Потврдата за исполнување на посебните техничко-експлоатациони услови е потребна за добивање на лиценца за вршење на јавен превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај. Со неа се потврдудва дека возилото е спремно за сообраќај во јавниот превоз кој се остварува заради некаква стопанска дејност.

Самата потврда за исполнување на посебните техничко-експлотациони услови се состои всушност од две потврди:

  • потврда за исполнување на посебните техничко-експлоатациони услови; и
  • потврда за исполнување на еуро норма на издувна емисија.

За издавање на потврдата се врши проверка на елементи на возилото, за кои станиците за технички преглед не се обврзани да издаваат потврда за исправност: носечка шасија и каросерија, надворешен изглед со натписи, погонскиот мотор, системот за сопирање (команди, елементи за снабдување со енергија, резервоарите за воздух, регулаторите на силата на сопирање, работните цилиндри, преносните компоненти и др.), системот за управување, системот за потпирање, системот за греење и вентилација. Кај возилата кои вршат јавен превоз на патници (автобуси, комбиња, такси возила) се прави контрола на патничкиот простор од аспект на хигиенско технички услови и сите барања согласно  ECE36 нормата.

Патничките моторни возила наменети за авто-такси превоз на патници покрај општите услови и стандарди треба да ги исполнуваат и прописите кои важат за издавање на лиценца за такси возила, како  баждарен фискален таксиметар, натписи и предупредувања, идентификациона картичка на возачот, волумен на багажен простор и сл.

Потврдата за техничко екслотациони услови се издава на период од 2 години за:

  • товарни возила постари од 16 години;
  • такси возила постари од 12 години; и
  • автобуси постари од 10 години.

Кај поновите возила важноста на потврдата соодветствува со важноста на лиценцата за превоз.

При барање за издавање на потврда за техничко експлотациони услови се врши уплата на:

  • административна такса во износ од 540 денари во корист на буџетот на Р.С. Македонија; и
  • административна такса во износ од 50 денари за секое поднесено барање.

 

Контакт лице: Зоран Бошначки

📱: 072-228-197

✉: zbosnacki@amsm.com.mk