и лабораторијата за калибрација на димензионални и механички големини, време и фреквенција, оптички големини, гасни смеси, и акустични големини.

 

Основните активности на друштвото за издаваштво и маркетинг „АМСМ УСЛУГИ – АМСМ КЛУБ МОБИЛИТИ“  ДОО Скопје се во доменот на уредување и издавање на членското списанието „АМСМ Клуб Мобилити“, кое има за цел информирање на АМСМ членовите за сите погодности и новитети во системот на АМСМ, како и понуда на уникатни содржини и рубрики од област на безбедност во сообраќајот, сообраќајна култура, карактеристики на возилата, туристички дестинации, автомото спорт, и други новини кои се поврзани со оваа дејност.

Со цел на секојдневно информирање на нашите членови за најновите информации и случувања во областа на автомото спортот и безбедноста во сообраќајот, креирана е и веб страницата www.amsmklubmobiliti.mk

Првиот број на списанието излезе од печат во јуни 2007 година, а денес е најтиражно списание во земјата, кое претставува една од бенифициите на АМСМ членските пакети. Од 2013 година, во насока на светските трендови, списанието доби своја електронска верзија, па денес тоа се издава во 4 печатени и 6 електронски изданија во текот на годината, кои АМСМ членовите ги добиваат на својата домашна или електронска адреса и на адреса на компанијата.

 

Друштвото за спроведување на оспособување на кандидати за возачи „АВТО ШКОЛА МОБИЛИТИ“ ДОО Скопје како наследник на авто школата која функционирала во рамките на АМСМ, е прва авто школа во земјава, формирана далечната 1976 година.

„Авто школа Мобилити“ располага со современ возен парк, кој се состои од 7 климатизирани и комплетно опремени возила. Под професионален надзор на 8 инструктори, годишно преку „Авто Школа Мобилити“ се обучуваат 9% од вкупниот број на кандидати, со што таа е една од најголемите автошколи на територијата на градот Скопје.

 

Во рамките на друштвото за услуги и трговија на мало со моторни горива АМСМ УСЛУГИ ПЕТРОЛ ДОО увоз-извоз Скопје функционира една бензинска пумпа, лоцирана веднаш до АМСМ Станицата за технички преглед во Чаир.

 

Друштвото за трговија, посредување и услуги „АМСМ УСЛУГИ ТРЕЈД“ ДОО увоз-извоз Скопје е застапник на повеќе реномирани брендови на опрема, меѓу кои ACTIA Muller и ACTIA Atal, како дел од групацијата ACTIA GROUP FRANCE и тоа за територијата на Р. Македонија, Косово и Албанија, како и за брендовите MATT, NORFI, SECORÜT и SAMOA.