Наташа Арсовска 20 години во АМСМ

За неа секој ден е различен и секој клиент има уникатни потреби, што и овозможува да расте и да учи секојдневно…

Ти благодариме Наташа

 

Моментално си на работна позиција осигурителен брокер во АМСМ.Која е твојата прва работна позиција во куќава?

Започнав како административен работник на шалтер за регистрација на возила во АМСМ, што ми даде основа да се запознаам со работните процеси и потребите на нашите клиенти. Имав желба за напредок, а и компанијата ја препозна мојата посветеност што ми овозможи да полагам за осигурителен брокер. Низ работниот стаж напредував ги учев измените во секторот кои се неизбежни и посетував некои обуки кои АМСМ ги овозможуваше за вработените. Денес сум лиценциран осигурителен брокер и работам со иста страст и посветеност како и пред 20 години.

 

Што е она што најмногу те исполнува во однос на работењето сега и некогаш?

Вистинска радост за мене е кога можам да помогнам на нашите клиенти да ги завршат сите административни работи околу регистрација на своето возило за безбедно патување дома и странство. Некогаш тоа значи дека треба и да ги смирам во моменти на несигурност да ги едуцирам за користењето на нашите услуги па и да ги потсетам да не заборават зелен картон или АМСМ картичка. Секој ден е различен и секој клиент има уникатни потреби, што ми овозможува да растам и да учам секојдневно. Ме исполнува работата со луѓе, комуникацијата и задоволството на клиентите. Дополнителен мотив е тоа што компанијата секогаш знае да ги препознае и награди работата и лојалноста на вработените. Имам посебна полица дома со наградите што низ годините ги добивав како „Најдобар продавач на АМСМ членство”

Што најмногу ти помага во успехот,што би издвоила како најбитен предуслов за да се биде успешен?

Комуникациските вештини мислам дека се клучни за мојот успех. Во нашата работа важна е и проценката на потребите на клиентите па понекогаш и на расположението во кое се и прашањата кои можеби ги имаат. Низ годините научив како да се прилагодувам на секоја ситуација и да ја задржам смиреноста во секакви околности, да ги дадам сите информации што можеби не ни знаат дека им се потребни. На луѓето им значи кога треба да потрошат време за да завршат некои административни обврски од другата страна на шалтерот да имаат разбрана, смирена и компетентна личност и се стремам секогаш да бидам токму таква.

Која е твојата највпечатлива година во AMSM во однос на успех и останато?

Иако секоја година има свои уникатни предизвици и успеси, секоја година настојуваме да додадеме нова услуга, нова поволност, поголема поддршка, конзистентен квалитет на стандардните услуги сепак сметам дека успешноста на секоја година зависи од перспективата. Во моето искуство, секоја година е успешна на свој начин бидејќи ни овозможува да растеме, да учиме и да се адаптираме на новите околности. Успешноста за мене значи да напредуваме како тим и индивидуално, да ги пречекуваме промените со отворен ум и да останеме посветени на обезбедување на врвна услуга за нашите клиенти. Се радувам што сум дел од тим што секогаш размислува како да понуди повеќе вредност на корисниците и исклучително горда сум на сè што сме постигнале заедно.

Присети се на една анегдота од работата што се уште ја раскажуваш?

Има еден момент кој често го споделувамe со колешката за хуморот што може да се појави во секојдневните работни активности. Еден ден, работевме јас и колешката една до друга на шалтерот. Таа обработуваше документи за регистрација на возило за еден господин. Во исто време, дојде друг клиент кај мене и побара зелен картон. Кога погледнав во неговата сообраќајна, забележав дека регистрацијата на возилото му е истечена и му реков: „Господине, вам ви е истечена регистрацијата на возилото неможете да извадите зелена карта мора прво да го регистрираме возилото“ Случајно, колешката го слушна ова и погледна во документите на својата странка, па изненадено извика: „Ау, господине, и вам ви е истечена регистрацијата!“ На тоа, нејзиниот клиент со насмевка одговори: „Па да, еве затоа сум тука, да го регистрирам возилото.“ Сите присутни се изнасмеавме на оваа синхронизирана случајност.

Click outside to hide the comparison bar
Спореди